Лепенски Вир
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Лепенски Вир — археолошко наоѓалиште во Србија на десниот брег на реката Дунав, во центарот на Балканот. Потекнува од палеолитскиот период (6500 до 5500 г. п.н.е.) и е поделена на три фази, кои содржат свои потфази. Првата која е и најпримитивната е Прото Лепенски Вир, потоа следи Лепенски Вир I (a,b,c,d и e) и на крај од мезолитот е Лепенски Вир II (a и b). Припадниците на оваа заедница биле пред сè ловци и собирачи на плодови. Биле пронајдени околу 136 станбени објекти и светилишта, сите биле со сличен облик но со различни димензии. Сите објекти од Лепенски Вир имаат основа на кружен исечок. Куќите биле свртени на исток кон Дунав, а целиот простор е расчленет со патеки и рампи додека пак бочните страни на живеалиштата се паралелни со закосени бочни страни на терасите. “Темелите” ги исполнувале со прамалтер во кој набивале камења кои служеле како праг околу целата куќа. Огништето се наоѓало во пресекот на симетралите на триаголникот (каде што стоел жртвеникот) кон излезот, и било опкружено со плочкести камења.
Во „прото-Лепенски Вир“ немало подови од прамалтер, но имало огништа, во Лепенски Вир I се појавува цврстиот под, додека во Лепенски Вир II пристапиле и кон украсување на огништата. Најмалата куќа изнесувала 7 квадратни метри, а најголемата 40 квадратни метри. Живееле групирани во семејства, а во една куќа живееле и по три генерации.
Пронајдени се 29 скулптури изработени од камен кој се наоѓал на оддалеченост од 10 километри. Тие биле крупни округли или елипсовидни речни камења земени од коритото на Бољетинска река, која за разлика од Дунав е брза планинска река. Големината на скулптурите се дрижи од 16 до 66 сантиметри, нив ги имало во секоја куќа и биле пропорционално поврзани со нејзината големина. Во Лепенски Вир I има само претстави на глави додека во Лепенски Вир II се гледаат екстремитети, полови органи, коса, а тоа се постигнувало со поголеми и подлабоки врежувања на каменот. Скулптурите ги изработувале со крајна стилизираност. Ги има зооморфни антропоморфни и некои кои се со апстрактна форма. Очите и устата се риболики, додека носот и ушите човечки. Повеќето од скулптурите биле пронајдени во in situ положба.