Емил Крстески
Емил Крстески - новинар, и актуелен амбасадор во Чешка.
Емил Крстески | |
---|---|
Националност | Македонец |
Државјанство | Македонија |
Занимање | Новинар, политички аналитичар |
Активен период | 1990-денес |
Биографија
уредиЕмил Крстески дипломирал на Интердисциплинарни студии по новинарство (политичка насока) на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот Универзитет станал магистер на меѓународна политика и се здобил со научната титула – доктор на политички науки.
Емил Крстески бил еден од основачите и уредник на неделникот „Пулс“ (1990-1997), а пред тоа и надворешнополитички новинар во „Нова Македонија“, во МТВ – Скопје и во Македонската редакција на агенцијата ТАНЈУГ. Од јануари 1998 година до јануари 2009 година бил државен советник и самостоен советник за меѓународни односи во Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.
Од 2017 година до јули 2019 година како консултант соработувал со неколку владини и невладини организации на проекти од областа на изборниот систем во РСМ, човековите права и слободата на медиумите, како и со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Од јули 2019 година до 31 јануари 2024 година бил директор на Државниот архив.
Од 1 февруари 2024 година бил назначен за македонски амбасадор во Чешка.
Досега имал реализирано студиски престои: на покана на Стејт департментот (1992) во САД, на Академијата за меѓународно право во Хаг (1993), во Собранието на НАТО во Брисел (1996), на Харвардскиот Универзитет во Бостон (1999), и повторно на покана на Стејт департментот во САД (2000) при што учествувал во дебати на теми поврзани со американската надворешна и безбедносна политика и со американскиот изборен систем.
Учествувал на повеќе семинари и конференции од областа на меѓународното право и меѓународната политика: Конференција на ОБСЕ во Москва (1991), Конференција на ООН за миграции во Виена (1992), Интербалкански семинар во Велико Трново (1993), на семинар на Институтот за меѓународни односи во Луксембург (1999), во Европскиот центар за стратегиски и безбедносни студии „Џорџ Маршал“ во Гармишпартенкирхен (2000, 2001 и 2007), како и на семинари посветени на безбедноста и развојот на односите меѓу земјите од Југоисточна Европа, одржани во Атина (2000, 2002 и 2007) и во Анкара (2007). Учествувал на конференции на тема „Градењето на иднината на Македонија“, одржани во Берлин во 2009 и 2013 година, во организација на германската Асоцијација за Југоисточна Европа.
Дела
уредиОбјавил текстови за нашата надворешна политика и за меѓународните односи во домашни и странски весници и списанија. Автор е на шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи: „Десет години потоа“ (2001), „Ново поврзување на Европа“ (2008), „Европската унија и Медитеранот“ (2009), „Македонска Масада“ (2010), „Америка одблиску“ (2013) и „Политиката на САД, Медитеранот и Арапската пролет“ („Три“, 2015). Објавил и збирка раскази: „Три дена во Париз“ („Или-Или“, 2017). Соавтор и уредник е на книгата: „Финансирање на политички кампањи“ (2010).