Демо снимка

(Пренасочено од Демо)

Демо снимка или скратено демо (изведена форма од зборот демонстрација) е фонограмски запис наменет за потребите на студиски сесии отколку за широка продажба. Демото е начин за музичарите да ги претстават своите идеи и замисли на диск или друг носач на звук, како подоцна би ги доставиле до издавачките музички куќи. Музичарите често го користат демото за споделување на нивните идеи со нивните колеги или пак со други нивни соработници (на пример продуцентите). Постојат случаи кога музичките артисти ги испраќаат демо касетите до потенцијалните издавачки продукции, со намера да бидат потпишани.

Сѐ уште непознатите пејачи го користат овој начин за да се претстават кај менаџерите на големите музички продукции, како со нив би потпишале професионален договор и би добиле дозвола да снимат цел студиски албум. Сепак, поради големиот број вакви снимки кои секојдневно пристигнуваат во продукциите, во најголемиот број случаи тие и воопшто не се преслушуваат.[1]

Демо касетите се снимени со мал инструментален придонес (најчесто користени иструменти се гитара или пијано) и задолжително е присуството на вокална изведба. Музичарите како Елтон Џон и Металика добиле договори со богатите издавачи откако тие ги преслушале нивните демо записи.[2]

Многу бендови или соло артисти прво снимаат демо, па потоа ги започнуваат сесиите за студиски албум. Ползата од ваквиот начин на работа е тоа што музичарите можат да испробаат повеќе варијанти на една песна, или да одлучат во кој правец/стил сакаат да ја развиваат нивната композиција. Ваквите демо најчесто содржат една до две песни, а ретки се случаите со повеќе од три нумери.[3]

Касетите обично се снимаат со помош на „бум бокс“ касетофон или на компјутери со посебни софтвери, и целокупната изведба треба да биде снимена одеднаш. Доколку биде напревена грешка во текот на снимањето, целиот перформанс треба одново да биде повторен.

Во одредени некомерцијални жанрови како блек метал, хардкор панк или рап, демо снимките ги продаваат самите бендови по многу ниски цени. Денес се чести случаите на самиот студиски албум да се поставуваат демо верзии од постојните песни како бонус нумери.

Наводи

уреди
  1. Billboard 4 Oct 1997, 30 Years of Music: Elton John with Bernie Taupin Billboard Magazine. Retrieved 28 December 2011
  2. Vinita (2005). Profiles in Popular Music. Sura Books. стр. 79. ISBN 978-81-7478-638-8.
  3. „Enter Night: Metallica, The Biography“ by Mick Wall, First published by Orion, London (2010)

Надворешни врски

уреди