Цензор (лат.: censor) е магистратска функција воведена во 443 г. п.н.е.[1], во Стариот Рим, кога од компетенциите на конзулот биле издвоени работите кои се донесуваат со цензус (попис) - проценување на приходите на граѓаните заради оданочување и нивно ставање во економските и воените оддели - центурии.

Цензорите биле чувари на државните финансии: ја одредувале висината на даноците и царевините, биле надзорници на јавните работи, надлежни за утврдување на списоците за потенцијални сенатори. Ги избирало народното собрание, обично од редовите на поранешните конзули. Должноста им била доверувана на двајца цензори, кои во почетокот имале мандат од 5 години, а подоцна 18 месеци. Тие имале законски имунитет и не биле одговорни никому, но не поседувале империум и не можеле повторно да бидат избирани на должноста.

Во хиерархијата, цензорите ја заземале позицијата помеѓу конзулите и преторите. Крајот на мандатот им бил обележуван со ритуално чистење (lustrum) со жртвување на некои животни (suovetaurilia). Пред крајот на Римската република цензорите ги изгубиле своите овластувања. Од времето на царот август нивната должност ја преземаат други службеници, т.н. куратори (curatores).

Задачи на цензорите

уреди
  • надзор на јавниот морал и обичаите (cura morum)
  • евидентирање на census civium (имотната состојба на граѓаните) и запишување на граѓаните во трибуните (секои пет години)
  • определување на државниот буџет
  • пополнување на Сенатот
  • право за исклучување на сенаторите од Сенатот поради неморал
  • право за бришење на equitum-от (витез) од цензус еквитумот (census equitum) (пописот на витезите во коњаничките центурии)
  • изнајмување на државниот имот и државните услуги на закупувачите
  • грижа за државните патишта, водоводи и храмови

Наводи

уреди