Неразградлив органски загадувач

Неразградливи органски загадувачи — органски соединенија кои имаат различен степен на фотолитска, биолошка и хемиска деградација. Неразградливи органски полутанти често се халогенирани и се одликуваат со ниска растворливост на вода и висока растворливост во липиди, што овозможува нивна биоакумулација во масните ткива. Како резултат на тоа овие супстанци се наоѓаат во региони каде што биле користени или ослободени. Резултат на нивната липофилност и неразградливост доведува до нивна акумулација во живите организми преку ланецот на исхрана и високи концентрации од нив се откриени кај животните и луѓето.

Основни обележја на НОП се следниве:

  • Тие претставуваат синтетички органски соединенија
  • Перзистентни (неразградливи) во животната средина
  • Нивниот транспорт на големи далечини влијае врз глобално загадување
  • Тие се липофилни (растворливи во масти) соединенија
  • Се акумулираат во ланецот на исхрана
  • Се среќаваат во риби и водни цицачи

Неразградливите органски полутанти исто така, се истакнуваат со нивната полунестабилност; резултат на нивните физичко-хемиски одлики кои дозволуваат овие соединенија да се појават во гасовита фаза атсорбирани во атмосферските честички, што го олеснува нивниот долг опсег на транспорт низ атмосферата.

Овие својства на необична упорност и полунестабилност, заедно со другите одлики, резултираат во присуство на соединенијата во целиот свет, дури и во регионите каде што никогаш не биле користени. Неразградливи органски полутанти се насекаде. Тие се мерат на секој континент, во зони кои претставуваат подрачја на главните климатски зона и географски сектор во целиот свет. Овие подрачја ги вклучуваат оддалечените региони како што се океаните, пустините, на Арктикот и на Антарктикот, каде што нема значителни локални извори. Исто така, овие соединенија се детектирани и во воздухот, во сите области на светот, во концентрации до 15 ng/m3. Во индустријализираните области, концентрациите може да бидат и неколкупати поголеми. Воедно, треба да се каже дека е забележано нивно присуство дури во дожд и снег.

Генерално, овие хемиски соединенија ги имаат следните особини:

  • Антропогеност - произведени и/или мобилизирани во средината како резултат на активности од страна на човекот. Може да се произведуваат како пестициди, да се експлоатираат во индустријата, или ненамерно да се генерираат како нус-производи од разни индустриски процеси.
  • Токсичност - од сите загадувачи кои секојдневно се испуштаат во животната средина како резултат на човечките активности неразградливите органски полутанти се меѓу најтоксичните. Тие се високотоксични со тоа што предизвикуваат голем број заболувања и вродени мани кај човекот и животните.
  • Неразградливост - имаат долг животен век во животната средина и скоро да не се распаѓаат во воздухот, водата или во почвата;
  • Подвижност - тие циркулираат глобално со таканаречен „ефект на скакулец“. Овие загадувачи ослободени во одреден регион на светот можат, преку процес кој постојано се повторува (испарување, нанесување, испарување, нанесување), да се транспортираат преку атмосферата во региони оддалечени од примарниот извор.
  • Биоакумулативност - концентрацијата на POPs во живите организми во однос на концентрацијата во околината се нарекува биоакумулација. Иако не се растворливи во вода, неразградливите органски загадувачи се апсорбираат во масните ткива, каде концентрацијата може да се зголеми до 70.000 пати од почетната.

Неразградливи органски полутанти

уреди

Иако може да постојат многу различни форми на Неразградливи органски полутанти и природните и антропогените, кои се нотирани врз основа на нивната истрајност и биоаклумулативни одлики вклучуваат многу од првата генерација органохлорни инсектициди, како што се диелдрин, ДДТ, токсафен и хлордан и неколку индустриски хемиски производи или нуспроизводи вклучувајќи полихлорирани бифенили, диоксини и фурани. Многу од овие соединенија биле или продолжуваат да се користат во големи количини, а како резултат на нивната истрајност, имаат способност за биоакумулација и биомагнификација. Некои од овие соединенија, може да егзистираат во животната средина со години. Неразградливи органски полутанти се претставени од две важни подгрупи вклучувајќи ги и ароматични полициклични јаглеводороди и некои халогенирани јаглеводороди. Оваа втора група вклучува неколку органохлорини кои, историски, докажаа дека се најотпорни кон деградација и кои имале одлики на широк дијапазон на производство, употреба и ослободување. Овие хлорирани деривати се генерално најдолговечни од сите халогенирани јаглеводороди. Неразградливи органски полутанти ги опфаќа 12-те типови на супстанци одредени согласно со Стокхолмската конвенција.

  • Алдрин
  • Хлордан
  • ДДТ
  • Диелдрин
  • Ендрин
  • Хептахлор (3-хлорохлорден)
  • Хексахлоробензен-перхлоробензен (НСВ)
  • Мирекс
  • Токсафен
  • Полихлорирани бифенили (РСВ-и)
  • Диоксини и фурани

Влијание на здравјето на човекот

уреди

Научните резултати покажуваат дека изложувањето на многу ниски дози на некои од соединенијата класифицирани во Неразградливи органски полутанти (кои се меѓу најтоксичните супстанции досега синтетизирани) може да предизвика рак, оштетувања на централниот и периферниот нервен систем, болести на имунолошкиот систем, заболувања на репродуктивниот систем, пореметувања на развојот на доенчињата и кај децата. Загрижувачки е фактот дека постојат големи количини на заостанати залихи на пестициди и отровни хемикалии, особено во земјите во развој. Местата каде овие хемикалии се елиминирани и резервоарите во кои биле складирани во 50-тите и 60-тите години од минатиот век сега се распаѓаат и нивните производи доаѓаат во почвата, водите, животните и човекот. Импликациите од хронична и акутна изложеност на Неразградливи органски полутанти не се целосно разбрани. Студиите за лабораториските испитувања и влијанието врз животната средина покажале дека изложеноста на овие супстанции може да резултира со нарушување на правилната работа на ендокриниот систем, репродуктивна и имунолошка дисфункција, дисфункција на мозокот и нервниот систем, развојни нарушувања и рак. Ендрин, диелдрин и олдрин се класифицирани од страна на СЗО, како многу опасни врз основа на нивната акутна токсичност. Фетусите и бебињата се особено подложни на влијанието и изложеноста на неразградливи органски полутанти заради нивниот трансфер од мајката за време на критичните фази на развој. Изложеноста во текот на развојот е поврзана со намалениот имунитет и зголемена подложност на инфекции, развојни абнормалности, промени во развојот на мозокот и нервниот систем и нивно оштетување и појава на рак и тумор.

Ризик од рак

уреди

Меѓународната агенција за истражување на ракот идентификува дека повеќето од 12-те идентификувани неразградливи органски полутанти претставуваат потенцијален канцероген ризик за луѓето, како што е опишано во табелата подолу.

IARC Класификација НОП Група 1: Состојката/супстанцата е концероген/а за луѓето 2,3,7,8-Tетрахлородибензо-парадоксин Група 2A: Состојката/супстанцата е веројатно концероген/а за луѓето Соединаенија од полихлорин бифенил Група 2B: Состојката/супстанцата е најверојатно концероген/а за луѓето Хлордан ДДТ Хепрахлор Хексахлоробензен Mирекс Tоксафен Група 3: Состојката/супстанцата не може точно да се класификува од аспект на концерогеноста за луѓето Алдрин Диелдрин Ендрин Полихлоринат дибензофуран

Во најголема мерка човекот е изложен на дванаесетте специфични соединенија преку синџирот на исхрана. Контаминација на храна може да се случи преку загадување на воздухот, водата и почвата, или преку претходно користење или неовластена употреба на органохлорни пестициди врз прехранбени култури. Некои хлорирани јаглеводородни инсектициди се познати како причина за многу сериозни, акутни труења. Ова особено се однесува eндринот, олдринот и диелдринот. Контаминацијата на храната, вклучувајќи мајчиното млеко, со овие соединенија е светски феномен. Голем број на инциденти на акутни токсични ефекти кај луѓето, вклучувајќи и смрт, се случиле како резултат на контаминирана храна. Маслото за јадење и храната од животинско потекло се најчесто вклучени во овие инциденти.

Забележителени случаи кои ги вклучуваат ефектите од изложеност на луѓето вклучуваат проголтување на овие соединенија преку семе и жито третирани со вакви супстанци. Пациентите кои конзумирале на ваков начин од третираните семиња доживеале спектар на симптоми, вклучувајќи фотосензитивни лезии на кожата, хипер пигментацијата, тешка слабост и ослабнување. Мајките кои конзумирале вакви производи всушност ги трансферираат НОП до нивните деца преку плацентата за време на бременоста и преку мајчиното млеко. Децата родени од овие жени најчесто се со висока стапка на смртност.

Ваквите ефекти не се толку вообичеаени во случај на изложеност на помали концентрации на овие супстанци. Контаминацијата на храната со неразградливи органски полутанти исто така, предзивикува ниско ниво на изложеност на одредени вакви супстанци и тоа може да предизвика хронични здравствени проблеми, но нивното долгорочно влијание и ефектите од тоа влијание на здравјето на човекот не е целосно истражено. Студиите направени во таа насока покажуваат дека преголемото изложување и предозирање на некои од овие супстанци можат да бидат поврзани со широк ранг на биолошки ефекти. Акутната токсичност на одредена токсична супстанца не е единствената одредница за опасност кон луѓето, како што многу од нив имаат документирани неповратни штетни ефекти, како што се малигнитет, оштетување на органите, итн. Некои студии покаживаат дека внесот на овие супстанци по орален пат влијае врз намалување на лимфоцитите кај населението, додека пак други студии сугерираат дека кај децата со висока концентрација на органохлорни соединенија може да влијае врз зголемување на стапките на инфекција за некои 10 до 15 пати во споредба со деца кои се изложени на пониски дози. Лабораториските студии даваат убедливи докази за поддршка дека некои органохлорни хемикалии можат да бидат канцерогени.

Употреба, типови и дејство - неразградливи органски полутанти

уреди

Алдрин - инсектицид синтетизиран од човекот, во природата преоѓа во диелдрин. Се аплицира во почвата при производство на пченка, памук и компир, за третирање на термити, скакулци, црви кои го оштетуваат коренот на пченката, но исто така тоа може да им штети на птиците и рибите. Навлегува брзо во почвата и бавно испарува во воздухот. Растенијата го земаат од почвата и го складираат, а диелдринот се складира во масното ткиво на животните и многу бавно се елиминира. Дозата која може да предизвика смрт кај возрасен маж е околу пет грама алдрин. Луѓето најчесто се изложени на алдрин преку прехранбените производи (коренасти култури, риба, морска храна, млечни производи, млеко, путер и месо). Знаци за труење при изложеност на човекот на овие хемикалии се: грчеви, неконтролирани движења на мускулите, главоболка, мачнина, повраќање, оштетувања на ендокриниот систем, а испитувањата кај животните покажале дека овие соединенија може да предизвикаат рак на црниот дроб и намалување на имунитетот. Употребата на алдринот е забранета или строго ограничена во многу земји. Хлордан - се користи за контрола на термити и како инсектицид со широк спектар на делување кај земјоделските култури. Хлорданот останува во почвата долго време (повеќе од 20 години), со период на полураспаѓање од една година; не навлегува во подземните води поради ниската растворливост, но испарува во воздухот. Луѓето се изложени на хлордан при: консумирање на култури одгледувани на контаминирана почва, риби и школки од контаминирани водни системи со хлордан, вдишување воздух или контакт со почва во близина на објекти третирани со хлордан заради заштита од термити или во близина на депонии кои содржат хлордан. Леталните ефекти од хлорданот кај рибите и птиците варираат во зависност од видот, но тестовите покажуваат погубни резултати кај дивите патки, препелицата. Хлорданот може да влијае на имунолошкиот систем кај човекот, ги оштетува нервниот систем и црниот дроб, предизвикува главоболка, иритираност, слабост, проблеми со видот, повраќање, болки во стомакот, дијареја, и е класифициран како можна канцерогена хемикалија. Забранет или строго е ограничен во повеќе земји. ДДТ - можеби најозлогласен од сите неразградливи органски загадувачи. ДДТ нашол широка примена во текот на Втората светска војна за заштита на војската и цивилите од ширење на маларија, тифус и други болести кои се пренесуваат преку инсектите. По војната, ДДТ и понатаму се користел за контрола на болести, и со него се запрашувале повеќе земјоделски култури, особено памукот. ДДТ се користи како ефикасно средство против комарци во некои земји заради контрола на маларијата. Покрај тоа што во многу земји е забранет за употреба, производите на негово распаѓање (ДДЕ-дихлородифенилдихлороетилен), поради нивната стабилност, неразградливост (50% од супстанцијата може да остане во почвата 10-15 години после апликацијата) и нивната распространета употреба укажуваат на тоа дека остатоците од ДДТ може да се најдат насекаде во овошјето, зеленчукот, месото, рибата (остатоци од ДДТ се детектирани на Арктикот). Тој е забележан во храната низ целиот свет, каде се внесува преку почвата на која се одгледуваат културите (коренастите и листовидните култури содржат највисоки концентрации). Луѓето го внесуваат преку белите дробови, дигестивниот тракт и кожата, а најчесто при контакт со контаминирана храна и инхалација од воздухот, од производи за заштита од молци, како и при подолг престој во близина на места или шуми третирани со ДДТ. Иако остатоците во домашните животни постојано опаѓаат во последниве две декади, ДДТ присутен во храната и инхалацијата од воздухот останува најголем загадувач воопшто. Краткотрајните акутни ефекти врз човекот се ограничени, но долготрајната изложеност е придружена со хронични ефекти врз здравјето. Тој може да влијае на ендокриниот систем на фетусот, со оштетувања на хормоналните сигнали потребни за здрав развој. ДДТ се излачува од човечкиот организам преку урината и мајчиното млеко, што претставува вистинска причина за загриженост за здравјето на доенчињата.

Диелдрин - се користи главно за контрола на термити и текстилни штетници, исто така и за контрола на болести предизвикани од инсекти и инсекти на обработлива почва. Времето на полураспаѓање изнесува приближно пет години. Пестицидот алдрин брзо преминува во диелдрин, така да концентрациите на диелдрин во животната средина се повисоки отколку концентрацијата на користениот диелдрин. Остатоци на диелдрин може да се најдат во воздухот, водата, почвата, рибите, птиците и цицачите, вклучувајќи ги и луѓето. Храната е главниот извор на оваа супстанца за популацијата во целина.

Ендрин - Постои можност да ги контаминира површинските води при ослободување од почвата. Не се раствора во вода. Се врзува за седиментите на дното на реките, езерата и другите водни системи. Генерално не е детектиран во воздухот, освен при примена на земјоделските култури. Овој инсектицид се распрскува на лисјата од културите, во прв ред памукот и житариците. Исто така, се користи за контрола на глувците и водните стаорци. Животните го метаболизираат (преработуваат) ендринот, така што тој не се акумулира во масните ткива до оној степен до кој тоа го прават некои супстанци со слична структура. Тој има долг век на полураспаѓање, меѓутоа, во почвата останува неразграден до 10 години. Луѓето најчесто ендринот го внесуваат преку храната, иако моменталните проценки на количините кои се внесуваат преку храната се под дозволените граници детерминирани од светските здравствени стручњаци.

Хептахлор (3-хлорохлорден) - нерастворлив во вода, бавно испарува во воздухот. Се врзува на морските седименти и се биоконцентрира во масните наслаги на живите организми. Претежно се користи за уништување на инсектите кои живеат во почвата и термитите, уште повеќе како инсектицид кај памукот, за уништување на скакулци и други штетници кај земјоделските култури и маларичните комарци. Пониските дози предизвикуваат негативни промени во однесувањето, намалување на способноста за репродукција. Човекот го внесува хептахлорот преку храна (консумирање на култури одгледувани на почва третирана со хептахлор, риба, млечни производи, месо богато со маснотии од животни кои биле експонирани на хептахлор; доенчињата преку мајчино млеко од мајка која била изложена на високи концентрации на хептахлор); во домови кои биле третирани со хептахлор заради заштита од термити, пиење на контаминирана вода или контакт преку кожата со почва во близина на депонии. Хептахлорот е класифициран како можна канцерогена супстанца за човекот, па околу дваесет земји го имаат забрането или строго ја ограничуваат неговата употреба.

Хексахлоробензен-перхлоробензен (НСВ) - НСВ за првпат е употребен во 1945 година за третирање на семиња заради уништување на габи кои ги напаѓаат земјоделските култури. Широко е користен за контрола на одредени заболувања кај пченицата (Tilletia Caries). Тој е и нус-производ при производство на одредени индустриски хемикалии, се користи за огномети, муниција, средства за заштита на дрвото, бои, синтетичка гума, и егзистира како нечистотија во неколку формулации на пестициди. Процеси при кои хексахлорбензенот се јавува како нус-производ се : при производство на други хемикалии, хемиска интеракција во отпадните струи на хлоралкали, во погони за заштита на дрвото и согорување на комунален отпад. Човекот НСВ може да го внесе преку : млечни производи или месо од стока која пасела на контамирани ливади, консумирање на контаминирана храна, контакт со контаминирана почва, пиење на мали количини на контаминирана вода, вдишување на мали концентрации од контаминиран воздух, при престој во фабрики кои користат или генерираат НСВ како нус-производ. Постојат примери каде популацијата која консумирала семиња на житарици третирани со НСВ покажале различни симптоми : фотосензитивност на кожата, слабеење, пореметувања на метаболизмот. Исто така бремените жени преку плацентата го пренесуваат хексахлорбензенот на плодот, а доилките преку мајчиното млеко на доенчињата. Во големи дози НСВ делува смртоносно на некои животни, а помалите концентрации имаат високо ефекти на репродуктивниот систем.

Мирекс - Се смета за еден од најстабилните загадувачи со век на полураспаѓање до 10 години. Не се раствора во вода, но лесно навлегува во почвата и честичките на седиментот. Не мигрира низ почвата до подземните води, но се вградува во организмот на рибите и другите организми кои живеат во контаминирана вода или се хранат со други контаминирани организми. Овој инсектицид се користи во борбата против мравките и термитите. Се користи и како средство за зголемување на огноотпорност на пластичните маси, гумата и електричните производи. Луѓето доаѓаат во контакт со мирексот преку контаминирана почва во близина на депонии со опасен отпад и консумирање на риба или други животни кои живеат во близина на такви депонии. Директна изложеност на мирекс не предизвикува токсични промени кај луѓето, но студиите на лабораториски животни биле причина да биде класифициран само како можна канцерогена супстанца кај луѓето. Во студиите мирексот е докажан како токсичен за неколку растителни видови и за рибите и влекачите. Токсафен - инсектицид кој се користи кај памукот, овошките, оревот и зеленчукот, како и за контрола на крлежи и црви кај добитокот. 50% од ослободениот токсафен може да остане неразграден во почвата до 12 години. Може да биде во гасна или цврста состојба, со жолта до боја на килибар, восочен изглед, со мирис на терпентин. Се ослободува во воздухот со испарување, скоро да не се раствора во вода, па поверојатно е да се сретне во воздухот, почвата или на дното на езерата и други водни екосистеми. Кај луѓето најверојатен извор на токсафен е контаминирана храна, култури одгледувани на контаминирана почва, вода од контаминирани извори, престој во близина на депонии каде е одложен токсафен. Иако не е многу токсичен за луѓето при нивна директна изложеност, лабораториските испитувања на животни покажуваат дека токсафенот може да биде канцероген.

Полихлорирани бифенили (РСВ-и) - овие соединенија се користат во индустријата како флуид за размена на топлина, во трансформаторите на електрична енергија и кондензаторите, како адитиви во боите, безјаглеродната хартија за копирање и пластичните маси. Нивната неразградливост во средината зависи од степенот на хлорираност, а векот на полураспаѓање варира од 10 дена до 1,5 години. Во најголем дел РСВ-и се внесуваат во човечкиот организам преку храната, особено риба. Бидејќи РСВ-и се постојани во човечкиот организам, децата родени во области каде мајката е подолго време изложена на нивното влијание покажуваат пречки во развојот (посиромашна краткотрајна функција на меморијата) и проблеми во однесувањето. Овие супстанции се класифицирани како веројатни канцерогени.

Диоксини и фурани - Типично за диоксините е што се сретнуваат заедно со хлорираните дибензофурани. Некои од фураните се скоро идентични по структурата и токсичноста со фураните. Двете групи супстанци во најголем број случаи се разгледуваат како една група. Диоксините и фураните никогаш не се произведуваат намерно, туку ненамерно се формираат на два начина: преку процесот на производство на одредени пестициди, средства за заштита, средства за дезинфекција и хартиени производи; и при согорување на материјали, како отпад од домаќинствата и токсичен отпад (болнички отпад, оловен бензин, пластика, хартија, дрво кое содржи диоксини). Најпознат диоксин е 2,3,7,8-ТЦДД, кој е екстремно токсичен. Неговиот полупериод на распаѓање во почвата е 10-12 години. Класифициран е како предизвикувач на канцер кај хуманата популација.

Стокхолмска конвенција за неразградливи органски полутанти

уреди

На 23ти Мај 2001 година Македонија ја потпиша Стокхолмската конвенција за неразградливи органски полутанти, а на 19ти Март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија. Стокхолмската конвенција за неразградливи органски полутанти е направена, за потребата од глобална акција за неразградливите органски загадувачи, повикувајќи се на постојните одредби од релевантните меѓународни конвенции за животна средина и одлучни да го заштитат човековото здравје и животната средина од штетните влијанија на неразградливите органски полутанти. Причини за потпишување на Стокхолмската конвенција биле:

  • фактот дека неразградливите органски полутанти имаат токсични особини,
  • отпорни се на разградување,
  • се акумулираат во живи организми и се пренесуваат преку воздух, вода и миграторни видови, преку меѓународните граници,
  • се одложуваат далеку од нивното место на ослободување, каде се акумулираат во копнени и водени екосистеми,
  • предизвикуваат здравствените проблеми, особено во земјите во развој, кои се резултат на локално изложување на неразградливи органски полутанти,
  • влијанието врз жените и преку нив на идните генерации,
  • фактот дека арктичките екосистеми и нативните заедници се посебно изложени на ризик заради биомагнификацијата на неразградливите органски полутанти.

Заклучок

уреди

Неразградливите органски полутанти се одликуваат со нивната липофилност, одржливост и полунестабилност. Овие одлики се склоност за присутноста на овие соединенија во човековата околина и нивен слободен транспорт во атмосферата. Овие супстанци исто така се познати и по својата одлика на биомагнификација и биоконцентрација под типични услови, притоа постигнувајќи потенцијално релевантни концентрации на токсичност.

Овие својства на необична упорност и полунестабилност, заедно со другите одлики, резултираат во присуство на соединенијата во целиот свет, дури и во регионите каде што никогаш не биле користени.

Голем број од овие супстанци, резултираат со несакани последици по човековото здравје, како и врз животната средина, вклучувајќи оштетена репродукција, нарушена ендокрина функција и рак. Речиси, сите од овие дванаесте супстанци се потенцијални канцерогени супстанци.

Исто така, голем дел од овие супстанци сè уште се користат во некои земји. Малиот број на веродостојни податоци во врска со употребата и отстранувањето оневозможува точно да се утврдат квантитетите кои сè уште се користат, каде се користат, специфичните производи на кои се користат, како и иницијативите за елиминација на овие супстанци. Каде што постојат пак податоци, тие се загрозени со различни ограничувања што го отежнува развојот на сеопфатни и точни употребливи податоци.

Убедливи и суштински докази постојат за актуелните и потенцијалните токсични влијанија на овие супстанци и на здравјето на луѓето и на животната средина. Точен и веродостоен попис на глобалното производство, употреба и диспозиција, мора да се развива за да се овозможи делотворно и ефикасно отстранување на овие супстанции во целиот свет.

Засега постојат неколку стратегии за намалување на ризикот. Тие вклучуваат поголема употреба на алтернативи за супстанци кои се сè уште во употреба и правилно отстранување на неразградливите органски полутанти со нивно складирање во затворени системи. Бидејќи ова е глобален проблем, овие стратегии треба да бидат координирани на глобално ниво и мора да бидат прилагодени на социо-економските фактори. Луѓето се среќаваат со широк спектар на изложувања на животната средина на неразградливите органски полутанти. Затоа многу работа останува да се направи на студијата за здравјето на човекот и влијанието од изложување на неразградливите органски полутанти, а и тежината на постојните научни докази е доволна за да може да посочи итни акции за да се намалат ризиците по човековото здравје. Постои општа согласност дека изложеноста на одредени неразградливи органски полутанти може да имаат потенцијал за значително влијание врз здравјето на луѓето без разлика дали е тоа на краток или долг рок. Висока изложеност на некои неразградливи органски полутанти доведува до акутни ефекти, вклучувајќи смрт, додека во случај на помали нивоа на изложеност би се појавиле долгорочни несакани ефекти.

Наводи

уреди

Литература

уреди
  • Ritter L; Solomon KR, Forget J, Stemeroff M, O'Leary C.. "Persistent organic pollutants". United Nations Environment Programme.
  • "The Dirty Dozen". United Nations Industrial Development Organization.
  • "Interview with Mr. Lars Nordberg". United Nations Economic Commission for Europe.
  • Lee DH, Lee IK, Song K, Steffes M, Toscano W, Baker BA, and Jacobs DR Jr. (2006), A Strong Dose-Response Relation Between Serum Concentrations of Persistent Organic Pollutants and Diabetes
  • "Living on Earth: POPsible Nightmare". Living on Earth.
  • World Health Organization Persistent Organic Pollutants
  • Pops.int, Stockholm Convention on Persistent Organic Pollutants
  • Resources on Persistent Organic Pollutants (POPs)