Жртвениот јарец (слика)

Жртвениот јарец (англиски: The Scapegoat, 1856) — слика од англискиот уметник Вилијам Холман Хант на која е прикажан „жртвениот јарец“ опишан во библиската книга „Левит“ (третата книга Мојсеева), за кој Бог заповеда дека мора ритуално да се прогони од стадото на израелските родови како жртва за обредно прочистување на народот. Во духот на христијанските преданија и теологија, Хант сметал дека јарецот е прототип за искупителната жртва што ја поднел Исус Христос, и дека јарецот го претставува токму тој аспект на Спасителот, како што се наведува во библиската книга „Исаија“ како Божји слуга-страдалник. Хант ја врамил сликата со цитирајќи: „А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува.“ (Исаија 53:4)[1] и „Така јарецот ќе ги однесе со себе сите нивни беззаконија во непроодна земја и тој нека го пушти јарецот во пустина“. (Левит 16:22)[2]

Жртвениот јарец
Творец Вилијам Холман Хант
Година 1856
Вид масло на платно
Димензии 86 см × 140 см
Место Уметничка галерија „Леди Левер“, Порт Санлајт, Англија

Во изложбениот каталог на Кралската академија, Хант напишал дека „сцената е насликана кај Усдум, на работ на бреговите Мртвото Море опфатени со згрутчена сол. Во далечината се Едомските планини“.[3]

Намера и значење

уреди

Оваа слика е единственото поважно дело на Хант насликано за време на првата посета на Светата Земја, каде што допатувал поради сопствена криза во вербата. Хант сакал да ги искуси конкретните места за коишто се зборува во Библијата, како начин на соочување на односот помеѓу вербата и вистината. Престојувајќи во Ерусалим, Хант се запознал со Хенри Вентворт Монк, пророк миленарист кој имал теории за смислата на жртвениот јарец и близината на Страшниот Суд. Монк бил особено преокупуран со христијански ционизам.

Тематиката Хант ја презел од Тората, во неговите напори Евреите да ги преобрати во христијанство. Тој сметал дека еврејската претстава за јарецот се совпаѓа со христијанското сфаќање за Спасителот како страдалник. Хант му пишал на својот пријател Џ. Е. Миле: „Со полна надеж сметам дека со [Жртвениот јарец] секој еден промислен Евреин ќе може да го согледа Спасителот каков што бил, а не како некаков овоземски цар, како што тие го сфаќаат“.[4]

Наводи

уреди
  1. Македонска библија 1999 Архивирано на 17 мај 2014 г.; англ. оригинал: „Surely he hath borne our Griefs and carried our Sorrows; Yet we did esteem him stricken, smitten of GOD and afflicted.“
  2. Македонска библија 1999 Архивирано на 17 мај 2014 г.; англ. оригинал: „And the Goat shall bear upon him all their iniquities unto a Land not inhabited“.
  3. Bronkhurst, Judith, Wiliam Holman Hunt, A Catalogue Raisonné, том 1, стр.180.
  4. Fleming, G.H., John Everett Millais: A Biography, 1998, Constable, стр.158

Надворешни врски

уреди