Романипен или романипе — поим што го претставува серомското себство, односно системот на правила и вредности за образецот на ромското културно себство. Овој поим некои автори го преведуваат како ромство. Поимот романипен бил усогласен во ноември 2003 година во Стразбур, кога во рамките на Советот на Европа се одржала јака расправа за прашањето за културното себство на Ромите.[1]

Рајко Ѓуриќ го дефинира романипен како заеднички именител на сето она што се смета или се верува дека се битни особености на Ромите, на просторот од Авганистан, преку Турција и Европа, до Америка и Австралија. Осман Балиќ вели дека романипен е збир на обичаи, правила и вредности за образецот на културното и националното себство на Ромите.

Полските социолози и ромолози Мирга и Мруз поставуваат прашања какво е себството на Ромите, како тоа се пројавува, на кои вредности се потпира, во однос на што е создадено и каква природа има етничката граница што ги дели од неромите. Неромските општества, за кои „сите Роми се исти“ и кои во нивните закони и политики не биле во можност да разликуваат групи (иако понекогаш се обидувале), биле од една страна (идеолошки) скаменети од „серомското себство“ што за разлика од преовладувачкото начело на животот на неромите. Од друга страна, во практичниот живот ја јакнеле потребата на Ромите да го истакнат себството на групата на која припаѓаат. Живеењето во согласност со вредностите нагласени од романипен претставува основа за поединец или одредени групи да се чувствуваат „вистински“ Роми.

Захариев вели дека концептот романипен е проблематичен бидејќи ги исклучува Ромите кои не живеат „традиционален“ начин на живот, кои имаат критички ставови за одредени елементи на традицијата и обичаите, се сметаат за претопени и неверодостојни Роми.[2]

Обележја на романипен

уреди

Ромските интелектуалци од целиот свет и Европа со години расправаат што може да се смета како романипен, односно кои се културните особености или обележја кои би важеле за сите Роми во светот. Социологот и ромолог Драгољуб Б. Ѓорѓевиќ од Нишката ромолошка школа вели дека тоа не е така лесно бидејќи има многу сомнежи и двоумења, Ромите се поделени во различни групи, па сè уште нема согласност околу тоа.

Повикувајќи се на одредбите на американскиот антрополог и ромолог Мет Сал, произлезени од проучувањата на американските Роми, Мирга и Мруз наведуваат седум мерила кои го исполнуваат поимот ромскост. Тоа се:

  • целосно семејство - припадност на група со раѓање
  • групна солидарност - се однесува на сите членови на групата кон нероми, јасна разлика помеѓу „Ние, Роми“ - „Гаџи, нероми“
  • зборување на ромски јазик
  • старост - старост значи поседување овластување во согласност со функцијата што ја врши, што резултира со специфичен однос на почит кон старите лица во ромското семејство.
  • модел на економска активност што не е контролирана од гаџи
  • голема просторна подвижност
  • почитување на правилата за церемонијална чистота.[3]

Наводи

уреди
  1. Tasić, Milena (25 октомври 2018). „Romanipen – kulturni identitet Roma“. Media&Reform.
  2. Denić, Slavica (2014). RODNI IDENTITETI I INTERKULTURALNOST: KRITIČKA ANALIZA AFIRMATIVNIH MERA NA VISOKOŠKOLSKIM INSTITUCIJAMA U SRBIJI: 2000-2013. GODINE. Novi Sad: Univerzitet u Novom Sadu, Asocijacija centara za interdisciplinarne i multidisciplinarne studije i istraživanja-ACIMSI rodne studije. стр. 44-46.
  3. Тодоровић, Драган. Културни идентитет Рома. Ниш: Универзитет у Нишу, Филозофски факултет.