Марко ја губи јунаштината

Марко ја губи јунаштината — македонска епска песна за Крале Марко.

Содржина

уреди

Се собрале 70 кралеви, фалејќи се за своите јунаштва. Тогаш, младиот Крале Марко се пофалил дека е поголем јунак од нив и дека може да ја крене Земјата и да излезе на двобој со Господ. На тие зборови, кралевите го искарале, кажувајќи му дека неговиот татко Волкашин имал огромно богатство, а сепак, никогаш не се пофалил. Засрамениот Марко го јавнал коњот и си заминал, а земјата почнала да се тресе од неговата сила. Тоа го видел Господ и за да ја ослободи Земјата од таа грда сила, се престорил во старец, наполнил една мала торба со земја и седнал на една раскрсница.

Токму тука поминал Марко, а дедото го замолил да му ја поткрене торбата. Марко се обидел да ја крене торбата со копјето, но тоа му се скршило. Потоа, тој се наведнал, не слегувајќи од коњот, и се обидел да ја крене торбата, но не успеал, иако Шарец пропаднал в земја до колена. Марко се налутил и слегол од коњот, запнал со сета сила и малку успеал да ја поткрене торбата, но тогаш почувствувал дека нешто му се скинало во срцето, а самиот тој пропаднал до колена во карпата на која стоел.

Тогаш, Господ му кажал на Марко дека ја кренал Земјата, но притоа ја загубил силата, благословувајќи го и понатаму да биде голем јунак. Истовремено, тој му кажал дека од него ќе има поголеми јунаци, а тој ќе ги победува со итрина, наместо со јунаштво. Марко, зачуден и натажен, ронејќи солзи, полека се вратил во Прилеп, каде се оженил и продолжил да го води своето кралство, а оттогаш почнал да се бори со итрина.[1]

Наводи

уреди
  1. Јунак над јунаци - епски песни за Марка Крале, Култура, Скопје, 1967, стр. 67-71.