Носии од шопскиот регион
Шопската етнографска целина ги зафаќа деловите од североисточна Македонија, а преоѓа и во југоисточна Србија и западна Бугарија. Се издвојува како посебна, со население кое зачувало многу архаични особини во својата материјална и духовна култура, а со тоа и во својата носија. [1]
Во македонскиот дел од шопската етнографска целина главна одлика на носиите се облеки со карактеристичен крој, едноставни и не многу шарени ткаенини, помала застапеност на декоративни и прецизно изведени украси и помалку накит. [1]
Овие основни одлики на народното облекување во изолираните планински предели на регионот што го зафаќаат шопските носии се одржувале во долга низа години, речиси со неизменети форми, зачувувајќи многу традиционални белези од старословенската и старобалканската облековна традиција, како и турско - ориентални културни елементи. Слабите комуникации и лошите сообраќајни врски меѓу одделните предели во овој дел на Македонија условувале во минатото само незначителни внатрешни локални миграции на населението, што истовремено било услов за запазување на народната носија со незначителни промени речиси до средината на овој век. [1]
Во групата шопски носии се носиите од:
- Источниот дел на Славиште [1]
- селата по Дурачка Река [1]
- Пијанец [1]
- Радовишки Шоплук [1]
- Малешево [1]
- пределот околу Горна Џумаја (Благоевград)