Одлука во Сандаун

„Одлука во Сандаун“ (англиски: Decision at Sundown) – филм на режисерот Бад Бетикер (Budd Boetticher) од 1957 година. Автор на сценариото е Чарлс Г. Ланг (Charles G. Lang), а тоа е засновано врз расказот на Вернон Л. Флухарти (Vernon L.Fluharty). Главните улоги ги играат: Рандолф Скот (Randolph Scott), Џон Керол (John Carroll), Карен Стил (Karen Steele), Валери Френч (Valerie French), Ноа Бири Помладиот (Noah Beery Jr.) и Ендрју Даган (Andrew Duggan). Овој филм е третиот во низата од седум антологиски вестерни кои во периодот 1956-1960 ги снимиле големиот режисер Бетикер и легендарниот глумец Скот. Навидум, филмот е едноставен, но сепак, тој се одликува со извонредна нарација, возбудливо дејствие, одлично профилирани ликови, убава атмосфера и одлична глума. Ликот што го игра Скот е слоевит, а за тоа придонесуваат самиот глумец, но и режисерот, кој не само што прави контраст меѓу принципиелниот осамен јавач и непринципиелната заедница, туку и многу ефектно ги прикажува неговите сопствени дилеми. Како и останатите вестерни на Бетикер, и овој филм се одликува со одличен ритам, а режисерот многу добро ги користи времето и просторот на дејствието.[1]

Синопсис

уреди

Двајца јавачи, Барт Алисон (го игра Скот) и Сем (го игра Бири Помладиот) пристигаат во малиот град Сандаун во Аризона, каде тукушто се одржува венчавката на месниот моќник Тејт Кимброу (го игра Керол) и убавата Луси Самертон (ја игра Стил). Алисон веќе три години трага по Кимброу со намера да го убие. Кога свештеникот ќе праша дали некој има приговор против венчавката, Алисон зема збор и ладнокрвно соопштува дека ќе го убие младоженецот. Тогаш, луѓето на Комброу го бркаат Алисон, кој се забарикадира во една куќа. Иако шерифот и татко ѝ на Луси му нудат милост ако го напушти градот, Алисон нема намера да се откаже бидејќи го обвинува Кимброу за злоставување на неговата покојна сопруга...

Наводи

уреди