Реален Аикидо

(Пренасочено од Реален аикидо)

Историја на аикидото

уреди

Изворното аикидо потекнува од вештината аики-џицу, која што датира од 9 век од Јапонија. Истата била вклучена во борбената обука на самураите, базирајќи се врз техниката на одбрана. Оваа вештина ја изучувал и основачот на современото Аикидо, Морихеј Уешиба (1883 - 1969), познат на илјадници ученици на Аикидо во целиот свет како О Сенсеи - Големиот Учител. Како голем експерт во боречките вештини, не бил задоволен од ниедна, затоа што во сите имало премногу насилство, повредени или мртви. Уешиба сметал дека борбата чијашто цел е да го повреди или убие противникот треба да се забрани.

Сите овие причини го натерале Уешиба да го создаде својот систем во 1925 г., којшто го нарекол Аикидо. Со тоа тој направил голем скок од ЏИЦУ, кон ДО системот, односно кон неборечките вештини. Меѓутоа сè до 1948 година Аикидо не бил познат надвор од Јапонија, заради тоа што Уешиба не сакал да им даде на луѓето во раце една многу опасна вештина. Но, ситуацијата се менува после Втората светска војна, кога Аикидо зема голем замав.

Суштината на сите Аикидо техники, е во употребата на сферични движења околу стабилен, исполнет со енергија центар. Дури и кога во некоја техника се чини дека се употребува само еден дел од телото, набљудувајќи одблиску се открива дека движењата во Аикидо се всушност целосни телесни движења. Правилно изведени, некои техники се спектакуларни, фрлајќи го противникот во воздух. Другите се мали, брзи движења кои го здрвуваат или го прават неподвижен противникот. Тоа се постигнува преку употреба на силата на лост, инерција, гравитација и акцијата на центрифугални и центрипетални сили. Во глобала, тоа е енергијата на самиот напад која што го руши напаѓачот.

Вежбањето Аикидо, опфаќа широко подрачје на стилови и тренинг, и им дозволува на луѓето да тренираат врз основа на нивните поединечни нивоа и развој.

Реален аикидо

уреди

Реалниот аикидо претставува стил на Аикидо кој го оформил Љубомир Врачаревиќ, Аикидо Мајстор 10 ДАН. Тоа е практична и ефикасна вештина за самоодбрана која што ги применува супериорните одбранбени техники засновани врз законите на природата. Карактеристична е примената на атеми ваза (збунувачки удари) во виталните точки коишто служат за свртување на вниманието на противникот што е сосема доволно непречено да се заврши техниката. Својата кулминација Реалниот Аикидо ја достигнува при одбрана од повеќе напаѓачи. Основна одлика е константно, флуидно и рационално движење, со изведување на ефикасни техники коишто овозможуваат многу сигурна и квалитетна самоодбрана. Примената на оваа комплексна вештина ја зајакнува концентрацијата, координацијата, волјата, решителноста, самодовербата, се зголемува отпорноста на стрес и слично. Основна поставка на Реалниот Аикидо е делотворно да се совлада противникот, а притоа физички да не се повреди. Меѓутоа, во случај на таква потреба, може да биде и многу опасно оружје.

АИКИДО ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА - РЕАЛЕН АИКИДО

уреди

Во Република Македонија Аикидо започнува континуирано да се изучува од 1986 г. под водство на Г-дин Ѓуро Илиќ, најпрво во рамките на Џудо клубот "Пелистер" од Битола како Аикидо секција која подоцна прераснува во Аикидо Клуб "Пелистер". Од почетокот на 1996 г. егзистира "Аикидо Сојузот на Македонија" со седиште во Битола, кој подоцна прераснува во "Аикидо Федерација на Македонија - Реален Аикидо".

СВЕТСКИ ЦЕНТАР ЗА РЕАЛЕН АИКИДО

уреди

Љубомир Врачаревиќ во 1993 г. го основа Светскиот центар за Реален Аикидо, организација која го насочува работењето на националните федерации од преку 30 држави од 4 континенти.

Љубомир Врачаревиќ со Аикидо започна да се занимава од 1968 г. До тогаш тренирал Џудо и Џиу Џицу, при што стекнува титула мајстор на овие вештини, а воедно продолжува да се усовршува кај мајсторот Хироши Таде - 9 ДАН. Од тогаш интензивно работи на пропагирањето на Аикидо. Во 1978 година првпат оди во Јапонија и тренира кај Кишомару Уешиба 10 ДАН, син на основачот на Аикидо Морихеј Уешиба. Програмите за специјална обука на војската, полицијата и телохранителите му донесуваат меѓународна репутација. Почитувајќи го знаењето на јапонските мајстори, Врачаревиќ го усовршува својот стил на работење. Издвоил повеќе од сто техники, со чиешто прочистување и применување на знаењето од другите боречки вештини ја засилува ефикасноста и применливоста на техниките, со што го создал својот стил - Реален Аикидо. Тоа е одлично флексибилен и широко применлив систем на одбранбени техники. Неговото комбинирање е според барањата во одредени ситуации, преку добро движење коешто е мошне важен елемент со кој се постигнува максимална ефикасност. При второто доаѓање во Токио, 1993 година во Јошинкан, Врачаревиќ се запознал лично со Гозо Шиода 10 ДАН, и добил сертификат за учество на семинарот, како потврда за прифаќањето на Реален Аикидо од страна на големиот мајстор Шиода. Месец подоцна тој добива дозвола да ја посети Царската палата, и во таа пригода се запознава и разменува искуства со главниот инструктор на царската гарда. Врачаревиќ е носител на титулата Академик на Аикидо доделена од страна на Руската Академија. Од 1996 година Љубомир Врачаревиќ е професор на Вишата школа за спортски тренери на Белградскиот Универзитет, а од 1998 година во Белград почнува со работа неговата школа за професионални телохранители. На 9 август во Далас - Тексас, на мајсторот Љубомир Врачаревиќ, доделена му е најголемата титула во боречките вештини - 10 Дан - Соке, како основач на стилот Реален Аикидо. Со ова унапредување, највисоко во светот на боречките спортови и вештини, Љубомир Врачаревиќ влезе во друштвото на малубројните основачи на стилови и избрани врвни светски мајстори. Мајсторот Врачаревиќ чие име во 2002 година беше запишано во "Куќата на славните" со титулата Гранд Мастер, во 2003 година стана член на Меѓународниот совет на големи мајстори (International Martial Arts Headfounders Grand Masters Council, носители на 10 Дан во различни боречки вештини) како и директор на истата институција за Југоисточна Европа. Со сите овие признанија Реалниот Аикидо влезе во класификацијата на боречките вештини како автентична боречка вештина. Со добиените бројни покани за презентирање на Реалниот Аикидо на неколку големи семинари ширум Америка, како и остварените бројни контакти со други организации и асоцијации на боречките вештини, а пред сè презентираниот квалитет на Реалниот Аикидо пред Меѓународниот совет на големите мајстори, Реалниот Аикидо како најефикасна вештина на самоодбрана на широка врата влегува и на Американскиот континент.

Надворешни врски

уреди