Пазарниот неуспех во микроекономијата не значи дека одреден пазар прекинал со функционирање. Пазарен неуспех е ситуација во која одреден пазар неефикасно го организира производството или неефикасно ги алоцира добрата и услугите. Економистите овој термин го применуваат во ситуации кога има драматично неефикасно алоцирање на добрата и услугите, или кога има препораки дека некои други институции можат поефикасно да ги алоцираат ресурсите. Од друга страна, политичарите го користат изразот пазарен неуспех кога механизмот на пазарот не работи за јавниот интерес.

Додека фабриките и рафинериите обезбедуваат работни места и плати, тие се исто така пример за неуспех на пазарот, бидејќи наметнуваат негативни надворешни ефекти врз околниот регион преку нивните загадувачи во воздухот.

Четирите вида или причини за пазарен неуспех се:

  • Mонополите или други видови на злоупотреба на пазарната сила каде што еден учесник на пазарот може значајно да влијае врз цените или производството. Ваквата пазарна злоупотреба се регулира со антитрустовски регулации.
  • Екстерналии се случуваат кога пазарот не го зема предвид влијанието на активностите на неговите учесници врз аутсајдерите. Има позитивни и негативни екстерналии. Пример за позитивна екстерналија е образованието, имено активноста на образовните институции покрај тоа што им носи доход на образовните институции, исто така има и позитивен ефект врз целата држава. Пример за негативна екстерналија е кога некоја компанија ја загадува околината и со тоа влијае врз учесниците надвор од пазарот. Екстерналииите се регулираат преку владина контрола, даноци, субвенции или преку сопственички права кои ќе ги принудат компаниите да го земаат предвид загадувањето.
  • Јавни добра се добра чие користење не е возможно да биде ексклузивно на едно лице, и од чие користење некои лица не можат да се исклучат. Такви примери се јавното зеленило, националната одбрана, јавното здравство и др. На пример, едно лице не може да се исклучи од одбранбениот систем на земјата, исто како што не може едно лице само да си организира одбранбен систем. За да се задоволат овие потреби, државата ги обврзува луѓето да плаќаат даноци со кои подоцна се финансираат сите тие јавни добра.
  • Случаи на пазарот кога има асиметрични информации, односно несигурност или неефикасни информации. Асиметричните информации постојат тогаш кога една страна во една трансакција има подобри информации од другата страна. На пример, продавачите на половни автомобили знаат една кола дали служела како приватно возило или како такси, но ако таа значајна информација не му биде достапна на купувачот, тогаш постојат асиметрични информации. Вообичаено продавачот знае повеќе за производот од купувачот, но не е секогаш така, на пример во случајот на продажба на полиси за животно осигурување, купувачот на полисата има подобри информации за сопственото здравје од продавачот.

Терминот асиметрични информации првпат го употребил Џорџ Акерлов во статијата Пазарот на лимони од 1970. Во истата статија, Акерлов, забележал дека на пазарите каде постојат асиметрични информации цената на добрата има тендеција да паѓа, дури и за тие добра со добар квалитет. Тој го објаснува тоа со несигурноста на купувачот, купувачот не знае дали доброто ќе биде од добар квалитет или од лош квалитет и следствено сите добра ги вреднува пониско.

Конкретни пазарни неуспеси

уреди

Безбедност на автомобилите: Автомобилската индустрија се бореше со децении за да спречи задолжителни појаси, воздушни перничиња и други критични безбедносни елементи. Бидејќи додавањето на такви уреди за спас на живот ги крати профитите.

Автомеханика: Крајната сметка ќе ја надмине првичната проценка. Уште полошо: механичари кои прават непотребни поправки.

Борбата на такси компаниите: Вие сакате најниска можна цена, но вашиот таксист сака највисока цена. Како резултат, најкраткото растојание помеѓу две дестинациски точки е често искривена линија.

Индустрија за кабли: По дерегулацијата во 1984 година, цените на кабелот се зголемија, квалитетот на програмирањето опадна, а давателите на услуги започнаа да ги продаваат своите канали во неделиви блокови за да ги спречат претплатниците да гласаат со нивните долари. Од 1986 до 1990 година, цената на основната услуга порасна за 56 проценти – двојно поголема од стапката на инфлација.

Претприемнички систем за специјални интереси: Па, кој го подмитува американскиот Конгрес? Во 1992 година, корпорациите формираа 67 проценти од сите комитети за политички акции и донираа 79 проценти од сите придонеси за политичките партии. Ова претставува дилема за верниците во невидливата рака: како тие ја осудуваат денешната влада без да го осудат слободниот пазар што ја контролира? Подобра алтернатива: демократија.

Помош за претпријатијата: Приватното претпријатие е доста вешто во прехранување од јавното корито, и покрај неговиот антагонизам кон владата. Еден од најпознатите примери е лобито за волна и мохер, кој добива 100 милиони долари годишно за производ на Пентагон кој повеќе не му треба. Проценките за помошта на претпријатијата се движат од 85 до 800 милијарди долари годишно.

Реката Кајахога: Оваа река во Охајо била толку загадена од индустриски отпад што се запалила трипати. Владата интервенира и нареди расчистување од 1,5 милијарди долари. Денес, реката е чиста.

Фармацевтска индустрија: Според д-р Џорџ Силвер, професор на Медицинскиот факултет на универзитетот Јејл, околу 22 проценти од 6 милијарди дози на антибиотска медицина секоја година се препишени во поголеми количини отколку што е потребно, што резултира со 2000 до 10 000 непотребни смртни случаи годишно.

Експлозивниот Форд Пинто: Форд со години знаеше дека ќе чини само 11 долари за еден Пинто за да ги поправи неисправните резервоари за гас што експлодируваа при удар. Компанијата одлучи наместо тоа дека е поевтино да ги остави своите клиенти да изгорат и да им исплатат отштета на жртвите или на нивните семејства.

Излевање на нафта на „Ексон–Валдез“: Нафтената индустрија долго време се бореше да ги укине законите кои наложуваат двослојни танкери за нафта. И, оние неколку мерки за расчистување на нафтените дамки кои постоеја кај заливот Принс Вилијам беа оние што законодавците ги наложија. Овие мерки пропаднаа ужасно кога еднослојниот танкер на Ексон-Валдез се насука и истури 11 милиони литри нафта во најживописните води на Алјаска.

Глобално затоплување: И покрај фактот дека Националната академија на науките е „90 проценти сигурна“ дека се случува глобалното затоплување, индустријата за фосилни горива се спротивставува на сите промени. Дури ја формираше „Глобалната климатска коалиција“, група за односи со јавноста што се обидува да ја убеди јавноста дека глобалното затоплување е мит.

Осиромашување на озонската обвивка: Потребни беа сè повеќе научни предупредувања од 1975 до 1986 година, пред хемиската корпорација Dupont дури и да признае дека хлорофлуоројаглеродите се одговорни за уништување на озонската обвивка. Оттогаш, оваа корпорација одолговлекуваше до целосна забрана на хемикалиите кои го уништуваат озонот.

Загадување: Ова е веројатно најпознатиот пример за неуспех на слободниот пазар. Обично, загадувањето со фрлање е поевтино отколку да се третира отпадот. Но, бизнисите спроведуваат рекламни кампањи со билборди за да ја убедат јавноста дека се неприкосновени заштитници на животната средина. Еколозите овие пропагандни напори ги нарекуваат „еко-порнографија“.

Осигурителни компании: Оваа индустрија е позната по тоа што се бори со сопствените клиенти на суд за да избегне исплаќање на осигурувања. Ги блокираше пациентите со медицинска состојба што започнала пред да стапи на сила здравственото осигурување, допуштајќи им да умрат за да си го зачува профитот. Го намали престојот во болница за пораѓачки мајки на 24 часа за да ги намали здравствените трошоци.

Jack in the Box: Во 1993 година, труење со ешерихија коли од недоволно приготвени хамбургери уби три деца од Сиетл и разболи стотици други. Се проценува дека болеста пренесена преку храна влијае на некаде од 6,5 милиони до 81 милиони луѓе годишно. Околу 9.000 умираат само од ешерихиа коли и салмонела. И покрај тоа, прехранбената индустрија силно лобираше во Конгресот за дерегулација и релаксирање на федералните стандарди за инспекција на храна.

Лав-Канал: Помеѓу 1942 и 1954 година, корпорацијата за хемикалии и пластика Хукер исфрли 22.000 тони дури 248 различни хемикалии во и околу регионот Лав-Канал. И покрај спротивното тврдење, корпорацијата Хукер ниту соодветно ги отстранувала хемикалиите, ниту целосно ги предупредувала купувачите на имот за ризиците. По наглиот пораст на стапката на канцер и деформации при раѓање, претседателот Картер го прогласи Лав-Канал за федерална област на катастрофа и над 1000 домаќинства беа трајно евакуирани од своите домови.

Мекдоналдс: Со години, лондонски Гринпис дистрибуираше брошура во која се критикува улогата на Мекдоналдс во уништување на прашумите, експлоатација на трудот, злоупотреба на животни, нездрава храна и манипулација со деца. Мекдоналдс прво се инфилтрираше во групата со шпиони, а потоа се обиде да ги цензурира демонстрантите тужејќи ги на суд за клевета. Случајот стана најдолготраен во британската правна историја кога бранителите приложија изненадувачки силна одбрана. Случајот доби меѓународно внимание и се претвори во голема катастрофа во односите со јавноста за Мекдоналдс кога нивните сопствени сведоци всушност ги потврдија критиките на брошурата.

Медиуми (дел 1): Примарната цел на медиумите е да заработат пари, а не да просветлуваат. Така, информативните програми се обидуваат да привлечат гледачи со тоа што ги стимулираат со контроверзии, скандали, сензационализам, секс, насилство и демагогија. Трендот кон „ударно“ новинарство го редуцира просечниот исечок од 42 секунди во 1968 година на 8 секунди во 1992 година.

Медиуми (Дел 2): Медиумите сè повеќе се монополизираат од сопствениците на корпорациите и тие зависат од корпорациите заради нивните рекламни долари. Не изненадува што медиумите се практично некритични кон корпорациска Америка. Во 1989 година, трите најголеми мрежи посветија само 2,3 проценти од вестите на проблемите на работниците – како што се безбедноста на работното место, грижата за децата и разликата во приходите – и покрај фактот што работниците го сочинуваат најголемиот дел од нивната публика.

Минимална плата: Сопствениците на бизниси велат дека пазарните сили треба да ја одредат основната плата, а не владата. Но, пазарот на трудот не работи според вообичаените закони на понуда и побарувачка. Економијата се одржува на 6 процента стапка на невработеност („природната стапка на невработеност“) од причини кои се корисни за бизнисот. Бидејќи има повеќе работници отколку работни места, тоа е пазар на работодавачот и затоа работодавците можат да принудат почетни плати под нивото на сиромаштија.

Монополи: Во нерегулирани економии, немилосрдната конкуренција прво доведува до бран неуспеси во бизнисот, проследено со пораст на монополите. Економистите ги осудуваат монополите поради нивните скапи, неквалитетни производи, неефикасност и злоупотреба на моќта.

Нова Кока-Кола: Сите се сеќаваат на катастрофалниот експеримент на Кока-Кола со Нова Кока-Кола, и тоа беше избрзано враќање кон „Кола Класик“. Она што повеќето луѓе не го знаат е дека јавностa беше револтирана од несовесниот менаџмент на Кока-Кола поради тоа што тој всушност ѝ даде на т.н. „Кола Класик“ поголема содржина на фруктоза. Навистина, клиентот е крал.

Зависност од претходните одлуки/искуства: Економистите прикажаа стотици примери каде некоја случајност во историјата ја довела економијата на пат од кој е скоро невозможно да се скршне, иако во моментот се појавиле подобри патеки. Примери се инфериорната тастатура за пишување QWERTY, бензинскиот мотор и системот за домашни видеа VHS.

Планирана застареност: Доживотни светилки, најлони без рок, издржливи потпетици за тениски чевли и телефонски секретарки со долг век на траење се измислени одамна. Стопанствениците не ги пласираат на пазарот, бидејќи тие би излезеле од бизнисот по првичниот раст на продажба. Дури и малите претприемачи кои сакаат да заработат пари за кратко време, тешко е да се пробијат на овие пазари, бидејќи поголемите можат да ги принудат да излезат со помош на тужби, манипулации на пазарот, вештачки ниски цени, лобирање итн.

Затвореничка дилема: Ова е иронија што се случува често во животот. Две лица се соочени со можност да соработуваат за да постигнат добар резултат. Сепак, следејќи го сопствениот личен интерес со беспрекорна логика, тие избегнуваат соработка и доаѓаат до полош резултат. Силно побивање на невидливата рака.

Рецесии и депресии: Рецесиите се повторувачка одлика на американската економија со векови, дури и за време на ерата на laissez-faire, кога владата ја остави економијата скоро целосно сама. Во 19 и почетокот на 20 век, осум американски рецесии се влошија во депресии.

Заливскиот мост во Сан Франциско: Ова е добро познат неуспех на невидливата рака. Патниците, следејќи ги сопствените поединечни најдобри интереси, придонесуваат за сообраќаен метеж што е далеку полошo отколку ако следеа групно решение.

Финансиска помош со заштеди и заеми: После дерегулацијата на штедилниците во 1982 година, набрзо процутеа измами и злоупотреби. Откако 650 штедилници банкротираа, даночните обврзници открија дека се задолжени со 500 милијарди долари.

Импланти на силиконски гради: Dow Corning и други корпорации знаеја дека имплантите на силиконски гради протекуваат кога ги пласираа на пазарот. Во 1994 година, овие производители се согласија да платат 4,75 милијарди долари на 60.000 оштетени жени, иако таа сума може да се зголеми во текот на судскиот спор.

Супер фонд: После катастрофата во Лав-Канал, Конгресот ја создаде програмата Супер фонд (Закон за сеопфатен одговор на животната средина, компензација и одговорност) за расчистување на илјадници токсични депонии. Одговорните загадувачи треба да ги покријат трошоците, но корпорациите тужат пред судот за да ја минимизираат својата одговорност. Помеѓу 1986 и 1989 година, осигурувачките заводи потрошиле 1,3 милијарди долари за расчистување и судски спор – 1,2 милијарди долари од оваа сума била исплатена само за нивните адвокати!

Островот Три Милји: Несоодветно обучените екипи беа главни виновници за делумниот крах на еден од реакторите, кој испушти зрачење во воздухот и водата. Гордон МекЛеод, секретар за здравство во Пенсилванија, беше отпуштен откако изрази загриженост дека и плановите за одговор на јадрени несреќи и на индустријата и на државата се мошне несоодветни.

Тутунската индустрија: И покрај фактот дека тутунот директно убива 420.000 луѓе годишно, и уште 50.000 пасивни пушачи, тутунските компании сè уште ги произведуваат цигарите со никотин за да ги направат потрошувачите повеќе зависни. Рекламните кампањи конкретно се насочени кон тинејџерите да ги заменат постарите пушачи кои умираат.

Индустрија за играчки: Американските играчки генерално се произведуваат во Кина, чијашто работна сила е сочинета и од ропски труд. Многу од овие затвореници се политички неистомисленици под режим кој уби стотици демократски демонстранти на плоштадот Тјенанмен. Производителите на играчки сметаат дека нивните профити се поважни од санкционирањето на Кина за нејзината историја на прекршени човекови права.

Непотребна хирургија: Многу студии утврдиле дека секоја година се вршат околу 2 до 3 милиони непотребни операции, што резултираат со смртни случаи од 12 000 до 16 000. Овие бројки се утврдени со споредување на бројот на хируршки интервенции на докторите кои мотивирани од евентуален профит препорачуваат хирургија со оние доктори кои не го прават тоа.

Златна треска: Во 760 година толпа сиромашни луѓе извадиле злато од песокот на реката јужно од Прага, а тројца биле во можност на ден да извлечат марка злато и толку големо било последователното брзање кон „копањата“ и толку голем бил бројот на рацете извлечени од земјоделството, што во следната година земјата била погодена од општа глад.

Вештачки високи цени на е-книги: Група на корисници во САД покренаа колективна тужба против Амазон затоа што сметаат дека група на издавачи на електронски книги одржувале вештачки превисоки цени за нивните содржини злоупотребувајќи ја доминантната положба на технолошката компанија. Според покренатата тужба Amazon и издавачките куќи Penguin Random House, Hachette, HarperCollins, Macmillan и Simon & Schuster преговарале за цените на е-книгите, со што потрошувачите плаќаат повеќе за нив кога купуваат на други платформи. Во тужбата Amazon е наведен како главен виновник додека пак издавачите од големата петорка се наведени како соучесници. Против издавачите беше покренета тужба и претходно, но преку платформата на Apple по што цените беа спуштени, но со новите преговори со Amazon повторно се поскапени.[1]

Винарска индустрија: Француската влада одвои 200 милиони евра за уништување на вишокот вино и поддршка на производителите. Бидејќи побарувачката за алкохолниот пијалак е намалена поради различни причини, тоа доведе до хиперпродукција и намалување на цените. Ресурсите се „со цел да се запре колапсот на цените и да се осигури дека производителите на вино можат повторно да најдат извори на приход“, сепак секторот ќе мора „да гледа во иднината, да размислува за промените на потрошувачите... и да се прилагоди“, изјави министерот за земјоделство Марк Фесно. Дури и во Лангедок, регионот со најголемо производство на вино, владее длабока криза. Алкохолот добиен од уништувањето на виното може да се продаде на компании за да се претворат во други производи како средства за дезинфекција на раце, производи за чистење или парфеми. Други министерски фондови се резервирани за производителите на вино, за да ги поттикнат да ги менуваат културите (особено маслинките).

  1. „Amazon.com and 'Big Five' publishers accused of ebook price-fixing“.