Мрачна недела, е песна позната и како „Унгарска песна на самоубиства“, компонирана од унгарскиот пијанист и композитор Режо Шереш, објавена во 1933 година.

Оригиналните стихови носеле наслов Светот завршува (Vége a világnak), се однесувале на очајот предизвикан од војна, и завршувале со молитва за човечките гревови. Поетот Ласло Јавор напишал свои стихови за песната и ги нарекол Тажна недела (Szomorú vasárnap). Во овие стихови протагонистот сака да изврши самоубиство, и со тоа да ја следи својата сакана во смртта.[1] Овие стихови станале попопуларни, а првата верзија била заборавена. Песната првпат е снимена во Унгарија од Пал Калмар, во 1935 година.

„Мрачна недела“ на англиски јазик е снимена за првпат од Хал Кемп во 1936 година, со стихови препеани од Сем М. Луис,[2] и истата година повторно е снимена од Пол Робесон со стихови на Дезмонд Картер. Станала добро позната во земјите од англиско говорно подрачје после верзијата на Били Холидеј во 1941 година. Стиховите на Луис наведувале на самоубиство, а налепницата на плочата ја опишувала песната како „Унгарска песна на самоубиства“. Постои легенда која тврди дека многумина извршиле самоубиство додека ја слушале оваа песна.[3]

Историјат на песната

уреди

Песната е компонирана од Режо Шереш додека живеел во Париз, во обид да стане признат композитор, кон крајот на 1932 година.[4] Оригиналната композиција била мелодија за пијано во Це минор, со стихови кои се пееле.[5] Шереш ја напишал песната во време на Големата депресија и појавата на фашизмот. Постојат различни мислења околу тоа дали тој ја напишал оваа песна поради личната меланхолија или поради загриженост за светот. Основата на стиховите на Шереш е неправдата на луѓето и молитва до Бога да има милост кон современиот свет и кон луѓето кои прават зла.[6] Постојат извори кои велат дека[7] стиховите од првата верзија Светот завршува (Vége a világnak) не биле напишани пред Втората светска војна, и немале авторско право до 1946 година.

На почеток, Шереш имал проблем да си најде издавач, главно поради невообичаеното ниво на меланхолија во песната. Еден од потенцијалните издавачи, изјавил:

Не е работата во тоа што песната е тажна, туку што во неа постои еден вид очај. Верувам дека никому што ќе ја чуе, ништо добро нема да му донесе.[8]

Наводи

уреди
  1. Sheet music Архивирано на 5 март 2016 г. gloomy-sunday.jpg (442×694)
  2. "Gloomy Sunday" - Sam Lewis lyrics Архивирано на 21 јануари 2013 г., Accessed 7 November 2011
  3. The 21st Floor: Ash, Pryce, "It May Be Freaky Friday, But Sunday Is Gloomy", 7 August 2010 Архивирано на 25 април 2012 г.. Accessed 7 November 2011
  4. "Gloomy Sunday" at Feel The Blues With All That Jazz. Accessed 7 November 2011
  5. There Are Places I Remember: "Gloomy Sunday". Accessed 7 November 2011
  6. "Vége a világnak" - Rezső Seress lyrics Архивирано на 24 мај 2013 г.. Accessed 7 November 2011
  7. Rezső Seress' Gloomy Sunday - Board, Accessed 8 November 2011
  8. D.P. McDonald, "Gloomy Sunday: Overture to Death". Accessed 7 November 2011

Надворешни врски

уреди