Клетва (или колнење) е форма на говор при што (спротивно од благословите) се посакува да се случи нешто лошо. Разни видови на клетви се појавуваат уште во предисториските култури, а денес голем дел од клетвите се присобрани од фолклорните дејци како народни умотворби.

Жена изведува ритуал на проколнување (Хокусај)

Опис

уреди

Според формата и содржината, клетвите и благословите се блиски до другите кратки фолклорни жанрови и имаат афористичен карактер, но по својата смисла и задача тие одговараат на баењата. Иако се спротивни едни на други, клетвите и благословите имаат заедничко потекло: на почетокот биле поврзани со религијата и произлегле од примитивниет верувања во принудната, магиска сила на зборовите изречени при одредени обреди и услови.[1]

Клетвата според народното верување, иако вербална, претставувала тежок облик и на нанесување зло поради омраза, одмазда или некоја друга причина. Најтешки клетви биле крвните: од родителот, братот, сестрата; клетвите од кумот, пријателот кој помагал во неволја, побратимот или луѓето на кои им било нанесено зло исто така се сметале за тешки. Животните и билките исто така можеле да го проколнат човекот, особено ако чинел зло врз нив постојано и со намера.

Жените своите клетви понекогаш ги театрализирале со распетлани кошули, разголени гради, со расплетување или сечење на косата, со клетва која добивала облик на песна, дури и римувана како тажаленка. Но колнењето имало сопствена реперкусија, криво изречената клетва најчесто се враќала, на оној кој колне, но и на неговото потомство. Во народот влаедеело верувањето дека клетвата за дете претставува потешка казна од тепањето. Клетвата претставува отворена и партнерска комуникација со оној свет, повикување на оностраното е под призма на истерување на правда и во определени периоди ја има улогата на институција. Според некои верувања, машката клетва е многу посилна од женската, тоа се објаснува со апотропејна улога на накитот кој е од метал и претставува пречка за комуникација со оностраното.[2]

Клетвата е многупати поврзана со обредно исползување на магиските елементи кои имаат важна улога во зацврстување на вербалното казнување. Кај македонскиот народ е забележано фрлање на камен кон проколнатиот и клетвите поврзани со неговите одлики „Кога каменот ќе се врне и тој да се врне“ или „Камен да се стори“. Засилување на клетвата се вршело и со допирање на земјата (изразување блискост и барање поддршка од мртвите и од демонските битија), како и со разголување (симнување на облеката овозможувала полесен и понепосреден контакт со оностраното), како и со самоповредување (симболично жртвување). Во Малешевијата е познато коленичење, при што разранувањето на колениците (некаде и лактовите) претставува непосредно, крвно врзување со натприродните битија од кои се побарува помош.

Нашите предци практикувале и колективна клетва, најчесто таа имала за цел протерување и отстранување на некоја личност или семејство од заедничкото живеалиште. Ваквиот облик на колнење е карактеристичен за Црна Гора, но бил забележан и во другите краишта. Како најстрашни сепак се забележани клетвите од родителите или од кумот. Секоја криво изречена клетва се враќа повеќекратно. Залудно и лажно колнење се пренесувало казна на потомството, низ генерации. Постоеле верувања дека клетвата може да се отклони со магиските елементи и со помош на натприродните битија. Во страв од проколнување кај нашите народи се забележани помирувања во племенските заедници, прекинувања на крвните одмазди, градење на храмови и др.[3]

Наводи

уреди
  1. Кирил Пенушлиски, „Предговор“, во: Пословици и гатанки (избор и редакција Кирил Пенушлиски). Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 15-16.
  2. Гордана Стојковска, Јужнословенска митологија, Издавачки центар „Три“, Скопје, 2004.
  3. Гордана Стојковска, Јужнословенска митологија, Издавачки центар „Три“, Скопје, 2004.
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: