Крива на рамнодушност
Крива на рамнодушност (англиски: indifference curve) — крива која ги покажува сите комбинации на два производа кои на потрошувачот му даваат иста корист, т.е. исто задоволство. Бидејќи сите точки на оваа крива му обезбедуваат еднакво задоволство на потрошувачот, тој е рамнодушен во однос на тие комбинации на производите, односно не претпочита ниту една комбинација во споредба со другите. Во микроекономијата, кривата на рамнодушност ги покажува вкусевите, т.е. преференциите на потрошувачот.[1][2]
Својства на кривата на индифиренција
уредиАнализата на кривите на индифиренција се темели врз две основни претпоставки:[3]
- потрошувачот ги посакува двата производа,
- производите се континуирано деливи.
Како последица на првата претпоставка, кривите на индифиренција имаат негативен (опаѓачки наклон), а тоа значи дека ако се зголеми количеството на производот А, тогаш мора да се намали количеството на производот Б за потрошувачот да остане рамнодушен меѓу двете комбинации. Ова пак значи дека меѓу две криви на индиференција, потрошувачот ја претпочита повисоката, зашто таа претставува таква комбинација на производите А и Б која содржи поголемо количество од производот Б за секое дадено количество од производот А. Втората претпоставка, пак, значи дека кривите на индиференција се континуирани (заедно со претпоставката дека потрошувачот избира меѓу инфитезимални количества од двата производа). Во продолжение, економистите претпоставуваат дека кривите на индифирентност се конвексни, но тоа не е дефиниција, туку само емпириска претпоставка. Притоа, во почетните фази од развојот на теоријата на користа (utility theory), економистите ја изведувале конвексноста од опаѓачката маргинална корист на производите. Имено, ако секоја следна единица од некој производ има помала корист од претходната, тогаш ако се одземе единица од еден производ, за да остане задоволството на потрошувачот непроменето, мора да се додаде повеќе од единица од друг производ, што значи дека кривата на индифиренција ќе биде конвексна. Меѓутоа, ова не е точно, ако користа од еден производ зависи и од количеството на другите производи со кое располагаме. Оттука, конвексноста на кривата на индиференција се докажува на друг начин, т.е. ако потрошувачот купува некое количество од двата производа, тогаш кривата мора да биде конвексна, зашто при конкавни или линеарни криви на индифиренција потрошувачот купува само еден производ.[4]
Множеството на сите криви на рамнодушноста за сите можни комбинации на производите се нарекува мапа на индифирентноста (indifference map) или мапа на преференциите (preference map) која целосно ги опишува преференциите (вкусевите) на потрошувачот. Мапата на индифирентноста се одликува со четири својства:[5]
- комбинациите на производите што се наоѓаат на подалечните криви на индифирентноста (во однос на почетокот на координатниот систем) потрошувачот ги сака повеќе од оние што се наоѓаат на кривите на индифирентноста што се наоѓаат поблизу до координатниот почеток.
- за секоја можна комбинација на производи постои соодветна крива на индифирентност
- кривите на индифирентност не можат да се сечат меѓу себе
- кривите на индифирентност се наклонети надолу
Во продолжение, за кривите на индифирентност се претпоставува дека се конвексни во однос на почетокот на координатниот систем. Во принцип, кривите на индифирентноста не мора да бидат конвексни, но искуството покажува дека повеќето луѓе имаат конвексни криви на индифирентност. Имено, кога човекот има многу од некој производ, тој сака даде повеќе од него за да добие некој друг производ, но потоа, тој дава сè помалу од првиот производ за втората, третата итн. единица од другиот производ.[6]
Маргинална стапка на супституција
уредиБидејќи кривата на индиференција е опаѓачка, нејзиниот наклон има негативна вредност. Притоа, наклонот на кривата на индиференција се вика маргинална стапка на супституција на производот А за производот Б. Оваа стапка покажува колкаво количество од производот А потрошувачот сака да го замени за единица од производот Б.[7] [8]
SAБ = -ΔA⁄ΔБ = MUА⁄MUБ
каде: SAB е маргиналната стапка на супституција; MUА е маргиналната корист на производот А; MUБ е маргиналната корист на производот Б.
Наводи
уреди- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 48.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 77.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 50.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 50-53.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 77.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 80-81.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 52.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 80.