Млекарка (Вермер)

слика на Јан Вермер

Млекарка (холандски: Dienstmagd mit Milchkrug ) е слика масло на платно од холандскиот сликар Јоханес Вермер создадена помеѓу 1657 и 1661, постојат различни толкувања за нејзиното датирање, денес е во Државниот музеј во Амстердам каде што е еден од најважните и најпосетени експонати[1].

Млекарка
Dienstmagd mit Milchkrug
Творец Јоханес Вермер
Година c. 1657–1658 (различни проценки)
Димензии в. 45.5 см × ш. 41 см
Место Државен музеј (Амстердам), Амстердам, Холандија

Денес ова дело се вбројува меѓу најзначајните на Вермер. Воедно според композицијата и севкупната ликовна атмосфера, ова дело ги следи неговите ликовни постулати во кои неговата творечка зрелост го достигнала својот занаетчиски, креативен и мисловен врв.[2].

Опис

уреди

На сликата е прикажана млекарка, жена која молзи крави и прави млечни производи како путер и сирење, таа внимателно го истура млеко во заоблено глинено садче, ставено на маса, во обична просторија. Млекарките првично работеле исклучиво во штали, пред богатите куќи да ги најмат за да ги извршуваат домашните работи, а за да не вработувале повеќе персонал.

На масата има разни видови леб. Таа е млада, силна жена, облечена скромно, во облека од лен, сина престилка и засукани заштитни ракави над подлактиците. Врз неа и врз целата, обична просторија, се разлева силна, дневна светлина.

Со сликањето на слугинката додека готви внимателно, Вермер не само што во слика внесува сцена од секојдневниот живот, туку сликата добива етичка и социјална вредност. Оваа скромна жена, посветено создава производ за домаќинството. „Нејзиното одмерено однесување, скромен фустан и претпазливоста при подготовка на храна, елоквентно, но сепак ненаметливо, покажуваат една од најсилните вредности на Холандија од 17 век, домашна доблест“, истакнуваат некои критичари[3].

Стил

уреди

Според изборот на уметникот за релативно ниска гледна точка и композиција во вид на пирамида, структурите од формите прикажани на сликата, почнувајќи од левиот преден план до главата на жената, сликата создава впечаток на монументалност и „можеби чувство на достоинство“. Преку оваа слика Вермер и композициски и структурално како и колористички ќе наговести идни сликарски стилови и ликовни преокупации суштински во 19 век и почеток на 20. Сликата ги содржи основните стилски одлики на овој голем автор. Чувство за реалистички детали. Прецизност. Неверојатна игра и доловување на светлината, можеби во ова дело највпечатливи. Поетско чувство за атмосферата - тивка ненаметлива, сконцентрирана. Често се споменува нејзината историја или нејзината позиција во рамките на историјата на уметноста но, не се разгледуваат симболите, композицијата, неверојатното сликарско толкување на мотивот и бројни други елементи кои се доказ за обмисленоста, анализата и филозофската ликовна постапка кај овој генијален автор[4].

Техника на сликање

уреди

Вермер спаѓа меѓу авторите кои го довеле до совршенство масленото сликарство. Бројните проучувања меѓу кои спаѓаат и ренгенски скенирања, и не само за ова негово дело, откриле употреба на чисти и добро обработени пигменти, точна и мајсторска употреба на врзива, масло, лак и други технолошки елементи кои најверојатно Вермер, самиот ги приготвувал според сопствените истражувања и потреба во ликовниот израз. Во ликовната постапка, покрај инсистирањето на реалниот приказ, точен и прецизен до еден совршен реалистички метод, Вермер инсистирал и на специфична употреба на светло темното, односно специфичната претстава на светлината, што зборува дека користел метод на лазурно поставување на колоритот во неколку транспарентни слоеви, со што постигнувал длабочина, специфична колористичка гама и педантност во изработката[5].

Оваа слика има „можеби најсветла палета на бои меѓу неговите дела“. Во неа употребувал скап природен ултрамарин (направен од кршен лапис лазул) додека другите сликари обично користеа многу поевтин лазурит. Покрај ултрамаринот, жолтиот пигмент е доминантен и во оваа екстремно светла слика (со значително помалку темно и конвенционално пренесување на светлина од која било слика на на Вермер). Со употребата на оловно белата боја, постигнал ефект на дневната светлина со различен интензитет, покажувајќи ги ефектите на нерамна текстура врз малтерисаните површини. Уметникот тука користел бело олово, умбер и црн јаглен. Грубите црти на лицето на жената се насликани со дебели слоеви на боја (импасто). Семето на кората на лебот, како и самата кора, заедно со плетените рачки од корпата за леб, се насликани со гранулирани наслаги од поантиле. Меките парчиња леб се прикажани во тенки спирали во боја, со мала количина окер.

Влијание

уреди

Како и повеќето дела на овој мајстор, сликата била инспирација, патоказ и размисла на низа ликовни творци како и во развојот на самата ликовна уметност. Иако неговата слава и признание дошло подоцна, неговата ликовна заслуга е откриена малку подоцна, сепак, денес во многу сегменти, неговата ликовна постапка и порака е интензивно присутна. Поетиката, мислата, постапката, третманот на светлината, психологијата на моделите - најчесто женскиот лик и друго се содржината која е предмет на инспирација и ликовна поука за многу сликари. Ова е делото од кое започнале многу сликарски правци во иднина: социјалниот реализам (Гистав Курбе), импресионизам и постимпресионизам (Ван Гог). Во дваесеттиот век неговата постапка ќе биде основата за развојот на стилскиот правец хипер реализам како и надреализам.

Таа често се јавува како цитат и во применетата уметност дизајнот а и во делата на некои постмодерни сликари.[6].

Библиографија

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. „The Milkmaid“. Архивирано од изворникот на 2020-11-24. Посетено на 2020-12-01.
  2. The Milkmaid, Johannes Vermeer
  3. The Milkmaid, Essay
  4. „The Complete Interactive Vermeer“. Архивирано од изворникот на 2020-12-17. Посетено на 2020-12-01.
  5. A Closer Look at The Milkmaid by Johannes Vermeer
  6. "The Milkmaid" by Johannes Vermeer depicts a domestic kitchen maid“. Архивирано од изворникот на 2020-11-22. Посетено на 2020-12-01.