Паралелен заем
Паралелен заем (англиски: Parallel loan) — финансиски аранжман во кој две претпријатија меѓусебе си одобруваат заеми во две валути. Паралелниот заем е претходник на валутниот своп.
Одлики
уредиПаралелните заеми биле создадени во раните 1970-ти со цел да се заобиколат девизните контроли во Обединетото Кралство. Во тоа време, за да ги поттикне домашните инвестиции, британската влада вовела данок на девизните трансакции. Паралелниот заем вклучува четири учесници, на пример, британска фирма, нејзината подружница во Канада, канадска фирма и нејзината подружница во Британија. Ако британската фирма сака да ја финансира инвестицијата на нејзината подружница во Канада, таа треба да земе заем на домашниот пазар (деноминиран во фунти), а потоа фунтите да ги претвори во канадски долари. Меѓутоа, ако на таа трансакција се плаќа данок, тогаш британската фирма ќе настојува да го избегне данокот, а тоа може да го направи со паралелниот заем. Имено, двете фирми (британската и канадската) може да се задолжат на домашните пазари (британската фирма да земе заем во фунти, а канадската во долари), а потоа британската фирма да ѝ даде заем на британската подружница на канадската фирма, додека канадската фирма да ѝ даде заем на канадската подружница на британската фирма. На тој начин, бидејќи целиот аранжман се извршува на домашните пазари, односно не вклучува никакви девизни трансакции, двете фирми можат да ги избегнат девизните контроли. Сепак, паралелните заеми имаат и слаби страни, затоа што е потребно време за да се пронајде друга фирма која има спротивни потреби од првата. Ваквата потрага може да потрае подолго време или да биде неуспешна. Освен тоа, паралелниот заем, всушност, се состои од два посебни заема кои се независни еден од друг. Оттука, ако едниот должник не го врати заемот, должникот во другиот заем сè уште е одговорен за својата обврска.[1]
Наводи
уреди- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 257-260.