Поречки октоих петтогласник
Поречки октоих петтогласник, македонска безјусова редакција, од средината на XVI век со дополнение од средината на XVI век, т.е. од 1574 година.
Хартија: 29,5 х 19 см.; 178 листови. Основниот ракопис од л. 31-56, 60-110, 117-143 и од 147-175 е од средината на XV век. Дополнението е направено во средината на XVI век, веројатно на изгубените листови. Размер на текстовното поле во основниот ракопис е 23 х 15 см., а во дополнението 22,3 х 13 см. Тетратки по 8 листа, нумерирани во почетокот и на крајот од секоја свеска со кирилски букви, но доста пореметено поради дополнението. Ракописот со дополнението е комплетен со мали пропусти. Во 1758 година ракописот е укоричен и обновен. Листовите 1-3 и 176-178 што се додадени при укоричувањето во XVIII век не се испишани. Листот 123 при укоричувањето обратно е ставен.
Писмо: Во основниот ракопис од средината на XV век има по 13 реда убаво полууставно писмо во две колони. Правописот е едноеров, само малиот ер, без траги од ресавскиот правопис. Акцентот се употребува доста ретко, а кендемата почесто. Од интерпункцијата употребена е точката, а поретко и запирката.
Вториот ракопис, т.е. дополнението од средината на XVI век содржи по 29-30 реда покрупно полууставно писмо во две колони. Правописот е двоеров под влијание на ресавската правописна школа. Големиот ер обично се употребува во предлозите и претставките, а малиот ер на крајот од зборот. Употребува ѕ (ѕѣлѡ) и др. Од надредните знаци употребен е акцентот, но недоследно, и кендемата за означување на должината. Интерпункцијата е означена со точка и запирка. Насловите и почетните букви во двата ракописа се со црвено мастило, а останатиот текст со кафено мастило. Водени знаци: I (основен ракопис). Непознат тип „змеј со крилја од двете страни“. „Полумесечина“.
II (дополнение). „Сидро во круг“ со контрамарка.
Орнаментика: Нема. Во почетокот на л. 4 има тесно примитивно знаменце со кафено и црвено мастило. Насловите и почетните букви се поголеми и со извесна доза на првичност.
Повез: Две штички завиткани во орнаментирана кафена кожа со остатоци од копчиња за закопчување. Подврзието е направено во XVIII век.
Содржина: Октоих од V-VIII глас.
Потекло: Ракописот е најден во с. Бенче - Македонски Брод, во 1988 година.