Кртола

(Пренасочено од Кртоли)

Кртола, грутка или тубер (лат. tuber) е видоизменето стебло или корен кај некои растенија, врз основа на што и се разликуваат стеблени и коренови кртоли.

Компирова грутка (стеблена грутка) со млади изданоци.
Коренови грутки од сладок компир (Ipomoea batata).

Стеблените кртоли настануваат со интензивно примарно или секундарно задебелување на хипокотилот (вистински стеблени кртоли), или се развиваат од еден или повеќе изданоци од интернодиумите. Првична функција на грутките е складирање на резервни материи (особено скроб), преживување на неповолните услови на средината и размножување.

Вистинските стеблени грутки се развиваат кај некои едногодишни (циклама) и двегодишни растенија (ротквица, цвекло). Кртолата што настанува од интернодиумите на стеблото може да се забележи кај келерабата.

Кртолите на компирот настануваат на краевите од плагиотропните подземни интернодиуми (столони), а служат за складирање на скроб и за размножување.

Кореновите кртоли настануваат со задебелување на страничните корења и ги задржуваат нивните анатомски одлики (присуство на коренова капа, отсуство на лисни зачетоци).