Отмар Худомаљ
Отмар Худомаљ (1939, Скопје - 4. Јули 1957) е алпинист, познат како еден од пионерите на македонскиот алпинизам.
Отмар Худомаљ | ||
Роден | 1939 Скопје | |
---|---|---|
Починал | 4 јули 1957 Матка, Скопје, Македонија | (возр. 17–18)
Родителите на Отмар, Јоже и Марија Худомаљ, во 1935 година поради професионални причини се доселиле од Словенија во Скопје. Таткото Јоже бил шумарски инженер кој поради природата на работата минувал многу време на терен во селата и планините околу Скопје. Во Македонија им се родиле трите деца: ќерката Јожица (во 1937 година), синот Отмар (во 1939 година) и најмалиот син Марјан (во 1945 година). После војната Јоже продолжил да работи во својата шумарска струка и има дадено голем придонес во пошумувањето и одржувањето на природните богатства на Македонија. Меѓу многубројните негови активности, за одбележување е акцијата за пошумување на Водно, која се спровела под негово раководство.
Скоро секое лето децата го поминувале училишниот распуст на планините околу Скопје каде што Јоже одел на терен. Во тие околности и во духот на словенечката традиција на своите родители, децата израснале чувствувајќи голема љубов и почит кон природните убавини на македонските планини. Сите три деца посетувале училиште и гимназија во Скопје. Јожица и Отмар активно се занимавале со планинарство и организнирале и учествувале во многу активности на Планинарското Друштво на Македонија кое тогаш било во својата почетна фаза. Во сеќавањата на Марјан е настанот кога заедно со Отмар носеле цигли во кошница за градење на планинарскиот дом на Водно.
Отмар бил одличен ученик и повеќестран спортист кој покрај планинарството, играл и кошарка за Кошаркарскиот клуб „Работнички“. Последните две години пред да се случи несреќата, Отмар почнал да се занимава со алпинизам и со една мала група на македонски алпинисти неколку пати учествувал во алпинистички активности во Камнишките Алпи во Словенија.
Марјан се сеќава како се одвивал животот во алпинистичкото друштво кое по негово сеќавање го водел Ѓуро Блаха. Во приземните простории на друштвото било сместено и Стралачкото друштво на Скопје. Марјан, син на ловец и шумар, бил член на тоа друштво и заедно со братот Отмар доаѓал на тренинзите по стрелање со воздушна пушка. При тоа стрелците стоеле на улица, целта била на ѕидот од зградата во која се наоѓало друштвото, а во просторот помеѓу стрелците и целта поминувале планинари кои оделе во друштвото. Сето тоа било многу опасно и возбудливо. Никогаш не можело да се предвиди дали ќе бидеш застрелан од Марјан или од некој друг! Но сето тоа се компоненти на ентузијазмот кој владеел во спортските друштва и на кои никој не се жалел.
Скоро секоја недела Отмар и пријателите (често со нивните семејства) оделе на нивните најомилени планини: Китка, Караџица, Љуботен и други. Браќата Отмар и Марјан често оделе заедно на Водно и на карпата која се наоѓа на северната страна вежбале качување. Често заедно трчале и на ориентациските натпревари одржувани на Водно. Инаку, желба на Отмар била да студира спортска медицина. Отмар загина на Матка на 4-ти Јули 1957 година во трагични околности, но правејќи го тоа што најмногу го сакал – качувањето. Отмар, заедно со Драган Трајковски (?1937-2006) се обидува да направи искачување на карпата на Матка во нејзиониот наголем, средишен дел. Некаде пред горниот дел на карпата Отмар паѓа и го губи животот. Оваа алпинистичка насока подоцна е искачена во целост и во негова чест се вика „Отмарова насока“, а карпата се вика Отмарова Карпа. Трагичниот настан го потресе цело Скопје. Две години подоцна, таткото Јоже после долга болест и од голема тага починал.
По загинувањето на Отмар, на брегот на вештачкото езеро Матка, наспроти Отмровата карпа, поставен е споменик во облик на голем клин и карабинер и спомен-плоча.
Сестрата Јожица дипломирала физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје во 1960 година, а во Јануари 1963 година заминала на специјализација на природно-математичкиот факултет во Загреб, каде и ја затекнал земјотресот од 1963. Марјан завршил гимназија во Скопје во 1964 година. Поради сите тие случувања семејството Худомаљ се преселило во Словенија, во Брежице, родното место на мајката Марија. Јожица и Марјан ги завршиле студиите на ПМФ во Загреб. Марјан завршил физичка хемија, а Јожица докторирала нуклеарна физика. Марјан сега живее во Љубљана со сопругата Олга. После завршувањето на работната кариера во фирмата „Искра“, Марјан станува активен член на Инвалидското друштво на Словенија, каде е сега претседател на Друштвото на ревматичари на Словенија. Јожица живее во Хјустон, Тексас (САД) со сопругот Норман со кого се запознала кога дошла во Хјустон во 1972 година на специјализација на Универзитетот Рајс. Норман е исто така физичар и тие се во брак 33 години. Со нив во Хјустон живее и мајката на Јожица, Марија.