Патот на Алија Ѓерзелез

Патот на Алија Ѓерзелез (српски: Put Alije Đerzeleza) - расказ на писателот Иво Андриќ.

Корица на изданието од 1920

Содржина

уреди

Прославениот борач Алија Ѓерзелез пристигнува во еден ан во близината на Вишеград и таму здогледува една убава жена од Венеција. Во него веднаш се раѓа болна страст кон неа и почнува да пие, додека присутните во анот прават шеги на негова сметка. Кога го сфаќа тоа, Алија се разбеснува и сите луѓе бегаат од анот. Тогаш, тој повторно ја здогледува жената и пијан тгрнува кон нејзината соба, но таа му ја затвора вратата. Неколку дена подоцна Алија талка наоколу по ановите, се опива и тагува за убавата жена. За време на една пијанка, тој ја здогледува убавата Циганка Земка и повторно во него се разгорува страста, но таа успева да му побегне. Потоа, долго време Алија патува низ царството, а пред Рамазан доаѓа во Сараево, каде случајно ја здогледува убава девојка. Тој дознава дека таа се вика Катинка и дека поради нејзината голема убавина постојано ја чуваат заклучена дома. Неколку дена, Алија седи спроти нејзината куќа, а потоа дознава дека Катинка ја однеле на непознато место. Повторно, неговото срце е скршено и тој се прашува, зошто неговата сила и слава не се доволни да го најде патот до жената. Разочаран, Алија оди во куќата во која живее проститутката Екатерина.[1]

Осврт кон делото

уреди

„Патот на Алија Ѓерзелез“ е првиот расказ на Андриќ, во кој главниот лик и темата се преземени од народниот еп. Сепак, во расказот, визијата од народниот еп е заменета со стварноста на прозаичниот живот, каде што главниот јунак е само трагична жртва на своите илузии. Така, легендарниот лик од народната поезија кај Андриќ е изобличен од личните порази, станувајќи трагикомичен јунак. Во реалниот живот, јуначката сила на Алија е немоќна пред недофатливиот лик на жената, а наместо јуначката слава насекаде го дочекува исмејувањето. Така, смешен во трагичната осаменост, јунакот патува по патиштата поплочени со скепса и илузии. Со овој расказ, Андриќ внел нова свежина во српската и во југословенската проза – спиритуален однос кон животот во човечката природа и во психата. Во расказот, тој проговорил посуптилно, посложено за немирите во човековото срце, за сонот во човековата природа и за трагикомичноста на илузијата.[2]

Наводи

уреди
  1. „Put Alije Đerzeleza“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 46-67.
  2. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 161-162.