Леопард од ридовите Јелагири

Леопардот од ридовите Јелагири бил човекојаден индиски леопард за кој се смета дека имал 3 жртви во околината на Јелагири – ридови источно од Јаларпет. Убиен бил од Кенет Андерсон, кој подоцна го опишал како:

“..тој беше со многу необични навики дури и за човекојадец. Тој постојано ги напаѓал жртвите преку ден. Тоа го прават само тигрите, додека човекојадните пантери, кои се кукавици, најчесто се активни преку ноќта.”

— Човекојадниот пантер од ридовите Јалагири, The Black Panther of Sivanipalli, Kenneth Anderson, Allen & Unwin Ltd, 1957

Почетоци

уреди

Леопардот најпрво се ограничувал на ловење крави од стадата во околината во период од три месеци. За ова време стадото на Натан изгубило 4 животни, додека двајца други говедари од истото село изгубиле по еден пар. Кога почнала сезоната на монсуни, говедата биле префрлени во селата. Леопардот ги следел овие стада, но постојано бил бркан од говедарите, сè до еден ден кога бил толку гладен што убил крава пред очите на двајца селани. Бидејќи леопардот станал закана за селото, месното население побарало помош од шумарот по име Раму. Тој најпрво се двоумел дали да ја прифати задачата поради тоа што немал многу искуство во ловењето на месојадци. Сепак прифатил и следниот ден побарал да биде поставена мамка – коза врзана за банјан дрво (индиска смоква) во близина на територијата каде често бил забележуван леопардот. Со помош на неколку селани тој изградил еден вид платформа на дрвото, каде стоел и го чекал ѕверот. По два часа, леопардот го забележал мамецот. Раму веднаш истрелал еден куршум. Леопардот избегал во џунглата, меѓутоа иако оставил крвава трага, тој не бил пронајден следното утро.

Прв обид за лов на леопардот

уреди

По два месеци, во истата област, леопардот нападнал 16-годишно момче кое успеало да се одбрани со стап. Три недели подоцна леопардот убил козар кој го нападнал животното во обид да го спаси своето стадо. Следното утро, 30-тина селани тргнале во потргага по козарот, но го нашле само неговото полуизедено тело под густа грмушка, на растојание од 100 јарди од местото каде јасно се гледале траги од крв и отисоци од леопард во калта. Кенет Андерсон бил информиран за ова убиство неколку дена подоцна. Тој прифатил да го улови животното. Од локалниот земјопоседник (Пател) побарал коза. Со помош на селаните изградил платформа, и го врзал јарето на околу 6 метри оддалеченост. Леопардот не се појавил ниту ноќта, ниту во следните 3 дена. По неуспешните обиди, Андерсон се вратил во Бангалор, но побарал да го информираат доколку леопардот повторно се појави во селото.

Втор обид за лов на леопардот

уреди

По седум недели, исчезнал еден носач на пошта, а по потрагата биле пронајдени остатоци од неговото тело. Андерсон повторно стигнал во селото, а месното население го информирало дека леопардот често бил забележуван на ридот Периамалаи (Голем Рид), оддалечен околу 5 километри од селото и 8 километри од местото каде била убиена последната жртва. Како мамец овој пат било одбрано магаре. Три магариња биле поставени на различни локации, едно на местото каде бил убиен носачот на пошта, а другите две близу до селото. Неколку дена не се случило ништо, сè до ноќта кога магарето кое било поставено на местото на претходното убиство, било убиено и половично изедено. Андерсон и дел од селаните веднаш изградиле платформа на дрвото во близина на мршата. Ноќта Андерсон го чул дишењето на леопардот во близина, меѓутоа не отворил оган бидејќи чекал животното да се доближи до мршата. Малку подоцна, леопардот свесен за присутноста на Андерсон нападнал кон платформата. Андерсон испукал еден куршум, и леопардот избегал во џунглата и не се вратил повторно. Утрината, виделе дека остатоците од магарето не биле изедени, а немало и некакви траги дека куршумот го погодил леопардот. Андерсон се вратил во Бангалор чекајќи повторно појавување на ѕверот.

Трет обид за лов на леопардот

уреди

Речиси четири месеци подоцна, Андерсон добил нова телеграма на која пишувало дека леопардот повторно нападнал. Тој пристигнал во селото каде го информирале дека жртвата била млада жена која полнела вода од река во подножјето на Периамалаи и била убиена пред 3 дена. Како мамец му било понудена коза. Андерсон не бил многу задоволен со понудената мамка, бидејќи било многу старо животно кое ретко пуштало глас и било со црна боја на крзното – боја која не е присутна кај природниот плен на леопардите. Сепак, тој го врзал животнот во близина на реката и се скрил во блиска грмушка. И оваа ноќ поминала безуспешно.

Смрт на леопардот

уреди

Следното утро Андерсон ја вратил старата коза во селото, и купил друго помлада која се надевал дека ќе го привлече вниманието на леопардот. И оваа коза ја врзал на истото место како и претходно. Ноќта го слушнал наближувањето на леопардот. По неколку моменти, леопардот за`ржал и покажал дека е свесен за присутноста на Андерсон. Андерсон се свртел и го видел леопардот на оддалеченост од околу 3 метри. Набрзина истрелал 2 куршума и го погодил во грлото и градите. Следното утро, телото на леопардот било пронајдено. Опишано е како:

“Стар мажјак, со слабо побледено крзно, ги покажуваше сите знаци на човекојадец, неговите песјаци беа истрошени поради староста а канџите му беа тапи и изабени”

— Човекојадниот пантер од ридовите Јалагири, The Black Panther of Sivanipalli, Kenneth Anderson, Allen & Unwin Ltd, 1957

Наводи

уреди
  • The Man-eating Panther of the Yellagiri Hills, The Black Panther of Sivanipalli, Kenneth Anderson, Allen & Unwin Ltd, 1957