Пределот Бабуна, во чиј состав влегуваат помалите предели Азот и Клепа, го сочинуваат повеќе села по течението на истоимената река. [1]

Носии од пределот Азот кои се изложени во етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија

Машката носија

уреди

Мажите во пределот Азот северно од планината Бабуна носеле бела платнена кошула, гаќи од платно, елече со прави „крвави“ и „белки“ шарки кое се носело над кошулата, која на половината била обмотана со црвен волнен појас со прави шарки и усукани „преткавани“ рески. На нозете носеле бели клашнени објала, долги од глуждовите до под колената, чорапи од волнена преѓа кои биле долги до колена и биле орнаментирани во хоризонтални редови на црна основа.

Околу појасот се носело бришалка – правоаголна крпа со орнаментација на крајот, и скутина „вута“ ткаена во црно-бели хоризонтални редови за помлади мажи, а постарите со црно-кафеави редови. На главата носеле шубара од црна овча кожа. [2]

Женската носија

уреди

Жените од пределот Азот носеле бела платнена кошула со везови на долниот дел и на рацете (од рамената до лактите), над која носеле елек од шарено платно „алаџа“ во пруги, долг до под колена и станува поширок од половината надолу. Над него се носело ќурдија од црна клашна (иста во форма како елекот) и црвена волнена скутина „вута“ со вертикални прави шарки. На половината се опашувало појас „ѕуница“ или „ќемер“ од црвена волнена преѓа. На нозете носеле црвени чорапи од волнена преѓа и бришалка од бел памук со орнаментација на крајот, која се носела на појасот. [2]

Носии од Велешко (Ќучук-кол и Гроот)

уреди
 
Жени облечени во носии околу градот Велес

Севените велешки села се во составот на Велешкиот крај, кој припаѓа на Северното Повардарије. Во рамките на овој крај влегуваат и помалите пределски целини Гроот и Ќучук-Кол**. [3][2]

Машката носија

уреди

Мажите во северните велешки села носеле кошула и гаќи од бело платно, клашнен копоран и елек од клашна или шарено пругасто платно „алаџа“ со закопчување на градите, преку кој се носело антерија „памуклија“ (полнета со памук). На нозете носеле шалвари со широки ногавици или бечви од бел/црн шајак, и волнени објала или клашнени калци над чорапите. За летно време носеле бела крпа „бришалка“ (иста како таа од Овче Поле), која се носела на главата и понекогаш на појасот. До крајот на туркото владеење носеле фес, кога истовремено се носело и шубара која се носела и после турското владеење.

Од некогашната стара носија се спомнати ф’станот, доламата и силавот. Носијата на башиноседелците се издвојувала во некои делови од онаа во другите села. Во нејзиниот сотав егзистирала гуња (иста како битолската), „лито“ либаде за во летото, а „подлачно“ либаде од јагнешка кожа за во зимата; црн шајачен копоран (носен од најимотните газди), кој бил заменат со бунда од модра/црна чоја од лисичина кожа. [2]

Женската носија

уреди

Жените од велешко носеле бела платнена кошула со везови на долниот дел и ракавите, бела/црна клашнена ќурдија, појас „ѕунуца“ од волнена преѓа, елек од шарено платно „алаџа“ во пруги, црвена фута „со црни прачиња преткавано“, а на главата се носело шамии во разни бои.

Овој состав бил изоставен, а во мода биле фустани и в’станки, облеки од здолниште и блуза познати под името „кроазе“ (вид свилен сатенски материјал). На главата носеле шамии а на нозете чејли. Жените во с. Башино Село носеле сако украсено со лисичина кожа и фустани, а под нив чинтијани. [2]

Наводи

уреди
  1. Томовски, Крум (1996). Етнологија на Македонците. Скопје: МАНУ. стр. 153. ISBN 9989-649-25-1.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Здравев, Ѓорѓи (1996). Македонски Народни Носии I. Скопје: Матица Македонска. стр. 137 до 140. ISBN 9989-48-009-5.
  3. ** – во книгата Македонски Народни Носии I се спомнуваат Aзот и Kлепа како дел од сев. вел. села, но бидејки нивната носија е одделна, затоа се отфрлени од овој опис.