Крива кула во Пиза

(Пренасочено од Кула во Пиза)

Кривата кула во Пиза (италијански: Torre pendente di Pisa), или едноставно Кулата во Пиза е канбанарија или самостојна кула со ѕвона на катедралата на италијанскиот град Пиза. Изградена е на Плоштадот на катедралата (Piazza del Duomo), во склоп на комплексот кој вклучува и катедрала, крстилница и гробишта. Иако било планирано да стои вертикално, поради лошите темели и слабата почва, кулата се накривила до размери што морала да биде санирана за да не падне. Со својата светски прочуена накривеност, кулата привлекува стотици илјади туристи годишно.[1]

Плоштад на катедралата, Пиза
светско наследство на УНЕСКО
Кривата кула во Пиза.
КритериумМешан: (i)(ii)(iv)(vi)
Навод395bis
Запис1987 (11то заседание)
Дополнувања2007

Податоци за кулата

уреди

Кулата е започната во 1173, а завршена дури во 1372 година, па поради тоа содржи градежни стилови и декорации од различни периоди. Висока е 56,7 метри од повисоката страна, и 55,86 метри од пониската. Sидовите се дебели 4,09 метри во основата и 2,48 метри на врвот. Во основата, надворешниот пречник на Кулата е 15,48 м, а внатрешниот 7,37 м. Вкупната маса на кулата се проценува на 14.500 тони. Кулата има 296 или 294 скали, бидејќи на седмиот кат има две скали помалку на едната страна.

На врвот се сместени седум ѕвона според тоновите од музичката скала, од кои најтешкото тежи 3.620 кг.

Во 1987, Кулата, како дел од Плоштадот на катедралата во Пиза, заедно со соседната катедрала, гробишта и крстилница, е прогласена за светско наследство на УНЕСКО.

Санација на кулата

уреди

До 1964, поради слабите темели и мекото земјиште, кулата се накривила до 5,5 степени кон југозапад од нормалата.[2][3][4]

Во 1964., италијанската влада побарала помош за да се спречи паѓањето на Кулата. Истовремено, побарала и да се задржи накривеноста, затоа што тоа било значајно за развојот на туризмот во Пиза. [5]

На исправањето на Кулата работел меѓународен тим од инженери, математичари и историчари. Било откриено дека накривувањето се должи на помеките темели на пониската страна. Имало повеќе идеи, меѓу кои и да се потпре со 800 тони оловни тегови од спротивната страна за да се спречи накривувањето.[6]

Реставрацијата започнала во 1990, после детални студии и планови. Било решено да се ископаат 38 м3 земја под повисоката страна на кулата, со што таа би се подисправила и би се сопрело накривувањето. По ископувањето на земјата, Кулата се исправила за 45 см, со што се вратила на позицијата од 1838 година. По цела декада реконструктивни и стабилизациски зафати, кулата била повторно отворена за посетители на 15 декември 2001. година, и прогласена за стабилна за барем уште следните 300 години.[6] По реставрациите во 1990 и 2001 Кулата е „вратена“ на 3,9 степени.[7] Со оглед на висината, ова значи дека врвот на кулата отстапува од нормалата за 3,97 метри.[8]

Во мај 2008, по ископувањето на уште 70 тони земја, инженерите прогласиле дека накривувањето на Кулата е запрено за првпат во нејзината историја, и дека ќе биде стабилна во следните 200 години.[9]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Информации од мрежната страница на Кулата“. Архивирано од изворникот на 2005-11-26. Посетено на 2009-08-09.
  2. „EUROPE | Saving the Leaning Tower“. BBC News. Посетено на 2009-05-09.
  3. „Tower of Pisa“. Archidose.org. 2001-06-17. Архивирано од изворникот на 2009-06-26. Посетено на 2009-05-09.
  4. „Leaning Tower of Pisa (tower, Pisa, Italy) - Britannica Online Encyclopedia“. Britannica.com. Посетено на 2009-05-09.
  5. „Securing the Lean In Tower of Pisa“. The New York Times. 1 ноември 1987.
  6. 6,0 6,1 „Tipping the Balance“. TIME Magazine. 25 јуни 2001. Архивирано од изворникот на 2012-11-07. Посетено на 2009-08-09.
  7. „E la Torre di Pisa non oscilla più“. Scienze.TV. 2008-05-28. Архивирано од изворникот на 2012-05-24. Посетено на 2009-05-09.
  8. tan(3,97 степени) * (55,86 m + 56,70 m)/2 = 3,9 m
  9. Duff, Mark (2008-05-28). „Europe | Pisa's leaning tower 'stabilised'. BBC News. Посетено на 2009-05-05.

Надворешни врски

уреди

43°43′23″N 10°23′47″E / 43.72306° СГШ; 10.39639° ИГД / 43.72306; 10.39639