Каматна капа
Каматна капа (англиски: interest rate cap) претставува договор меѓу две страни каде што купувачот на капата прима определен надомест од продавачот (потписникот) на капата ако референтната каматна стапка надмине некое максимално ниво. Каматната капа спаѓа во групата на финансиски деривати и претставува еден вид опција.
Особености
уредиПри склучувањето на договорот, двете страни се договараат за номиналниот износ на договорот, максималното ниво на каматната стапка, временскиот период на пресметка на каматата и рокот на важење на договорот.
- Номиналниот износ на договорот служи само за пресметка на каматата, односно меѓу двете страни не се вршат никакви исплати на номиналната вредност.
- Максималното ниво на каматната стапка ја претставува извршната цена на договорот (strike rate, cap rate) и таа претставува основа со која се споредува тековното ниво на референтната каматна стапка. Во зависност од разликата меѓу тековната каматна стапка и извршната цена, потписникот на каматната капа се обврзува да му исплати одреден надомест на купувачот на капата.
- Понатаму, со договорот се одредува на која дата ќе се врши пресметката и исплатата на надоместот (determination date, value date).
- Најпосле, договорот има и рок на важење, кој може да изнесува и до 10 години, но најчесто се движи околу 2-3 години.
Каматните капи обично гласат на некоја каматна стапка на пазарот на пари (ЛИБОР, каматната стапка на државни записи, каматната стапка на комерцијални записи, итн.), а како продавачи (потписници) на каматни капи се јавуваат инвестициските и големите комерцијални банки. Како и сите опции, каматните капи претставуваат еден вид осигурување и затоа, нивниот купувач му плаќа на продавачот одредена премија, изразена како процент од номиналната вредност на договорот.
Заштита од каматен ризик
уредиКаматната капа му гарантира на купувачот некоја максимална каматна стапка и, на тој начин, таа ја ограничува неговата изложеност на ризикот од пораст на каматните стапки. Со други зборови, купувачот на каматната капа е сигурен дека неговите каматни расходи нема да пораснат над некое одредено ниво. Во таа смисла, каматната капа претставува куповна опција што гласи на некоја каматна стапка, затоа што му овозможува на купувачот да позајмува по одредена загарантирана каматна стапка. Бидејќи пресметката на каматата и евентуалната исплата на обесштетувањето се врши во одредени временски интервали, договорот за каматна капа, всушност, претставува серија на поединечни куповни опции со иста извршна цена.
Пример за каматна капа
уредиАко една банка се финансира од кусорочни депозити (евродоларски депозити или потврди за депозити), тогаш таа е изложена на ризикот од пораст на каматните стапки. Оттука, банката може да купи договор за каматна капа на каматната стапка на тримесечните државни записи со интервал на пресметка од три месеци. Ако на првата пресметковна дата, каматната стапка на државните записи е повисока од каматната капа, банката ќе добие отштета во висина на разликата меѓу пазарната каматна стапка и каматната капа, сето тоа помножено со номиналната вредност на договорот. На пример, ако тековната каматна стапка на државните записи изнесува 6,5%, додека каматната капа изнесува 6%, а номинална вредност е 30 милиони долари, на првата пресметковна дата, банката ќе добие 37 500 долари (0,005 х 30 милиони х 90/360). Ако на втората пресметковна дата, по истекот на следните три месеци, каматната стапка на државните записи изнесува 5,8%, нема да има никакво плаќање меѓу двете страни на договорот. Според тоа, ако пазарната каматна стапка е пониска од извршната цена, купувачот на каматната капа нема да добие ништо.[1]
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 438-439.