Самовилски народни песни
Самовилски народни песни — митолошки народни песни што ги опеваат самовилите и нивните односи со луѓето.[1]
Во народното македонско верување самовилите се исклучително убави и секогаш млади девојки, а живеат во групи покрај планинските езера и реки, каде што често се бањаат. Поради верувањето дека живеат во тешко достапни предели, нивните средби обично се со овчарите. Како иреални суштества, самовилите градат необични градби (ѕид, кула, град, манастир) на необично место (под облаци, насред слано море) и со необичен материјал (Што диреци ми редеше, / се јунаци одбирани, / Што пармаци ми редеше, / сè девојки одбирани...). Тие често јаваат на сур елен, а за узди и камшик користат змии. Сурово го казнуваат секој што ќе се обиде да им се меша во нивниот свет. Чести се и нивните средби со Марко Крале, когошто некогаш го казнуваат, другпат тој им се одмаздува, но некогаш меѓу нив тој има и свои посестрими. Опеани се и натпреварите меѓу јунакот и самовилите, кога тој свири, а тие играат. Ако го надиграат, да му ги земат црните очи, а ако ги натсвири, да му ја дадат „Ѓурѓа самовила, најкрајна девојка“. Самовилите се среќават и во други односи со луѓето: ослепуваат човек, тераат робје, јавуваат дека некој е заробен или загинат, даваат совет, лекуваат или оживуваат човек, одведуваат луѓе и сл.[2]
̘
Кула прави Ѓурѓа самовила,
Кула прави на Косово рамно:
Темељ клава старите дедови,
Ај, дзидишта, ајди, стари баби;
Прозор, врата, ај, дробни дечиња,
Ај, покривач јубави девојки,
Ем девојки, јубави невести;
Ај, потпори све млади јунаци,
Све јунаци по једен на мајка, —
Ами једен, једен кусо дошло!
Ми се чуди Ѓурѓа самовила:
Кај да најди једен млади момок,
Млади момок, ај, једен на мајка?!