Давид Хорисен (fl. 1454–1468) бил митрополит на Пелагониската епархија, односно епископија, во средината на XV век.

Податоците кои се однесуваат на митрополитот Давид се малубројни и од различна провиниенција. Првпат, неговото име го среќаваме во ктиторскиот натпис од црквата Св. Илија во с. Долгаец, од 1454/5 год., а нешто подоцна во Општиот пописен дефтер бр. 4 од 1467/8 година. Точно датираниот натпис во црквата во Долгаец (во 1454/5 г.), не само што го содржи неговото прво спомнување туку и недвосмислено укажува дека Давид веќе одреден период бил на чело на Пелагониската митрополија. Пописниот дефтер бр. 4 од 1467/8 год., содржи нешто повеќе податоци и бележи дека манастирите Св. Архангел (Варош) и Трескавец, како и црквата Св. Јован Продром биле мулк - сопственост на митрополитот Давид. Истовремено, тој поседувал и царска наредба со која неговиот мулк бил ослободен од сите давачки кон државата, т.н. дивански аваризи.

Во Пописниот дефтер од 1481/2 год. и податоците внесени во него, се гледа дека митрополитот Давид веќе не управувал, односно не го поседувал во мулк-сопственост манастирот Св. Архангели и наместо него во дефтерот се споменува Никодим кој, исто така, бил митрополит. Во истиот пописен дефтер од 1481/2 год. е запишано дека со манастирот Трескавец и неговиот имот управувале Данило, Милон, Никодим и Герасим кои живееле во манастирот и имале царски ферман од 886 год. по хиџра, односно 1481/2 год. со којашто биле ослободени од давање на арач, испенџе, како и други редовни и вонредни давачки.

Од овие извори јасно произлегува дека во 1468 год., Давид Хорисен сè уште е митрополит на Пелагониската митрополија и дека поседувал царска наредба (ферман) со којшто неговите имоти биле ослободени од сите давачки. Пописниот дефтер од 1481/2 год. во којшто веќе не се спомнува митрополитот Давид, говори дека тој можеби веќе не бил жив, а како негов наследник се јавува митрополитот Никодим кој задржува одредени имоти како што е манастирот Архангели, а кои претходно му припаѓале на митрополитот Давид. Ова се важни сознанија кои ја расветлуваат историјата на Пелагониската митрополија од средината на XV век, но и говорат за една досега малку позната пракса за покровителство и односот на османлиските владетели кон старите угледни црковни седишта, но и кон црковните прелати, односно епископи коишто, несомнено, се јавуваат како дел од новата феудална хиерархија на провинцискиот османлиски систем од тој период.

Литература

уреди
  • Цветковски, Христијан (2018). „Митрополитот Давид Хорисен и неговите мулкови во Прилеп и Прилепско, во втората половина на XV век“. Balcanoslavica. 47 (2): 293–300.