Мобинг (англиски: mobbing) е појава на психичко малтретирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работникот, кои може да предизвикаат повреда на човековите права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесно здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата. Во македонската правна терминологија за поимот "мобинг" се употребува изразот "вознемирување на работното место".

Дефиниција

уреди

Според шведскиот психолог Хајнц Лејман, кој е автор на поимот "мобинг" и најзаслужен за неговото воведување во законодавството на Европската унија, мобингот претставува психолошки терор на работното место и вклучува непријателска и неетичка комуникација и малтретирање кои се систематски насочени од еден или повеќе поединци кон друг поединец, кој на тој начин е ставен во беспомошна положба и неможност да се одбрани.[1] Оваа дефиниција е прифатена ширум светот, а најчестата причина е психопатологијата на оној кој го спроведува мобингот. Според тоа, мобингот е психопатолошка појава каде оној кој го спроведува настојува да ги компензира своите лични недостатоци (емиоционална сатисфакција). Сепак, често, оваа појава добива различна димензија, бидејќи таа може да биде предизвикана од други побуди, на пример, да се обезбеди економска или политичка сатисфакција.

Мобингот во македонската практика

уреди

Според спроведените анкети со анонимни испитаници, направени од страна на синдикатите, речиси половината од работниците во Македонија наведуваат дека се жртва на мобинг. Меѓутоа, во судската практика во Македонија не е забележана ниту една пресуда со која би се утврдило вршењето мобинг. Токму тоа било причината на 31 мај 2013 година да се донесе посебен Закон за заштита од вознемирување на работното место, со кој детаљно се пропишани правата, обврските и одговорностите на работодавачите и на работниците во врска со психичкото и половото вознемирување. Претходно, мобингот бил регулиран со Законот за работните односи во кој мобингот бил дефиниран како "негативно однесување од страна на поединец или група кое често се повторува (најмалку во период од шест месеци), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место".[2]

Со Законот за заштита од вознемирување на работното место била пресликана досегашната дефиниција на мобингот, но со одредени измени. Така, бил зголемен опфатот на можните загрозени категории од мобинг (вработените, кандидатите за вработување, волонтерите, лицата ангажирани со договор на дело или со авторски договор итн.). Понатаму, во дефиницијата на мобингот бил изоставен делот со кој се наведувало дека мобингот треба да се повторува најмалку шест месеци. Бидејќи понекогаш не е јасно кое однесување на работодавачот може да се смета за мобинг, во законот се наведени активностите кои не претставуваат вознемирување на работното место, и тоа:

  • поединечни акти донесени од работодавачот со кои се одлучува за права и обврски на работникот, а против кои вработениот има право на заштита со постапка утврдена со закон,
  • оневозможување да се користат права утврдени со закон или со колективен договор, чија заштита се остварува во постапка кај работодавачот или пред надлежен суд,
  • неоправдано постапување или дискриминација на вработениот во врска со кои се обезбедува заштита согласно законите,
  • повремени разлики во мислењата во врска со прашања и проблеми поврзани со работните задачи, освен ако тие немаат цел да го повредат или намерно да го навредат работникот.[3]

Исто така, со Законот за заштита од вознемирување на работното место се пропишани обврски и задолженија за работодавачите и вработените:

  • преземање превентивни мерки за обезбедување здрава работна средина во која се почитуваат достоинството и здравјето на работникот,
  • определување посредник, т.е. составување список на лица кои ќе посредуваат меѓу засегнатите страни,
  • запознавање на вработените со забраната за вознемирување на работното место и начините за заштита на вработените.

За неисполнување на обврските пропишани со Законот за заштита од вознемирување на работното место се предвидени прекршочни казни во висина од 5 000 до 6 000 евра во денарска противвредност за работодавачот-правно лице, од 3 000 до 4 000 евра за одговорното лице и 1 000 до 2 000 евра за работодавачот-физичко лице.[4]

Согласно Законот за заштита од вознемирување на работното место, постапката за заштита од вознемирување на работното место поминува низ неколку фази: претходна постапка во која лицето кое се смета за жртва на мобинг треба писмено да се обрати до лицето кое го вознемирува и да му укаже на неприфатливото однесување, постапка за посредување, која е итна и која посредникот треба да ја заврши во рок од 15 дена, со донесување препораки (ако посредувањето било успешно), со писмено известување (ако посредувањето било неуспешно) или пак со заклучок за запирање на постапката (доколку двете страни писмено се иткажат од натамошното водење на постапката), судска заштита во која жртвата на мобингот може да бара утврдување дека претрпела вознемирување на работното место, забрана за вршење однесување кое претставува вознемирување, забрана за повторување на однесувањето, преземање дејствија за отстранување на последиците до вознемирувањето и надомест на материјалната и нематеријалната штета.[4]

Наводи

уреди
  1. Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Мобинг - вознемирување на работното место", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 68.
  2. Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Мобинг - вознемирување на работното место", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 68-69.
  3. Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Мобинг - вознемирување на работното место", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 69.
  4. 4,0 4,1 Драгана Јашевиќ и Јане Војчески, "Мобинг - вознемирување на работното место", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 70.

Надворешни врски

уреди