Петар Охмучевиќ ( – 1599) бил шпански морепловец и адмирал.

Биографија

уреди

Семејството Охмучевиќи, по доаѓањето на Турците, од Босна пребегало во Дубровничката Република. Во Дубровничката Република семејството Охмучевиќи се збогатило, и тоа со морепловство, бродоградба, со поморска трговија, а особено со трговија на жито. Бродовите на ова семејство пренесувале жито од Македонија и од Тесалија и го препродавале во Дубровник и Италија. Од ова семејство најмногу се истакнал Петар Охмучевиќ (или, на шпански, don Pedro). Петар Охмучевиќ станал добар морепловец во служба на Шпанија. Пловел во Индија, се одликувал во освојувањето на Португалија од страна на Шпанија (1580). Во 1588 година е веке командант на една шпанска ескадра од 12 големи бродови. Со оваа ескадра земал учество во походот против Англија. На крајот стасал до чинот адмирал. Меѓутоа, амбициозниот Дон Педро Охмучевик не можел да се помири со фактот дека не му се признавало племство.

Иако станал адмирал, не можел да стане член на истакнатите благороднички редови Калатраве, Алкантаре и Св. Јаков од Компостеле. Петар Охмучевиќ сакал да им докаже на овие Шпанци дека и самиот бил од благородничко потекло. Тој многу се трудел да го докаже своето благородничко потекло, но условите биле мошне строги. Требало да докаже дека осум предци, четворица прадедовци и четири прабаби биле благородници и дека во семејството немало Евреин, еретик, ни муслиман, дека сите биле родени во законити бракови и дека сите биле во католичка вера. Поради недостиг на вакви докази, тој почнал да се служи со разни фалсификати и од 1580 година почнал да прави генеалошки и хералдички фикции докажувајќи дека води потекло од Реља Охмучевик, феудалец околу Костур, во народните песни наречен „Хреља Крилатица“ и дека бил „od jasne i prisvitle obitelji i kuće kneza Relje Ohmučevića, trinaest poroda po muškoj krvi od kojizih izajdošo bani od Kostura u Makedonii". Петар Охмучевиќ почнал да докажува како неговиот предок Реља Охмучевиќ ги добил, во 1349 година од царот Душан, на управување градовите Костур, Лерин, Новиград и Прилеп со титулата бан. Историски е сепак докажано дека, кога цар Душан ja освоил Јужна Македонија, донесувал свои доверени луге од Хум и од Требиње и им давал поседи. Така, Бранко Младеновиќ од Требиње бил упатен во Охрид. Црквата Богородица Захумска во Охрид е спомен за тие семејни врски од Захумле. Углеша Мрњавчевиќ од Требиње добил место во Серес.

Реља Охмучевиќ исто бил од Босна. Значи, некои поединости што ги наведувал Петар Охмучевиќ биле точни, бидејки историски факт е дека за време на цар Душан има едно движење на властелата од западните краишта на Душановата држава во новоосвоените краишта во Македонија. Така и Реља Охмучевиќ дошол во Македонка да прави кариера и станал „duca du Kastorija“. За да го покаже своето благородничко потекло, адмиралот Петар Охмучевиќ почнал да прибира разни фалсифицирани повелби. Цели десет години прибирал што верни, што фалсифицирани повелби. Најважна е онаа повелба што, божем, била издадена од цар Душан во 1349 година, во која се вели дека Реља Охмучевиќ добил повластици за свое „мудро и витешко послужение“ — градовите Костур, Лерин, Прилеп, Новиград и др. со планините, селата, шумите, реките, водите, бродовите, водениците, царинарниците, ловиштата итн. Според таа повелба, Реља станал „бан костурске државе и све Маћедонске земље“. Сведоци на оваа повелба се Волкашин Мрњавчевиќ, Лазар Гребељановиќ, Вук Бранковиќ, Балшиќи и други крупни имиња што требало да ja подигнат вредноста на оваа лажна неправа. Треба да се напомене дека Душан божем ja издал повелбата во „столному граду Охриду“.

Грбовникот на Охумчевиќ

уреди
 
Фиктивниот грб на Душановото царство според грбовникот на Охумчевиќ

Така Петар Охмучевиќ се снабдил со пет лажни повелби што го докажуваат неговото благородничко потекло. Но, на Петар Охмучевиќ не му биле доволни само повелбите, тој почнал да собира и да составува грбови на своите претци и роднини и со нив — како што тогаш било вообичаено — го докажувал своето благородништво. Тука бил и почетокот и на илирската хералдика. Измислените или собраните грбови ги споил во еден зборник и прогласил божем бил составен уште во 1340 година и пронајден меѓу светите книги на Света Гора во Македонија. Така се појавил првиот југословенски хералдички зборник. Бидејќи Петар Охмучевиќ докажувал дека неговиот род имал поседи околу Костур во Македонија и бидејќи претендирал на нив (во случај, да еден ден, тие се ослободат од Турците); затоа било нормално во зборникот да влезе и грбот на Македонија. Така првиот илирски грбовник настанал за потребите на адмиралот Петар Охмучевиќ во Дубровничката Република, меѓу 1584 и 1594 година. Во создавањето на првиот грбовник неоспорна била и улогата на учените фрањевци, кои му биле соучесници. Грбовникот бил работен по углед на дотогашните грбовници што ги имало во Европа.

Литература

уреди