Женската носија

Во планинскиот предел Пијанец кој го опфаќа и рударскиот регион Саса, во женската носија, оформена со едноставни облеки во смирени темни тонови, врз кошулата која на градниот дел има огрље, се носи саја сосема поинаква по материјал, крој и украсување од истоимените облеки во пределите на Западна Македонија. Сајата во овој предел е долга црна горна облека, со долги ракави, која сосема ја покрива кошулата, а е направена од тенка волнена ткаенина, означена исто така со називот саја. Аплицираните гајтани и бикме на градите и ракавите ја украсуваат оваа облека од составот на женската носија. И во овој предел се носи црно волнено џубе, како празнична и невестинска облека. Се опашуваат со ткаен појас и скутина фута, фута - литарка.[1]

Машката носија

Мажите во пределот Пијанец и рударскиот предел околу с. Саса носеле бела платнена кошула со црни „кенари“ по ширината на платното, долга до над колената и над неа се носело елек „џелепка“ од пругаста алаџа, со црни, зелени, темно бордо и црвени пруги.

Половината се опашувала со волнен појас, кој бил или ткаен во каро-комбинации на црвена основа, или со прави шари на црна основа за постарите мажи. На нозете се носеле кафеави/црни шајачки потури, припиени за нозете и украсени со црни гајтани. На нозете носеле бели волнени чорапи, а на главата се носела шубара од јагнешка кожа носена и во најжешките летни месеци.[2]

Наводи

уреди
  1. „Етнолошко Поднебје на Македонија - Народни носии во Средна и Источна Македонија“.
  2. „Македонски Народни Носии I - Ѓорѓи Здравев (стр. 161)“.