Оваа позиција настанала по 29 потег на црниот, 29...Dе7 во партијата меѓу Михаил Ботвиник и Хосе Раул Капабланка, одиграна во 1938 година.
Во настанатата позиција, црниот има материјална предност, која изнесува еден пешак, но затоа белиот има силен пешак на е6. Со потегот 29...Dе7, основната цел на црниот е да го запре напредувањето на пешакот и да се подготви за игра со пешаците на дамското крило, што му овозможува на белиот со одлична комбинација да ја добие партијата. На ова место, Ботвиник одиграл 30.Lа3! Сега, црниот е принуден да ја земе понудената жртва, бидејќи доколку отстапи со дамата, белиот би напредувал со пешакот на е7 и лесно би ја добил партијата по Dd6 и Dd8, што е неодбранливо. Затоа, црниот е принуден да одигра 30...Dxa3, како што и одиграл Капабланка. Сега, патот на белиот пешак е ослободен, а единствена пречка за промоција на е-пешакот претставува коњот на f6. Така, на ова место, Ботвиник жртвувал и втора фигура, играјќи 31.Sh5+!. Повторно црниот е принуден да ја прими жртвата, бидејќи во спротивно брзо би загубил. Така, по 31...Кh8, следува 32.Dxf6+ Кg8 33.Dg7#, по 31...Кg8 32.Dxf6 и црниот нема одбрана против матот на g7, додека по 31.Кf8, следува 32.Dxf6 Ке8 33.De7+ Kd8 34.Dd7#. Се чини најголем отпор нуди потегот 31...Кh6, но по 32.Sxf6, белиот е во голема предност. Поради тоа, следува 31...gxh5, по што Ботвиник продолжил со 32.Dg5+ Kf8 (или 32...Кh8) 33.Dxf6 Kg8 34.е7. По овој потег, белиот се заканува да матира, играјќи Df8#, па единствена шанса за црниот е да се обиде да ремизира со вечен шах. Но, по 34...Dc1+ 35.Kf2 Dc2+ 36.Kg3 Dd3+ 37.Kh4 De4+ 38.Kxh5 De2+ 39.Kh4 De4+ 40.g4 De1+ 41.Kh5, како што и било одиграно во партијата, црниот не може повеќе да објавува шах, па на ова место Капабланка се предал.