Женска обредна поворка Водичарки од село Беранци, Битолско

Женска обредна поворка Водичарки од село Беранци, Битолско е духовно културно наследство според Националната класификација на културно наследство, 3.1.4.1.1.1.[1]

Обредно-обичајните дејствија за време на празнувањето на Водици во с. Беранци, Битолско се изведуваат и се предаваат со генерации наназад. Имено, според колективната меморија на локалното население, женски обредни поворки во селото имало уште во 19 век. За жал, поради не постоење на записи ниту етнологијата, ниту фолклористиката не можат прецизно да го датираат.

Потекло

уреди

Црковните празници Богојавление (19/6 јануари) и Собор на свети Јован Крстител (20/7 јануари) кај народот се познати како Водици, односно Машки и Женски Водици. Тие претставуваат дел од божиќно-новогодишниот празничен обреден комплекс и со нив завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови, туку и циклусот на зимските празнувања. На овие празници се изведуваат поголем број на обичајни дејствија, како од црковно-евангелиски, така и од народен карактер, главно поврзани со древниот култ кон водата и нејзината голема очистителна сила од една страна, а од друга страна женските обредни поворки се остатоци од древни женски иницијациски обреди.

Опис на доброто

уреди

Селото Беранци се наоѓа во општина Могила, Битолско и досега не било предмет на етнолошки истражувања, како од духовен, така и од материјален и социјален аспект. Тоа значи дека за прв пат во етнолошката наука регистрираме и претставуваме еден сегмент од нивната религиозна практика изведувана на Машки (19 јануари) и Женски (20 јанураи) Водици, која не само што до ден денешен живо се практикува со сите обичаи наследени од далечното минато, туку претставува и редок пример за прекрасен спој помеѓу цркавата и традицијата, односно помеѓу официјалната христијанска и народната религија.

На Машки Водици обредниот чин на крштевање на водата и фаќањето на крстот се одвива во манастирот „Св. Јован Крстител“ кој се наоѓа на околу 2-3 километри надвор од селото. Освен свештеникот и момчињата кои се пријавиле да го фатат крстот, како учесници се јавуваат и Водичарките. Тоа е женска група, составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, која ја предводи главната водичарка т.н. челник, вообичаено највозрасната девојка во групата. Нив ги придржуваат и две млади момчиња, чија улога е да ги бранат од кучињата и да ги носат даровите кои домаќините им ги даваат на Водичарките. Облечени во празнична традиционална носија, со икони во рацете - на св. Јован Крстител и на св. Богородица, Водичарките, предводени од локалниот свештеник, три пати ја обиколуваат црквата пеејќи ја следната обредна песна:

Ој ти цркво лепа, цркво дос, дос

одошто си соградена, дос.

Со мермер камен соѕидана, дос, дос

со мермер плоча покриена дос.

Со икони наредена дос, дос

со вратите позлатени дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

Потоа одат на изворот каде што се фрла крстот, пеат водичарски песни, а откако ќе заврши чинот на фаќањето на крстот шетаат низ сите куќи во селото. Додека се движат по патот на Машки Водици ја пеат песната „Ој Јованче водокрвче“:

Ој Јованче водокрвче дос, дос

кога стаса да докрстиш дос.

Цела земја посајлија дос, дос

посајлија и убава дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

На Женски Водици, пак, ја пеат песната „Елено санџак девојко“:

Елено санџак девојко дос, дос

не кревај перо високо дос.

Доста си сама висока дос, дос до Солун сенки држеше дос.

До солунските ливади дос, дос

до солунските овчари дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

Кога ќе влезат во дворот ја пеат песната за домаќинот:

Домаќине дамјанине дос, дос

ако спиеш разбуди се дос.

ако пиеш весели се дос, дос

весел гости ти дојдија дос.

Весел абер ти дојсоа дос, дос

весели песни ти пееа дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

Потоа влегуваат внатре во куќата и наредени во полукруг, со движење по еден чекор нанапред, пеат водичарски песни, посветени на пооделните членови на семејството, во зависност од желбата на домаќините, на пример за домаќинот, домаќинката, свекорот, свекрвата, момата, беќарот, малото дете, покојникот и сл. Кога пеат за покојник задолжително е само стоењето во полукруг и не се вели „дос“, а се пее исклучително надвор во дворот.

По изведувањето на сите обредни песни, по желба на домаќините, секоја домаќинка ги дарува со разни намирници, претежно овошје - јаболка, костени, ореви и пари. Даровите ги зема челникот пришто се поклонува и бакнува рака.

Истото oбредно дејствие, со основна насоченост св. Јован да дарува здравје и плодородие по луѓето, продолжува и наредниот ден, на Женски Водици, сé додека не ги обиколат сите куќи во селото. По посетата и на последното домаќинство во селото, Водичарките, на Машки Водици се собираат да ручаат во куќата на челникот, а на Женски Водици се собираат, по нивна желба, во определена куќа на заеднички ручек од собраните дарови.

Прилог:

Водичарски песни

  • За поп

Попаднала густа магла, дос, дос

во маглата поп Живко, дос.

Во рацете златно крвче, дос, дос

златно крвче, икона дос.

Песна пее, бога моли, дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За свекор

Кралот садил бела лоза дос, дос

садил ден вадил дос.

Ден со неа разговара дос, дос

- Ој, ти, лозо бела лозо, дос.

Да ми родиш бело грозје дос, дос

да наполни девет бочви рујно вино дос, дос

десет срчи со ракија дос.

Имам сина за женење дос, дос

имам ќерка за мажење дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За свекрва

Седнала је кралицата дос, дос

Во тремои на јодрои дос.

И си кити бела руба дос, дос

од сина ѝ од ќерка ѝ дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За младоженец

Мијајле, сине, Мијајле дос, дос

Учи си, карај си дос.

Твојата млада невеста дос, досда не се бело проемнува дос.

Да не ми оди на дуќан дос, дос

дуќанџии верен неверен дос.

Грутка и шеќер даваше дос, дос

Бело лице бараше црни очи гледаше дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За невеста

Застанала невестица дос, дос

стреде дворје на мраморје дос.

На налони шиклосана дос, дос

и со сонце разговара дос.

- Ој, ти, сонце лепо сонце дос, дос

дали грееш цела земја дос.

Цела земја посајлија дос, дос

посајлија и далечна дос.

Кај мојата мила мајка дос, дос

и кај мојот мили татко дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За беќар пред женење

Седнала је стара мајка дос, дос

на високите чардаци дос.

И со сина разговара дос, дос

- Ој, ти, сине, мили сине дос.

Да ми дојсиш невестица дос, дос

за мене одменица дос

за татко ти проемица дос, дос

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За момче (16-19 години)

Лудо седи стреде село дос, дос

стреде село на јодрето дос.

Пусто јодре гнило било дос, дос

гнило било се здробило дос.

Падна лудо во момите дос, дос

почна лудо да леснее дос.

Да леснее да беснее дос, дос

по убави и лични моми дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За дете (8-15 години)

Николче сине Николче дос, дос

доста си сине играло, дос.

Остави сине играта, дос, дос

земи си сине книгата дос.

Појди си сине на школо дос, дос

таму сине да ми учиш дос.

Бела книга да ми читаш дос, дос

сино писмо да ми пишиш дос.

Да дочекаш и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За бебе машко

Богојче ми се возеше дос, дос

во позлатено корапче дос.

Мајка му викум викаше дос, дос

корабџи кроце терајте дос.

Да не ми падне Богојче дос, дос

Богојче ми е малечко дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За чупе (девојка 16-19 години)

Мала Митра црква мети дос, дос

црква мети бога моли дос.

-Ој, ти, боже дос, дос

дај ми боже младо момче дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За чупе (девојче 8-15 години)

Писано, моме, писано дос, дос

кој ми те написа дос.

Кој ми те веза навеза дос, дос

кој ми те бело промени дос.

-Ој, девојки водичарки дос, дос

Јас си имам млада мајка дос.

Таа ме писа написа дос, дос

таа ме веза навеза дос.

Да дочекаш и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За бебе женско

Величе ќерко Величе дос, дос

доста си ќерко спиела дос.

Стани си ќерко поиграј дос, дос

со тие кукли убави дос.

Со ситни камчиња дос, дос

со шарените стапчиња дос.

Да дочека и за многу дос, дос

да дарува свети Јован дос.

  • За покојник

-Ој, ти, момче црноземче

моли му се на Господа.

Да ти даде клучевите

да отвориш занданите

Да отвориш занданите

занданите мртовечки.

Да излезеш на бел свет

да си видиш твојот татко.

Твојот татко, твјта мајка

како ми се ужалени

ужалени, уплакани.

Поврзаност

уреди

Поврзаност со друго заштитено добро

уреди

Доброто е поврзано со Водичарското пеење во РМ и со Лазарското пеење во РМ, кои се прогласени за културно наследство од особено значење.

Образложение

уреди

Празнувањето на Водици е поврзано и со празникот Цветници, кога со собраните пари од Водици, Водичарките купуваат икона и вино. Овој празник во с. Беранци е познат како Винопиец или Винопиење. Виното се купува од селото, најмалку од три куќи за кои се смета дека имаат најдобро вино. Водичарките, рано наутро, додека не се речи „Добар ден“, со бокалите полни со вино одат во црквата, каде се врши чинот на светење на виното од страна на свештеникот. Потоа, со светеното вино, три пати ја обиколуваат црквата пеејќи водичарска песна и се упатуваат кон средселото каде што го мешаат со останатото вино во бочвата. По овој чин започнува да се служи по луѓето и настанува општоселска веселба со музика и ора. Длабоко е верувањето дека светеното или пееното вино е лековито и не се расипува, па затоа секое домаќинство зема по малку и го чува дома како лек, особено за мали деца.

Посебни карактеристики

уреди

Празнувањето на Водици во с. Беранци има свои посебни карактеристики кои се јавуваат исклучително како локално обележје:

1.За разлика од другите краишта во Македонија, каде како главни носители на Машки Водици се мажите (Водичари), а на женски Водици жените (Водичарки, Водарки), овде главни носители и на двата празници се Водичарките, вкупно 7 или 9 на број;

2. Водичарките се и главни носители на пролетниот празник Цветници, кога, исто така, се пеат водичарските песни;

3. Водичарките се облечени во комплетна празнична народна носија (од почетокот до средината на 20 век);

4. Репертоарот на водичарски песни е богат и се состои од вкупно 42 (четириесет и две) песни со различна тематска насоченост;

5. При пеењето на водичарските песни се играат водичарските ора.

Загрозеност на доброто

уреди

Степен на загрозеност

уреди

Селото Беранци, општина Могила, Битолско е едно од ретките населени места во Македонија, каде што до денес живо се практикуваат обичаите за Водици и се предаваат од генерација на генерација, така да доброто воопшто не е загрозено.

Вредност и значење на доброто

уреди

Доброто има големо значење поради неговата културно-национална вредност, особено поради фактот што освен што се наоѓа во добро зачувана автентична форма и се пренесува од генерација на генерација во континуитет децении и децении наназад има и свои локални, единствени обележја.

Критериуми за валоризавија на доброто

уреди

1. Автентичноста - изразена преку големиот степен на присутност на изворниот облик на практикувањето на доброто;

2. Реткоста - изразена во однос на практикувањето на доброто не само во целиот пелагониски регион, туку и пошироко, затоа што во ваков вид и облик не се среќава на друго место на територијата на Македонија ;

3. Интегралноста - изразена преку високиот степен на единство на верските, обредните, културно-историските и комуникациските функции на доброто, како и вклопеноста на содржината на доброто со локалната средина;

4. Зачуваноста - изразена преку високиот степен на задржаноста на изворната состојба на доброто;

5. Староста - изразена во однос на траењето на доброто со генерации наназад;

Kритериумите кои се однесуваат на функциите на доброто

уреди

1. Културната;

2. Комуникациската;

3. Воспитно-образовната;

4. Научната;

5. Информативната;

Kритериумите кои се однесуваат на значењето на доброто

уреди

1. Културното;

2. Културно-историското;

3. Општественото;

4. Научното;

5. Уметничкото;

Критериуми за категоризација на доброто

уреди

1. Исклучителност – изразена во однос на фактот што ваквите обичаи во нивната изворна форма се изведуваат сè поретко;

2. Впечатливост – изразена преку единството на функциите и облиците на доброто во однос на неговата севкупност, но и во однос на останатите елементи (народни и црковни) кои се составен дел од празникот Водици и со него ритуално поврзаниот празник Цветници;

3. Влијателност – изразена преку културната и општествената функција на доброто во локалната средина, како во минатото, така и во сегашноста, односно изразена преку високата свесност на локалното население, а особено младото население, кое го негува и го чува доброто онака како што го наследило од нивните прадедовци;

4. Поврзаност – доброто е поврзано со останатите слични обредни дејствија кои се изведуваат на Водици речиси на целата територија на Македонија;

Литература

уреди

1. Луческа, Ели 2010: „Да дочека и за многу дос, дос, Да дарува свети Јован дос!“ – Водичарките од с. Беранци. Во: Етнолог 14. Скопје: Друштво на етнолозите на Македонија (во печат)

2. Аудио-визуелни материјали снимени од страна на локалната заедница, именувани како „Водици - 19-20.01.2010“ и „Записи од претходните години на традицијата Водици во селото Беранци“, Беранци 2010.

Наводи

уреди
  1. /Институт за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје