Леандра

пропаст (пештера) близу селото Локвица во Порече

Леандрапештера која се наоѓа во близина на селото Локвица во областа Порече, западна Македонија. Големиот отвор на пропаста Леандра, налик на кратер, е сместен речиси до врвот на благо возвишение во месноста Преслоп 1 км јужно од селото Локвица. Сместена е на истоименото плато кое е составено од деломитични кристалести варовници[1]. Отворот е со елипсовиден (овален) облик кој во правец север-југ е долг 19 метри, а во попречниот правец е широк 14,5 метри[1]. Од отворот настанува вертикален отсек, кој на северната страна е висок 4,5 метри, а на јужната 14,5 метри[1], поради што пештерата Леандра навидум има изглед на пропаст. Со оглед дека таваницата и е сурната Леандра спаѓа во групата на ѕвекари, односно претставува преод помеѓу пештера и пропаст, јама[1]. Под отсекот се наоѓа дното на пештерата, кое е наклонето кон југ и претрупано со голема маса на блокови, од што јасно се гледа дека отворот на пештерата е настанат со сурнување на пештерската таваница[1]. Таваниците на пропаста се од варовнички камен и во поголем дел се обраснати со повит, додека дното е земјено и на него се израснати лескови дрвја, грмушки, лишаи и други растенија кои ја исполнуваат внатрешноста, особено во летниот период. Од дното кон запад се отвора и проширува пештерски канал и сала кои се тешко пристапни. Во отсекот на пештерата Леандра се наоѓаат две вдлабнатини[1]. Едното проширување е на јужната страна и има облик на триаголник чијашто основа (на отсекот на влезниот отвор) е долга 14 метри[1]. Должината на оваа вдлабнатина е 16 метри[1]. Страните на триаголникот не се прави, туку се состојат од помали споредни вдлабнувања. Целото ова проширување паѓа кон југ за 22°, а неговото дно е исто така покриено со маса на камени блокови од срушената таваница[1]. Другото проширување е на источната страна и има повеќе овален облик со пречник од околу 20 метри[1]. Дното му е пониско отколку дното на влезниот отвор при што тоа е зарамнето и на него нема срушени блокови[1]. Таваницата на ова проширување е закосена, односно налегната[1]. Воопштено, ова вдлабнување има облик на помала пештерска [1]. По ѕидовите на целата пештера има помали отвори низ кои не може да се пројде. Пештерата е потполно сува, а нема никакви траги и показатели на основа на кои би можело да се заклучи дека низ неа минувале речни текови[1]. Според тоа, пештерата Леандра припаѓа на сувите пештери[1].

Леандра
југозападниот дел од отворот на Леандра
МестоЛоквица, Порече

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 Јовановиќ, Петар (1927). „Карсне појаве у Поречу“. Гласник скопског научног друштва. книга 6: 31–32.