Планинарски дом „Дервен“

„Дервен“ (латиница: Derven) е планинарски дом на планината Бабуна, на височина од која има извонреден поглед кон Прилеп и неговата околина, кон планините Мукос и Селечка. Домот е изложен долго време на сонце, но истовремено и на ветрови кои постојано дуваат[1]„Дервен“ претставува еден од малкуте планинарски домови на Балканот кои имаат оригинална, исклучително цврста кружна градба од камен и бетон која и покрај претрпениот пожар опстојува како туристичка атракција.

Планинарскиот дом „Дервен“

Местоположба

уреди

“Дервен” со својата местоположба и локација е еден од најспецифичните планинарски домови во Македонија. Се наоѓа на планината Бабуна, близу до стариот пат Прилеп – Велес, над планинскиот премин Присад (1098 м). Од Прилеп е оддалечен околу 18 km. Самата планина Бабуна се протега од Голи Рид (1455 м) на север, до превојот Плетвар (994 м) на југоисток, во должина од 22 km. Највисок врв е Козјак (1747 м) во јужниот дел, над превојот Плетвар. Поради големата расчленетост на одделни ограноци, Бабуна има различни локални имиња: Борула Планина, Мукос, Злато, Дреновска Планина и др. До планинарскиот дом може да се дојде пеш, но и со теренско возило по макадамскиот пат, на кој има и маркации. Патеката е интересна и привлечна со поглед на природните убавини на Прилепското Езеро, манастирот Св.Ѓорѓија и едно од најголемите копови за мермер, Сивец, каде има неколку мали вештачки езерца. Посебен восхит е погледот од планинарскиот дом кон градот Прилеп, кон Селечка Планина и повисоките врвови на Бабуба како што се: Мал Мукос, Маркови Кули и др. Домот има присојна (јужна) експозиција, осончан речиси преку целиот ден, но со силни ветрови во овој гребенест дел[2].

Изградба

уреди

Изградбата на домот е започната 1951 година а завршена во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта. Во 1955 година предаден е на управување на Планинарското друштво - „Козјак" од Прилеп кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба. Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Има две големи простории во кои се сместени околу 50 кревети. Има кујна и трпезарија опремени со потребната опрема кои може да им служат на посетителите. Има и помошни простории и соба за домарот на домот.

Опожарување

уреди

На 1 март 1997[3] година, домот е опожарен и целосно руиниран. Останати се само камените руини од домот. Од 2013 година планинарското друштво Козјак е во преговори со општината Прилеп за возобновување на домот и ставање во функција[4]. Традиционалното искачување „Козјак '97“ за првпат е одржано во 1997 година.  Името на ова искачување „Козјак '97“ е во спомен за планинарскиот дом Дервен кој изгоре во март истата година. Искачувањето се организира една недела после православниот христијански празник Дуовден (Духовден).

Сместувачки капацитети

уреди

Во трпезаријата и домот по потреба можело да се сместат околу 72 планинанри. Домот бил постојано отворен. Имало домар и домаќинка кои се грижеле за редот и чистотата. Во домот имало телефон, радио и телевизор. Имало електрично осветлување, водоводна инсталација, умивалници и бања. Во домот можело да се добие храна, пијалак и други прехранбени производи, а можело да се подготвува и сопствена храна. Околината на домот била уредена ливада со планинска трева. Имало и бавча која ја обработувале домарите.

Привлечни одредишта

уреди

Најпривлечни одредишта од домот се: највисокиот врв на планината Бабуба – Козјак (1747 м) кој е оддалечен околу 5 часа пешачење, врвот Мал Мукос, кој е оддалечен околу 2-3 часа, Голем Мукос, Студеница, Кадиница и манастирот Степаница (2-3 часа пешачење), Mанастирот “Св. Богородица – Трескавец”, “Златоврв” (1422 м) и други. Инаку, планината Бабуна е исклучително богата со вегетација и жив свет како и разновидни денудациски форми: Маркови Кули, Кукол, Златоврв. Непосредно пак до “Златоврв” (1422 м), на огранокот познат како Злато е манастирот “Св. Богородица – Трескавец”, еден од најстарите и најубавите во нашата држава. Името „Злато“ овој дел од планината го добил поради присуството на минерали во карпите кои при силен сјај од Сонцето блескаат како злато[2].

Пристап до домот

уреди

Домот се наоѓа над стариот пат Велес - Прилеп, преку планината Бабуна[5]. Оддалечен е од Прилеп околу 20 km. Може да се дојде пеш или со автомобил. Патот е маркиран со видни маркици. До домот може да се дојде и со приодот од Велес кон Прилеп.

Можни излети

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Стаменков, м-р Владо (1987). Водич по планинарските домови во Македонија. Скопје.
  2. 2,0 2,1 „Планинарскиот дом "Дервен" – оставен на забот на времето…“. ИГЕО-ПОРТАЛ. Посетено на 2017-10-08.
  3. „IDIVIDI - На денешен ден“. www.idividi.com.mk. Посетено на 2017-10-08.
  4. „19то Традиционално искачување „Козјак '97" - врв Козјак 1747 мнв“. K4T.mk. Посетено на 2017-10-08.
  5. „Планинарски дом „Дервен" - OLDPRILEP.COM“. OLDPRILEP.COM. 2012-02-21. Архивирано од изворникот на 2016-03-17. Посетено на 2017-10-08.

41°26′N 21°37′E / 41.433° СГШ; 21.617° ИГД / 41.433; 21.617