Големиот страшен суд
Големиот страшен суд — слика масло на платно, насликана од фламанскиот уметник Петер Паул Рубенс помеѓу 1614 и 1617 година. Тој ја создал композицијата и ги нанел последните допири и неговиот е единствениот потпис на делото, иако се верува дека на него работеле меѓу девет и деветнаесет помошници во студиото. Називот ја разликува од неговите слики Малиот страшен суд од 1619 година и неговиот Падот на проклетите од 1620 година.
Оваа слика е една од четирите олтарни дела нарачани од Рубенс за језуитската црква во Нојбург ан дер Донау од Волфганг Вилхелм, грофот од Пфалц-Нојбург.[1] Подоцна преминала во приватната збирка на Јохан Вилхелм, изборник на Пфалц и во денешни дни се наоѓа во Старата пинакотека во Минхен.
Опис
уредиСликата го прикажува Страшниот суд, со Господ-Отецот во средишниот горен дел и Исус веднаш под него. Десно од Исус е неговата мајка Дева Марија, а лево Мојсеј, со плочите на кои се прикажани Десетте Божји заповеди. Нагоре од левата страна на сликата (од десната страна на Исус) се блажените, додека проклетите паѓаат во пеколот од десната страна. Во основата на сликата се мртвите, кои умираат и оние штотуку воскреснале.
Историја на сликата
уредиСе верува дека на сликата работеле девет до деветнаесет уметници, сепак, единствениот потпис на сликата е тој на Рубенс. За планот и последните нијанси се погрижил мајсторот.
Сликата и двата поврзани странични панели биле нарачани од Волфганг Вилхелм фон Пфалц-Нојбург[2] и биле наменети да послужат како олтарни слики на високиот олтар во дворската црква во Нојбург ан дер Донау, која им била предадена на језуитите во 1618 година како дел од контрареформацијата. Колосалната природа на сликата и сликовната програма треба да се разберат во позадината на претстојната Триесетгодишна војна и Контрареформацијата, која била истуркана со голема сериозност во Кнежеството Пфалц-Нојбург. Мотивот на Страшниот суд бил најпопуларниот симбол на пропагандата на контрареформацијата, заедно со оној на паѓањето на ангелите од страна на Архангел Михаил. Меѓутоа, сликата предизвикала навреда поради прикажаните голи тела и била делумно покриена додека конечно внукот на дарителот, Јохан Вилхелм, не ја донел во галеријата во Диселдорф во 1692 година.[3]
Откако во 1777 година баварскиот престол го наследил изборникот на Пфалц, Карл Теодор и го преселил својот двор во Минхен, најпрвин галериите Манхајм и Цвајбрикер и на крајот, под неговиот наследник Максимилијан IV Јосиф, галеријата Диселдорф била префрлена во главниот град на Баварија во 1805/06 година. Таму, Големиот страшен суд првично бил сместен во галеријата во аркадите во дворот. Сега се наоѓа во Старата пинакотека и е најголемата слика во музејот (инв. бр. 890). Поставена е во средината на салата VII на првиот кат. Оваа таканаречена „Рубенсова сала“, која е проектирана специјално за сликата со триумфалната порта отспротива и упатува на сликата, е најголемата сала во музејот. Сликата е единствената која сè уште е поставена на истото место како кога бил основан музејот во 1836 година.[4]
Двата странични панели кои го прикажуваат обожавањето на овчарите и излевањето на Светиот Дух се наоѓаат во државната галерија Нојбург.
Наводи
уреди- ↑ Reinhold Baumstark e Erich Steingräber. L'Alte Pinakothek di Monaco
- ↑ Reichelt, Anne-Grit (2006), „Die Gartendenkmalpflegerische Unterhaltung des Parterres von Schloss Sanssouci und der Wechselflor der Plates-Bandes des Fleurs“, Jahrbuch der Stiftung Preussische Schlösser und Gärten Berlin-Brandenburg, BAND 6: 2004, Preußische Gärten in Geschichte und Denkmalpflege, Berlin: AKADEMIE VERLAG, doi:10.1524/9783050085616.117, ISBN 9783050085616, Посетено на 2022-04-01
- ↑ „Das jüngste Gericht. Eine Vision. 1800“, Arabesken, De Gruyter: 339–362, 1828-12-31, doi:10.1515/9783111689609-005, ISBN 9783111689609, Посетено на 2022-04-01
- ↑ Biller, Josef H. (2003). München - Kunst & Kultur Stadtführer und Handbuch. Hans-Peter Rasp. München. ISBN 978-3-7787-5125-1. OCLC 611115100.