Сложувалка
Сложувалка[1] — загатка со сложување во која е потребно да се состават голем број мали парчиња кои често имаат необична плочеста форма и се вклопуваат едни со други. Секое парче на себе има мал дел од слика. Кога сложувалката ќе се состави прикажува целосна слика. На пазарот се појавија и понапредни видови сложувалки, како што се сферичните сложувалки и оние кои прикажуваат оптички илузии.
Сложувалката на почетокот се правела со сликање на некоја слика на рамно, четвртесто парче дрво, кое потоа се сечело на мали парчиња со помош на пиличка за резбарење (на англиски „jigsaw“, од каде и потекнува нејзиното англиско име – „jigsaw puzzle“). Лондонскиот картограф и резбар, Џон Спилсбери, е заслужен за комерцијализацијата на сложувалките околу 1760 година. Од тогаш сложувалките се прават главно на картон.
Типични слики кои ги прикажуваат сложувалките се оние со сцени од природата, згради и повторувачки дезени. Чести теми се и замоците и планините. Сепак, за да се направи сложувалка може да се употреби каква било слика, а некои компании за тоа ги нудат своите лични фотографии. Завршените сложувалки исто така можат да се залепат на потпора и да се користат како уметничко дело.
Во текот на последните години станаа достапни голем број на додатоци за сложувалки, како што се табли, кутии, рамки и подлоги што можат да се свиткаат. Тие се создадени за да им помогнат на ентузијастите во решавањетo сложувалки.
Изработка
уредиНајголемиот дел од модерните сложувалки се направени од картон поради тоа што тие се полесни и поевтини за масовно производство отколку дрвените модели. На картонот, пред тој да се исече, се лепи зголемена фотографија, репродукција на слика или некое друго дводимензионално уметничко дело. Потоа картонот се става во преса. Од пресата низ картонот се прободуваат сечила обложени со челик со посакувана форма, сè додека картонот целосно не се исечи. Оваа процедура е слична на онаа за правење на колачиња со форми, со помош на калап за колачиња. Но силата која тука се користи е многу поголема. За сечилата на калапот да навлезат во картон од типична сложувалка од 100 парчиња, потребна е преса што може да произведи сила од 700 тони. Калапот за сложувалки е рамна површина, често направена од шперплоча на која се исечени или жигосани отвори со иста форма како и сечилата кои се користат. Овие сечила се прикачуваат на отворите и се прикриени со материјал за истиснување, обично пенест каучук, кој ги истиснува исечените парчиња од сложувалката.
На почетокот на 1930-тите години, сложувалките се сечеле со големи хидраулични преси кои сега чинат стотици илјади американски долари. Парчињата биле добро исечени и убаво се вклопувале едни со други, но поради високата цена, само големите компании биле во можност да произведуваат сложувалки. Поновиот дизајн на преси со валјаци го постигнува истиот ефект за помала цена. До 1960-тите години, најголемиот произведувач на сложувалки бил Тауер Прес (Tower Press), купен од Вадингтонс (Waddingtons) во 1969 година.
Новата технологија овозможува дрвени или акрилни сложувалки да се исечат по ласерски пат. Предностите на сечењето со ласер е тоа што сложувалките можат да се исечат по желба во која било форма и големина, со колку било парчиња во различна големина. Многу музеи имаат акрилни ласерски исечени сложувалки од некои од нивните најважни уметнички дела, со цел децата кои го посетуваат музејот да можат да го видат оригиналното дело и потоа да ја состават сложувалката, која е во иста форма како и уметничкото дело. Акрилните сложувалки се користат затоа што парчињата се многу истрајни, водоотпорни и можат да се употребуваат често, без сликата да избледни или парчињата да се излитат и оштетат. Исто така, поради тоа што сликата и шаблонот за сечење на парчињата се прават со компјутер, парчињата можат да се направат без одново да се произведи целата сложувалка.
Варијанти
уредиСложувалките обично имаат големини од 300, 500, 750 и 1000 парчиња. Најголемата комерцијална сложувалка има 32 256 парчиња и димензии од 544 см и 192 см. Најчестиот распоред за сложувалките со 1000 парчиња е 38 парчиња на 27 парчиња, со вкупно 1 026 парчиња. Повеќето од сложувалките со 500 парчиња имаат распоред од 27 парчиња на 19 парчиња. Детските сложувалки се произведуваат во најразлични големини, според бројот на парчиња. Некои сложувалки се двострани и можат да се решаваат на која било страна. Ова ја отежнува работата, затоа што не може да се знае со сигурност дали парчето е свртено и споено со другите парчиња на точната страна.
Исто така, постојат семејни сложувалки, кои имаат 400 парчиња со три различни големини, големи, средни и мали. Парчињата се поставени од големи кон мали, движејќи се во една насока, или кон центарот на сложувалката. Ова им овозможува на едно семејство, или на играчи со различно ниво на вештина, да ја составуваат сложувалката истовремено. Овој посебен вид сложувалки го произведуваат компаниите како Спрингбок (Springbok), Кобл Хил (Cobble Hill), Равенсбугер (Ravensburger) и Санс Аут (Suns Out).
Исто така постојат тридимензионални сложувалки. Многу од овие се направени од дрво или стиропор, и треба да се решат по некој редослед. Некои парчиња не можат да се состават ако другите се веќе на место. Исто така чести се и кутиите-сложувалки. Тие се едноставни тридимензионални сложувалки, со мала фиока или кутија на средината за чување предмети.
Друг вид сложувалка, која се смета за тридимензионална се топките-сложувалки. Како и дводимензионалните служувалки, топките често се направени од пластика и составените парчиња формираат еден слој, но крајната форма е тридимензионална фигура. Повеќето од топките-сложувалки имаат форми кои претставуваат некои сферни фигури како Земјата и Месечината, и историски глобуси.
Постојат исто така компјутерски верзии на сложувалки. Предноста е во тоа што не постои ризик од губење на парчињата и исто така не е потребно да се расчистуваат. Многу од компјутерските сложувалки не овозможуваат ротирање на парчињата, па така сите парчиња се точно насочени. Така, овие сложувалки се значително полесни од обичните сложувалки со ист број парчиња.
Парчиња
уредиМногу сложувалки се сметаат како „потполно вклопувачки“. Ова значи дека соседните парчиња се поврзуваат на таков начин што ако се помести хоризонтално едно парче, се поместуваат сите, и тие остануваат споени. Понекогаш нивната врска е доволно цврста за да може да се крене еден составен дел, држејќи само едно парче.
Парчињата на некои од сложувалките кои целосно се вклопуваат имаат слична форма, со заоблени јазичиња на спротивните краеви. Страните кои се допираат до нив имаат соодветно исечени празнини во кои влегуваат јазичињата од соседните парчиња. Други сложувалки кои целосно се вклопуваат можат да имаат јазичиња и празнини кои се различно распоредени на секое парче, но тие обично имаат четири страни, па така бројот на јазичиња и празнини може да достигне до четири. Сложувалките кои целосно се вклопуваат и чии парчиња имаат исти форми, често наречени „Јапонски стил“, се најтешки, затоа што разликата во формата на парчињата може да биде многу мала.
Некои сложувалки исто така имаат парчиња со страни кои не се вклопуваат и кои се лесно закривени во сложени криви линии. Овие сложувалки се всушност најлесни за решавање затоа што има малку парчиња кои можат да се спојат со едно исто парче.
Повеќето од сложувалките се во форма на квадрат, правоаголник или круг. Тие имаат рабни парчиња, со една рамна или нежно заоблена страна, кои ја даваат формата на сложувалката, и четири парчиња за ќошовите, доколку сложувалката има форма на квадрат или правоаголник. Некои сложувалки имаат рабни парчиња кои се сечени како и останатите парчиња, без рамни краеви, за да бидат попредизвикувачки. Други сложувалки се така направени, за формата на целата сложувалка да дава некоја фигура, како на пример некое животно. Рабните парчиња, во овој случај, можат да варираат во својата форма во поголема мера.
Потенцијална превенција на Алцхајмеровата болест
уредиСпоред Друштвото за Алцхајмерова болест во Канада, решавањето сложувалки е еден од многуте активности кои можат да помогнат да се одржи мозокот активен и кои можат да придонесат во намалувањето на ризикот од Алцхајмерова болест.
Светски рекорди
уредиНајголемата комерцијално достапна сложувалка во светот била произведена од германската компанија Равенсбургер (Ravensburger) во септември 2010 година. Таа прикажува 32 дела на американскиот уметник Кит Харинг, содржи 32 356 парчиња и кога ќе се состави има димензии од 544 см и 192 см. Сложувалката со најголеми димензии достигнува површина од 5 428,8 м2 (58 435 квадратни стапки) и има 21 600 парчиња. Секое парче има димензии од 50 см и 50 см, максимална големина која е забележана во Гинисовата книга на рекорди. Сложувалката ја составиле 777 души, на 3 ноември 2002 година, на поранешниот аеродром Каи Так во Хонгконг.
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди„Сложувалка“ на Ризницата ? |
- Jigsaw-puzzle.org at Wayback Machine (November 2000)
- Jigsaw puzzle resources Архивирано на 4 јули 2018 г.
- I'm a puzzle - Tool for creating online jigsaw puzzles
- Бесплатни онлајн сложувалки (македонски)
- First jigsaw puzzle in the world with more than 50000 pieces
- Jigsaw Puzzles Wiki - Database for jigsaw puzzles with many pictures