Тамерланов индиски поход

Тимуровата индиска кампања се одвивала во периодот 1397-1398 година, кога Тамерлан извршил инвазија во северна Индија и започнал војна против султанот Насир Уд Дин Махмуд Шах, владетел на Делхискиот Султанат. Воената кампања завршила со победа на Тимур и целосно опустошување на северна Индија.

Хронологија

уреди
 
Престол на Тимур во Самарканд, фотографија од втората половина на XIX век
 
Делхискиот Султанат

На возраст од 61 година, Тимур се вратил во Самарканд каде што свечено бил дочекан. Во својата престолнина останал две години, каде што започнал големи градежни проекти. Но, Тимур никогаш не престанал да рамислува за освојувањата и покрај тоа што бил зафатен со разубувањето на Самарканд, започнал со подготвување на неговиот иден воен поход. Во овој период во Делхискиот Султанат, по смрта на Махмуд Насир уд Дин (1394 година) започнала граѓанска војна со која ослабнала оваа држава.

Тимур ја видел својата шанса за стекнување на уште поголема моќ и престиж. Од друга страна, Александар Македонски и Џингис Хан никогаш не успеале да навлезат во овој дел на Индија, тој сметал дека ако успешно го заврши овој поход ќе може да се издигне над нив [1].

Престолнината на Делхискиот Султанат се наоѓала само на 1 500 км од Самарканд, должината на патот не претставувала посебана тешкотија за Тимур и неговата армија, кои во минантото поминале и поголемо пространство. Меѓутоа, Тимур требало да се соочи со повеќе опасности во текот на овој поход.

Тој и неговите војници требале да го минат Хиндукуш и неговите врвови со 7 500 метри надморска височина. Меѓу останатото, во Хиндукуш се наоѓала и татковината на Нуристанците, народ што дури и Александар Велики не можел да го порази. По пат, Тимур и неговата армија требало да минат повеќе пустини и реки, а во Индија требало да се соочат со азискиот воен слон. Тимуровите војници на бојното поле немале искуство во водење борба со ова животно.

 
Тимур го победува султанот на Делхи, во зимата 1397-1398 г.
 
Индиската кампања на Тимур во 1398-1399 г.

И покрај сите овие пречки, Тимур бил решен да ја преземе Индиската кампања и во март 1398 година со армија од 90 000 души се упатил кон југ [2]. Во близината на Термиз ја минал реката Аму Дарја и се упатил кон Балх. Потоа, Тимур со помала група на војници ја напуштил главнината и започнал борба против Нуристанците.

Во текот на походот против овој народ дошло до влошување на времето поради кое Тимур изгубил повеќе војници. Времето не го поколебало Тимур. Тој бил решен да ги покори Нуристанците и да обезбеди сигурна позадина додека се наоѓа во Индија. Набргу, Нуристанците биле поразени, а Тимур како и во минатото, извршил масакар врз нив и наредил со нивните глави да бидат подигнати кули. Во август, Тимур пристигнал во Кабул [3].

Во октомври, Тимур и неговиот внук Пир Мухамед со голема тешкотија го освоиле градот Мултан, но патот кон престолнината на Делхискиот Султанат им бил отворен. Конечно, во декември Тимур и неговата армија пристигнале пред Делхи. Тука биле дочекани од армија во јачина од околу десет илјади коњаници, меѓу дваесет и четириесет илјади пешаци и 120 слонови кои биле подготвени да го бранат градот. Првиот судир се случил кога седумстотини коњаници на Тимур биле напанати, иако ова била незначајна битка, настанот имал големи последици. Додека Тимур и неговата армија се движеле во правец на Делхи, по пат успеале за заробат околу 100 000 Хиндуси. По судирот, Тимур наредил сите заробеници да бидат убиени [4].

На 17 декември, 1398 година дошло до голема битка. Султанот Насир Уд Дин Махмуд Шах, покрај пешадијата и коњаницата, на располагање имал и борбени слонови кои биле заштитени со панцирна мрежа, а нивните две долги и извиени коски биле премачкани со отров. Тимуровите војници, немале искуство во водење на битка со воени слонови, биле испалашени. Тимур им наредил на своите борбени трупи да ископаат ровови на своите предни позиции. Потоа, им наредил сите камили, кои неговата војска ги поседува, да бидат натоварени со дрва и сено. Кога борбените слонови го започнале нападот, им наредил на своите војници да го запалат товарот на камилите, кои биле принудени да тргнат во пресрет на слоновите. Тимур разбрал дека слоновите лесно ги фаќа паника и страв. Слоновите, соочени со дотогаш невидена ситуација, се завртеле и се упатиле кон позициите на султанот Насир Уд Дин Махмуд Шах. Во воените редови на овој владетел настанал хаос, а Тимур си обезбедил лесна победа.

По битката, престолнината на Делхискиот Султанат била опустошена и оставена во урнатини. Убивањата и грабежите траеле цели три дена, а оние што преживеале биле однесени во Самарканд, како робови. Потоа, Тимуровата армија се нафрлила врз северна Индија. Областите и градовите биле опустошени, житото било изгорено, а насекаде имало илјадници тела кои починале од болести или биле затруени од водата. Делхи закрепнувал речиси еден век од оваа катастрофална инвазија со каква никогаш не се соочил [5].

Наводи

уреди
  1. Marozzi (2005), p. 236-238
  2. Marozzi (2005), p. 242-243
  3. Marozzi (2005), p. 253-254
  4. Marozzi (2005), p. 263-264
  5. Marozzi (2005), p. 267-274