Второзаконие
„Второзаконие“, „Повторени закони“ или „Петта книга Мојсеева“ — петтата книга на Стариот завет од Библијата.
Содржина
уредиМојсеј му се обраќа на народот, потсетувајќи го на неговата непослушност кон Бога за време на патувањето од Египет кон ветената земја, односно за време на четириесетгодишното скитање низ пустината кога загинале сите возрасни мажи. Поради тоа, тој ги повикува луѓето да му бидат верни и послушни на Бога и да не почитуваат други божества. Потоа им ги повторува десетте божји заповеди, опоменувајќи ги да го почитуваат Бога и повторно ги потсетува на нивната непослушност поради која Господ неколкупати се разгневил и сакал целонсо да ги истреби.[1]
Мојсеј ги објаснува подробно божјите заповеди: божјата служба да се извршува на точно определени места; да не се почитуваат други божества, а идолопоклониците да се уништат; секоја седма година да биде проштална и тогаш да се простуваат долговите и да се ослободат робовите-Евреи; да се слават трите главни празници: Пасха, Седмици и Сеници; идолопоклонството да се казнува со смртна казна; владетелите да владеат чесно во согласност со законите; луѓето да не слушаат гатачи и лажни пророци, туку да го очекуваат вистинскиот пророк кој ќе ги пренесува божјиет зборови; да изградат градови кои ќе служат како засолниште за оние кои убиле без намера; луѓето да ги издржуваат левитите, зашто тие немаат никаков имот; како да постапуваат при војувањето со другите народи и кој е ослободен од воената обврска; казни за силување и прељуба, итн. Мојсеј му порачува на народот, по преминувањето на реката Јордан и доаѓањето во ветената земја, да ги напише законите на камења и нив вечно да ги почитува, како и да искаже клетви за срамните и нечесни дела. Потоа, тој повторно ги искажува благословите за народот, ако тој го следи божјиот пат, но и предупредувањето дека ќе биде раселен, поробен и уништен, ако се откаже до својот бог. Така, Мојсеј уште еднаш го објавува заветот меѓу Бога и Израилот, по што Господ му кажува да напише песна која треба да ја знаат сите идни поколенија. Мојсеј им ја дава на левитите книгата на законите, кои ја ставаат покрај ковчегот на сведоштвото, а потоа на народот му ја кажува песната. Тогаш, по налог на Бога, Мојсеј се качува на планината Нево, каде ја разгледува ветената земја, го благословува народот за последен пат и умира на возраст од 190 години. Народот го погребува и го оплакува, но неговиот гроб не се знае до ден-денес.[2]
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 199-213.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 213-239.