„Еден миг живот“стихозбирка на македонскиот поет Васил Тоциновски, издание на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „ИНАКУ“ до 2023 година.

Осврт кон делото

уреди

Во стихозбирката, која содржи 65 песни, авторот зафаќа многу работи, претежно од секојдневниот живот, но навлегува и во себеси отворајќи ги мислите без никакво разубавување. Во повеќе песни (како: „Градот и човекот“, „Насмевката“, Заборавен човек“, „Штуро доба“, „Простување нема“, „Противречности“, „Лавиринт“, „Прозорец кон туѓи мисли“ итн.) тој го бара човекот, оној човек кој ги поседува човечките особини пеејќи за осаменоста и отуѓеноста на современиот човек кој е изгубен во метежот на новото време. Авторот не се плаши да ги гледа работите околу себе такви какви што се, не се плаши да се наврати кон минатото, но и да гледа нанапред кон иднината. Исто така, збирката содржи и љубовни песни, како: „Бакнеж“, „Задоцнето допаѓање“, „Знак“. Освен тоа, неколку песни се навраќа на времето поминато во родниот град Велес, а една од нив („Гемиџијата“) е посветена на поетот Коле Неделковски. Песната „Дални наковални“ е посветена на Петре М. Андреевски. Во повеќе песни, авторот се свртува кон себе, кон содржината на своите мисли при што без страв застанува пред своето огледало, осврнувајќи се на своето минато.[1]

Христо Петрески пишува за збирката дека е вредносен прилог во современата македонска книжевност; едноставен, јасен, конкретен, суптилен и лирски интимен, поетот е свртен кон луѓето, времињата и настаните кои некогаш биле живот; трагајќи по нивните општочовечки, универзални димензии и значења, авторот го интригираат елементарните егзистенцијали категории: минливоста, бесмислата, апсурдот и парадоксот во кои се пресоздава и препознава субјектот како среќен човек; возвишената убавина на овие песни се содржи во нивната едноставност, строгост и мудрост.[2]

Наводи

уреди
  1. Никола Алтиев, „Поезија со докажани вредности“, Современост, број 3, 2023, стр. 110-115.
  2. Никола Алтиев, „Поезија со докажани вредности“, Современост, број 3, 2023, стр. 115-116.