Еврејската заедница во Битола

Еврејската заедница во Битола -во периодот помеѓу двете светски војни го живеела еден од најголемите подеми за време на своето четири ипол вековно егзистирање во Битола.

Во ова време битолската еврејска заедница броела 820 семејства и околу 400 деца на училишна возраст. Покрај неколкуте битолски синагоги кои активно работеле во состав на заедницата постоеле и неколку друштва и добротворни организации формирани од самото членство а за потребите на еврејската заедница во Битола. „Озер Далим“ претставувало друштво за помош на сиромашните членови на заедницата и било основано во 1894 година на иницијатива на Овадија Јосеф Перера. Ова друштво било организирано на принципот на взаемност, односно сите членови и богати и сиромашни прифаќале да плаќаат чланарина од по 1 „металик“ (1/4 грош). Ова друштво на сиромашните членови и на нивните семејства им овозможувало привилегии како лекарска помош, како и снабдување со намирници за живот. Во еден период друштвото своите активности ги финансирало и преку целокупните приходи кои се собирале во истоимената битолска синагога (Озер Далим), а која била подигната од поимотни битолски Евреи. Организацијата „Малбиш Арумим“ ги снабдувало со облека еврејските сиромашни семејства/ученици, и тоа двапати годишно пред големите еврејски празници Песах и Рош Хашана. Друштвото добивало доброволни материјални прилози од имотните Евреи од Битола, но и од исселеници во Америка. „Матанот Лаевјоним“ била добротворна организација која поседувала кујна во која обезбедувала секојдневни оброци за околу 200 сиромашни деца, а истата се финансирала преку имотните Евреи и исселениците. Благодарение на Евреите исселеници од Битола и под надзор на 5 истакнати Евреи бил формиран т.н. Американски фонд. Во 1924 година овој фонд во својата каса поседувал околу 100 000 динари, а од каматата на парите биле набавувани училишнни прибори за сиромашните ученици. Постоеле и установи како што биле „Хевра Кадиша“ и „Хевра Кетана“ кои воделе грижа за погребот на починатите и доделување помош на семејствата особено во првите седум дена по погребот „шива“. Од страна на овие установи бил применуван прогресивен систем за наплата на такса за погреб, односно богатите плаќале високи придонеси, а сиромашните семејства биле ослободувани од наплата на оваа такса.

Како друштво кое посебно се истакнало во своето делување во периодот меѓу двете светски војни било женското здружение WIZO (Women International Zionist Organization) односно „Женска меѓународна ционистичка организација“, кое имало за цел согласно еврејските традиции да им помага на сиромашните девојки. Им помагале да подготват чеиз, да обезбедат стипендии за школување и учествувале во нивното оспособување за работа во стопанството, кроење и шиење, а за некои обезбедувале и курсеви за описменување. Ова друштво покрај собирањето на доброволни прилози организирало и продажба на разни ракотворби. Во 1934 година како претседател на оваа организација се спомнува Жули Батино Асео од Битола која била под силно левичарско влијание на нејзиниот брат Рафаел Батино.

Ционистичкото движење меѓу битолските Евреи станало особено актуелно во периодот меѓу двете светски војни. Во овој период започнале со работа неколку ционистички организации и здруженија. Здружението „Хатехија“ (преродба) го промовирало земјоделството на своите членови и неколку пати годишно испраќало по неколку млади Евреи во понапредни земјоделски центри со цел учење во таа област. Во литературата се споменува и делувањето на друштвото “Cerele des intimes” кое во Битола постоело уште од 1880 година, а било обновено во 1920 година. Исто така и здружението „Bene Cijon“ чие име укажува дека било ционистичко здружение и преку него било презентирано учењето на Теодор Херцел.. Покрај тоа што ционизмот во основа пропагирал откуп на земјата во Палестина, нејзино градење и преселба, помеѓу еврејското население пропагирал поголема истрајност, модернизација во стопанисувањето, а најмногу бил свртен кон иднината т.е. младината. Во тој дух биле формирани и двете ционистички културно-просветни организации „Хашомер Хацаир“ и „Техелет Лаван“.

„Хашомер Хацаир“ (млада гарда) во Битола било основано во 1930 година, а ги опфаќало учениците и работниците младинци. Во склоп на организацијата работела и библиотека со најбогат книжевен фонд во Битола. Покрај образовните цели на организацијата, преку разни дружења, излети, колективни летувања и логорувања кај членовите се развивало смисла за колективен живот, односно за живот во кибуците, кои во тој период почнале да се создаваат во Палестина. (Кибуците се социјални задруги во Израел, често земјоделски, со заеднички имот и демократски структури.) „Хашомер Хацаир“ секој месец издавал и ѕиден весник, а биле организирани и различни активности како и изучување на хебрејскиот јазик. Во рамките на организацијата постоеле три групи, односно „бнеамидбар“ (ученици од основно училиште), „цофим“ (ученици во средно училиште), и „богрим“ (полнолетни младинци). Втората ционистичка културно-просветна организација „Техелет Лаван“ (сино бело) била формирана во 1933 година, а броела околу 300 членови. Организацијата имала слични цели како „Хашомер Хацаир“, но со поголем акцент на културно-проветното поле. Со оглед дека оваа организација била формирана од работници, трговски помошници, калфи и останати занаетчии, било особено посветено внимание на стекнување на знаења за модерно земјоделство и модернизација на стопанските дејности. И оваа организација располагала со библиотека чиј книжевен фонд бил составен од литература од областа на стопанството и земјоделството.

Според Жамила Колономос, „аниматор на целата ционистичка дејност во Битола бил Леон Камхи. Тој бил пионер на целата ционистичка организација и бил лево настроен.“

Во Битола покрај споменатите хуманитарни и ционистички културно-просветни здруженија активно делувале и неколку еврејски спортски и уметнички здруженија. Такви биле спортското друштво „Олимпик“, музичко-пејачкото друштво „Макаби“ „Танчерското друштво“ , ФК „Есперанса“ (Надеж), ФК „Макаби“ како и еврејскиот плех оркестар. Евреите од Битола, покрај во споменатите чисто еврејски организации, клубови и здруженија членувале и во други здруженија во Битола кои биле од мешан состав. На овој начин младите Евреи од Битола се дружеле и коегзистирале заедно со останатата младина во градот. Па така некои битолски Евреи биле членови на планинарското друштво „Пелагонија“, ФК „Југ“, ФК „Македонија“, СК „Битола“ итн. [1].

Наводи

уреди