Генетска варијација
Генетска варијација или генетска разновидност е поим од популационата генетика и еволуцијата; претставена е со разликите во ДНК-низите во рамките на една популација. Варијацијата настанува по пат на мутации и може понатаму да се мултиплицира со рекомбинација.
Генетската варијација е важна бидејќи претставува „суров материјал“ за природната селекција.
Меѓу единките од популацијата
уредиГенетската варијација што се среќава меѓу единките на една популација може да се утврди на различни нивоа. Можно е утврдување на генетска варијација од набљудувања на фенотипската варијација, и тоа како на квантитативните белези (белези кои варираат континуирано и се кодирани од многу гени, на пример, должина на нозете кај кучињата), така и на дискретните белези (белези кои се дискретни категории и се кодираат од еден или неколку гени, на пример, бела, розова, црвена боја на венечните ливчиња кај одредени цветови).
Варијацијата може исто така да се утврди со проучување на разновидноста на ниво на ензими, користејќи го процесот на белковинска електрофореза. Полиморфните гени имаат повеќе од еден алел на секој локус. Половина од гените што кодираат ензими кај инсектите и растенијата би можеле да се полиморфни, додека полиморфизмите се поретки кај ‘рбетниците.
И како последно, генетската варијација е причинета од разновидноста во редоследот на нуклеотидните бази. Новите технологии им овозможуваат на научниците директно да ја секвенционираат ДНК, што открило дури и повеќе генетска варијација отколку што претходно било утврдено со белковинската електрофореза. Испитувањата на ДНК покажаа генетска варијација во кодирачките региони, но и во некодирачките интрон-региони на гените.
Генетската варијација ќе резултира во фенотипска варијација доколку разновидностите во редоследот на нуклеотидите во дадена ДНК-низа резултираат во разлика во редоследот на аминокиселините во белковините кодирани од таа ДНК-низа, и ако добиените разлики во низата на аминокиселини влијаат на формата, а со тоа и функцијата на ензимот.
Меѓу популациите
уредиГеографската варијација кај гените често се јавува меѓу популации кои живеат на различни локации. Географската варијација може да се должи на разликите во селективните притисоци или на генетското поместување.
Mерење
уредиВаријацијата во рамките на популација најчесто се мери како процент на генски локуси кои се полиморфни или процент на генски локуси кај единките кои се хетерозиготни.