Влад Цепеш
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Влад III, Кнез на Влашка (1431–1476), попознат како Влад Цепеш (Романски: Vlad Țepeș) или едноставно како Дракула, трипати бил Војвода на Влашка, владеејќи од 1456 до 1462 г. Во контекст на историјата, Влад III е најпознат по неговиот отпор против Отоманското Царство и нејзиното проширување, како и за суровоста со која ги казнувал неговите непријатели. Се верува дека Влад III е инспирацијата за вампирот Гроф Дракула во романот „Дракула“ на Брам Стокер од 1897.
Vlad al III-lea Ţepeş Влад III Дракула | |
---|---|
Кнез на Влашка | |
Најпознат посмртен портрет на Влад III. | |
На престол | 1448; 1456–1462; 1476 |
Жени |
|
Династија | Династија Дракула |
Татко | Влад II Дракула |
Имиња
уредиНеговиот романски прекар Drăculea (којшто се пишува и „Drakulya“), со кој Vlad се спомнува во неколку документи, значи „син на змеј“, според неговиот татко, Влад Дракул, кој го добил прекарот од неговите поданици бидејќи бил член на Редот на змејовите. Дракул, од латинскиот збор Draco, што значи „змеј“, е дерирвиран од грчкиот збор Δράκων (Дракон). На романски, од друга страна, Дракул значи и „ѓавол“. Неговиот посмртен прекар Цепеш („Țepeș“ (на англиски: „Impaler“)) е поттикнат според убивањето на неговите противнции со набивање на кол. Во Турција тој е познат и како „Kazıklı Voyvoda“ што значи „Princ Impaler“. За време на неговиот живот, Влад го пишувал своето име во документи на латински како Wladislaus Dragwlya или Drakwlya. Денес варијантата „Drakulić“ (на пример, Slavenka Drakulić) е вообичаено презиме кај српскиот народ.
Почетокот од животот
уредиВлад се родил во Сигишоара, Трансилванија, во зимата 1431, од таткото Влад Втори Дракул, иден Војвода на Валашка и син на славниот војвода Мирча Постариот. Се верува дека неговата мајка е втората сопруга на Влад Дракул, кнегињата Чнеајна од Молдавија, најстарата ќерка на Александру чел Бун. Тој имал двајца полубраќа, Мирча II и Влад Чалугарул, и помал брат, Раду чел Фрумос. Во годината на неговото раѓање таткото на Влад, познат како Змејот (на романски: Дракул) отпатувал во Нирнберг каде бил примен во Редот на змејот. На петгодишна возраст, малиот Влад бил исто така примен во тој Ред. Влад и Раду ги поминале првите години на созревање во својот живот во Сигишоара под грижа и туторство на нивната мајка и на сопругите на протераните романски аристократи. Во првото владеење на нивниот татко, Влад Втори Дракул, Војводата ги однел своите мали синови во Тарговиште, главниот град на Валашка во тоа време.
Византискиот канцелар Михаил Дукас овозможил во Трговиште синовите на аристократите, како и кнезовите, да бидат образувани од романски и грчки професори донесени од Цариград. Се верува дека Влад таму научил боречки вештини, географија, математика, наука, јазици (старословенски, германски, латински) и класична уметност и филозофија.
Животот во Едирн
уредиВо 1436, Влад Втори Дракул се искачил на престолот на Валашка. Во 1442 бил истеран од соперниците кои биле во сојузништво со Унгарија, но успеал да се здобие со поддршка од Отоманците околу неговото враќање на престолот при што се согласил да му плати на султанот одредена сума и да ги прати своите два легитимни синови, Влад III и Раду, во Отоманскиот Суд каде служеле како заложници на неговата верност. Влад III бил често затворан, камшикуван и тепан бидејќи вербално ги напаѓал своите учители, но и за неговото тврдоглаво однесување, додека неговиот помал брат Раду бил полесно контролиран. Раду се преобратил во муслиман, влегол во службата на Мехмет II, синот на султанот Мурат II, (подоцна познат и како Освојувачот), и му било дозволено да служи во Отоманскиот кралски суд, но и ја добил титулата Бег. Овие години се претпоставува дека имале огромно влијание врз карактерот на Влад и довеле до добро познатата омраза на Влад кон отоманците, јаничарите, кон братот Раду поради тоа што станал муслиман и кон младиот отомански принц Мехмет II (дури и кога станал и султан). Бил љубоморен кон фаворизирањето на татко му на неговиот постар брат Мирча II, и полубратот Влад Чалугарул. Во себе имал недоверба и кон унгарците и кон неговиот татко бидејќи го дал на Турците и ја изневерил заклетвата на Редот на змејот за борба против Отоманското Царство. Влад подоцна бил пуштен на еден вид условна казна и добил шанса да изучува логика, Куранот и турскиот и персискиот јазик, како и книжевни дела. Подоцна тој течно ќе зборува на овие јазици. Исто така, тој и неговиот брат биле обучени и во војување и јавање коњи. Татко му, Влад Дракул, откако ја добил поддршката од отоманците се вратил во Влашка и го преземал престолот од Базарб Втори и одредени неверни аристократи.
Првото владеење и егзил
уредиВо декември 1447, аристократите во сојуз со унгарскиот регент Јанош Хунјади се побуниле против Влад Дракул, и го убиле во мочуриштата близу Балтени. Мирча, најстариот син и наследник на Дракул, го ослепиле и го закопале жив во Тарговиште. За да спречи Влашка да не падне под власта на Унгарија, отоманците ја окупирале Влашка и го ставиле младиот Влад III на престолот. Сепак, неговото владеење било краткотрајно затоа што самиот Хунјади ја нападнал Влашка и го вратил неговиот сојузник Владислав Втори од кланот Данешти на престол. Влад побегнал за Молдавија каде живеел под заштита на неговиот вујко/чичко Богдан Втори. Во октомври 1451, Богдан бил убиен и Влад побегнал во Унгарија. Импресиониран од познавањата на Влад за разумот и дејствувањето на Отоманското Царство, како и од омразата кон новиот султан Мехмет II, Хунјади се смирил со неговиот поранешен соперник и го назначил како свој советник. Во 1453, отоманците под султанот Мехмет II го освоиле Цариград по долги напади, со што ставиле конечен крај на христијанското присуство на Медитеранот, по што отоманското влијание почнало да се шири од оваа основа кон Карпатите, заканувајќи се на Европа. Во 1456, три години откако отоманците го освоиле Цариград тие и се заканиле на Унгарија со освојувањето на Белград. Хунјади започнал против напад во Србија: додека тој самиот заминал за Србија и го олеснил нападот (пред да умре од чума), Влад одвел свој контингент во Влашка, ја освоил својата родна земја и го убил Владислав Втори во борба гради в гради.
Второ владеење
уредиВнатрешна политика
уредиВлад ја начекал Влашка во ужасна состојба: константните војни резултирале со криминал, пад на земјоделството и речиси исчезнување на трговијата. За стабилна економија суштинска за спротивставување на непријателите, тој употребил строги методи за повраќање на редот и на напредокот. Влад имал три цели за Влашка: да ја зајакне економијата, одбраната и неговата политичка моќ. Тој преземал мерки за да помогне околу добросостојбата на селаните со градење на нови села и нови ниви. Тој ја разбирал потребата за тргување за Влашка да се развие. Им помогнал на Валахиските трговци со ограничување на странската трговија во само три града: Таргшор, Кимпулунг и Тарговиште. Влад ги сметал аристократите како главната причина за константната неслога како и за смртта на неговиот татко и брат. За да го осигури своето владеење тој убил голем број благородници и во советот доделил места на лица со непознато потекло, кои би му биле верни само нему. За пониските служби, Влад претпочитал витези и слободни селани, наместо аристократи. За расчистувањето на Влашка Влад донел нови закони за казнување на крадците и разбојниците. Тој ги третирал аристократите со истата суровост бидејќи биле виновни за слабеењето на Влашка преку нивните внатрешни борби за моќ. Тој ја зајакнал и армијата. Имал мала лична гарда, главно од платеници, кои биле плаќани со пленот и со унапредувања. Исто така утврдил и милиција или „пониска армија“ составена од селани кои биле повикувани да се борат кога ќе се завојувало. Влад Дракула изградил црква во Таргшор (наводно во спомен на татко му и постариот брат кои биле погубени близу неа) и дал пари за манастирот Снагов и за манастирот Комана.
Напади врз Трансилванија
уредиБидејќи Валахиското благородништво било поврзано со трансилванските саксони, Влад дејствувал и против нив со елиминирање на нивните трговски привилегии и со напаѓање на нивните градови. Во 1459, набил на колци неколку саксонци од Брашов. Влад бил на штрек и против соперничкиот клан Данешти, и некои од неговите напади во Трансилванија биле насочени и кон заробување на потенцијалните противници. Неколку членови од кланот умреле во рацете на Влад, вклучувајќи го и данештанскиот кнез осомничен дека зел удел во смртта на неговиот брат Мирча. Влад го осудил на смрт и го натерал да го прочита своето славје клечејќи пред својот отворен гроб.
Војна со отоманците
уредиВлад се здружил со Матиас Корвинус, кралот на Унгарија. Влашка била прогласена како дел од Отоманското Царство од султанот Мехмет II. Во 1459, Папата Пиј II повикал на нова крстоносна војна против отоманците, на соборот во Мантова. Единствениот европски водач што покажал ентузијазам за таква војна бил Влад Цепеш. Подоцна таа година, во 1459, Мехмет му пратил гласник на Влад за да го натера да го плати задоцнетиот данок. Влад одбил да ги плати 10 000 дукати. За да испровицира и поттикне војна со отоманскиот султан, Влад ги убил турските гласници, со заковување на нивните турбани за главите. Подоцна отоманците се обиделе да го отстранат со што Турците го преминале Дунав и почнале да регрутираат адолесцентни романци во јаничари. Во меѓувреме султанот добил информации со кои се разоткрила доминацијата на Влад над Дунав. Тој го испратил бегот од Никополис, Хамза Паша за да склучи мир и/или да го елиминира Влад III. Влад Цепеш планирал да направи заседа. Хамза Паша бегот од Никополис донел со себе 1 000 коњаници и кога го преминувал теснецот северно од Гиургиу, Влад го нападнал изненадно. Валахијците ги опколиле и ги поразиле Турците. Турците биле речиси сите заробени и наиени на колци, но Хамза Паша избегал. Во зимата 1462, Влад го преминал Дунав и ја опустошил областа меѓу Србија и Црното Море. Маскиран како турски спахија се инфилтрирал во отоманските кампови. Во писмо до Корвинус означено како 2 февруари тој напишал: Убив селани мажи и жени, стари и млади, кои живеат кај Обучица и Ново Село, каде Дунав се влева во морето, сè до Рахова, која е сместена близу Хилија, од долниот дел на Дунав сè до местата како Самовит и Гиген. Убивме 23 884 Турци без да ги броиме тие чии домови ги запаливме или Турците чии глави беа отсечени од нашите војници... Така вашето височество треба да знае дека јас го прекршив мирот со него (султанот Мехмет II ). Како одговор на тоа, султанот Мехмет II собрал војска од 60 000 војници и 30 000 резервисти и во 1462 се упатил кон Влашка. Мехмет бил пречекан од шума од колци на кои Влад набил 20 000 луѓе. Командувајќи само со 40 000 луѓе, Влад не бил во можност да ги запре отоманците од влегувањето во Влашка и окупирањето на главниот град Тарговиште. Постојано организирал мали напади и заседи за Турците, како што е ноќниот напад кога биле убиени 15 000 Турци. Влад III ги поразил отоманските спахиски командири како Јусуф-бег, Турканбејоглу Омер-бег и Евренос-бег. Со ова го привлекол Мехмет II , кој тогаш го преминал Дунав. Нападот на Влад бил славен од саксонските градови во Трансилванија, италијанските држваи на Папата. Еден венециски гласник, откако ги чул вестите на 4 март изразил голема радост и рекол дека целото христијанство треба да ја слави успешната кампања на Влад Цепеш.
Пораз
уредиПомладиот брат на Влад III, спретниот Раду-бег и неговите јаничарски батаљони добиле задача да ја водат Отоманското Царство кон победа на во името на султанот Мехмет II . Откако походот со спахиите пропаднал за поразување на Влад, неколкуте останати спахии биле убиени во ноќен напад од Влад III во 1462, каде што најверојатно убил 4 000 војници на Раду. Војната продолжила, Раду и неговите јаничари се снабдувале со барут и со динари, со што имале предност за подлабоко навлегување во кралството на Влад III. Раду и неговите добро опремени сили на крајот успеале да го освојат замокот Поенари, познатото засолниште на Влад III. По тешката победа Раду ја добил титулата Бег на Влашка од султанот Мехмет II . Влад III бил поразен бидејќи романските аристократи биле отуѓени од неговата политика и не го сакале бидејќи го поткопувал нивниот авторитет, им ја слабеел контролата над Влашка. Тие му се придружиле на Раду и верувале дека отоманската заштита била подобра од унгарската окупација. До 8 септември, Влад имал уште три победи. Но постојаното војување направило тој да остане без пари и повеќе не можел да ги плаќа своите платеници. Влад отпатувал во Унгарија да побара помош од неговиот поранешен сојузник Матиас Корвинус. Но наместо да добие помош тој бил уапсен и фрлен во затвор за предавство. Матиас Корвинус се плашел дека Влад III и неговите сили може да ги уништи руралните области на Унгарија со тоа што ќе ги донесе отоманците.
Првиот брак
уредиПрвата жена на Влад, според локалните легенди, била благородна жена со непознато потекло која починала кога била опсадата над неговиот замок, кој бил опколен отоманската армија која била водена од неговиот брат Раду-бег и романските јаничари. Еден шумски стрелец откако ја видел сенката на жена му на Влад на прозорот во собата на Влад испалил стрела со порака на неа дека се ближела армијата на Раду. Мекнали и Флореску објаснуваат дека стрелецот бил роднина на Влад кој ја испратил пораката од верност и покрај тоа што бил преобратен во муслиман и му служел на Раду-бег. По читањето на пораката жена му на Влад се фрлила во реката Аргеш што течела под замокот велејќи дека попрво би гниела и би ја јаделе рибите во реката отколку да биде заробена од Турците. Денес реката се нарекува Раул Доамнеи (Реката на дамата или Реката на кнегињата). Оваа легенда е единствената позната за првиот брак на Влад.
Заробеништво во Унгарија
уредиМатиас Корвинус примал финансиска поддршка од Папата за борбата против Турците. Но ги потрошил парите за сосема други работи. Сега отоманците му биле пред неговите граници, и му требало некој како изговор. Кога Влад дошол да побара помош во војната против Турците, Матиас Корвинус го уапсил со помош на лажни документи, лажно писмо дека Влад ја дава својата верност на Мехмет II и дека му ветил дека ќе му ја даде Влашка. Влад бил заробен во Оратија, замок близу мостот Поду Дамбовицеи. Потоа еден период бил во затвор во Вишеград, близу Буда, каде влашкиот кнез бил држен 10 години. Потоа го префрлиле во Буда. Точниот период на затвор е отворен за дискутирање, иако индикациите се дека тоа било од 1462 до 1474. Документи од Буда индицираат дека периодот делотворно затвореништво на Влад веројатно бил краток. Отворената про-отоманска политика на Раду како војвода веројатно придонела кон рехабилитацијата на Влад.
Вториот брак
уредиПостопено здобивајќи ја наклоноста на кралот Матиас, тој се оженил со Илона Шилаѓи, роднина на кралот, и во годините пред да биде конечно ослободен во 1474, тој живеел во куќа близу унгарскиот главен град. Околу 1465, Илона му родила два сина: постариот се викал Влад Четврти Дракула, кој своето време го поминувал крај кралот и подоцна неуспешно пробал да го добие престолот на Влашка. Помладиот син, чие име е непознато живеел со бискупот на Орадеја во Трансилванија сè до 1482, кога се разболел. Се вратил во Буда каде умрел во присуство на мајка му. Потомците на Влад и на Илона се омажиле и ожениле за унгарски аристократи.
Трето владеење и смрт
уредиНа 26 ноември 1476, Високиот совет одлучил Влад да биде крунисан. Влад почнал да се подготвува за повторното освојување на Влашка и во 1476, со унгарска поддршка, ја нападнал земјата. Третото владеење на Влад траело не повеќе од 2 месеци кога бил убиен на бојното поле против отоманците близу Букурешт во 1476. Бил вратен во Влашка и закопан. Во раните 1900-ти Влад бил откопан за истражување. Не пронашле ништо. Остатоците се пронајдени околу неговиот гроб и се сметало дека се на кнезот. Тој бил повторно закопан сè додека не го откопале повторно години потоа. Неговиот гроб е пронајден уништен и немало остатоци. Другата теорија е дека Влад бил закопан во Снагов, островски манастир близу Букурешт.
Наследство
уредиМетоди на погубување
уредиКога дошол на власт, Влад владеел со намера да се одмазди на аристократите за убивањето на неговиот татко и најстар брат. Иако на Влад му требало цела декада за тоа, тој го исполнил заветот завршувајќи ја задачата на Велигден во 1457. Постарите аристократи и нивните семејства биле веднаш набиени на колци. Помалдите и поздравите благородници и нивните семејства биле однесени северно од Тарговиште кај урнатините од замокот Поиенари во планините над Аргеш, 40 милји северно Тарговиште. Влад бил решен да го ја изгради оваа древна тврдина како негово засолниште за да може да ги надгледува движењата на унгарците што доаѓаат низ Трансилванија и Турците. Поробените аристократи и нивните семејства биле принудени да работаат додека не умрат, го граделе стариот замок со материјали од некоја руина што била близу него. Наводно тие работеле сè додека алиштата не им отпаднале од телата и потоа морале да работаат голи. Никој не го преживеал градењето на замокот, а тие што не умреле од замор биле набиени на колци. Преку неговото владеење Влад систематски ги истребил старите аристократи од Влашка. Старите аристократи нон-стоп ја поткопувале власта на кнезот за време на претходните владеења и биле одговорни за неколку преврати од минатото. Влад бил решен неговата моќ да биде со современа и темелна основа. Наместо погубените аристократи Влад промовирал нови луѓе од селаните и средната класа, кои биле верни само на својот кнез. Репутацијата на ВЛад била многу помрачна во Западна Европа отколку во Источна Европа и Романија. Славата на неговата суровост се ширела во форма на памфлет, сериозно претерана и промовирана од Матиас Корвинус. Матиас ја ширел репутацијата и кредибилитетот на Влад од политички причини: како објаснување зошто тој му помогнал на ВЛад во борбата против отоманците во 1462, за која намера тој добил пари од Католичките држави во Европа. На западот, Влад III Цепеш бил карактеризиран како тиранин кој имал садистички задоволства во мачењето и убивањето. Бројот на неговите жртви се протега од 40 000 до 100 000. Според германските приказни бројот на жртвите што тој ги убил бил најмалку 80 000. Како дополнително на тие 80 000 жртви тој уништувал и цели села и тврдини кои ги спалил. Овие бројки е веројатно дека се по малку и претерани. Злочините направени од Влад во германските приказни вклучуваат набивање на колци, измачување, палење, дерење, печење и варење на луѓе, хранење на луѓето со месото од нивните пријатели или роднини, отсекување на раце и нозе и давење. Сите овие казни главно доаѓаат поради направени работи од кои Влад не бил задоволен; крадење, лажење, прељуба. Другите методи на казна вклучување дерење на кожата на стапалата на крадците, потоа им ставале сол на нив и оставале кози да ја лижат солта. Вака Влад ги држел луѓето во ред и ги учел дека нема да се толерира крадењето на неговата земја. Тој не правел исклучоци: го казнувал секој што ќе го прекршел неговиот закон, било да е маж или жена, без разлика на возраста, религијата или општествената класа. Набивањето било претпочитаниот метод на мачење и погубување. Неговиот метод на мачење бил да ги заврзе нозете на жртвата за два коња додека остар колец постепено не бил набиван во неговото тело. Смртта со набивање била бавна и агонизирачка. Жртвите понекогаш трпеле со часови или и со денови. Влад честопати колците ги редел во различни геометриски шаблони. Највообичаениот шаблон бил прстен во концентрични кругови во предградијата кои биле метата. Висината на колецот го индицирала рангот на жртвата. Телата биле оставани да гнијат со месеци. Една од најпознатите гравури за тој период го покажува Влад како има гозба сред шума од колци надвор од Брашов, додека погубувачот ги сецка другите жртви. Ова место е најпознато како Шумата на набиените. Во таа шума има и приказна за „смислата за хумор“ на Влад: некој слуга го држел затнат својот нос и Влад додека јадел го прашал „Зошто правиш така?“ Тој му одговорил „Не можам да ја истрпам смрдеава“. Влад веднаш наредил да го набијат на највисок колец и рекол „Тогаш седи таму горе каде смрдеата не допира“. Влад се верува дека направил дури и повеќе набивања и други измачувања против отоманците. Се вели дека освојувачката отоманска војска се свртела назад уплашена откако наишла на илјадници распаднати тела набиени на бреговите на Дунав. Се вели и дека во 1462 Мехмет II, освојувачот на Цариград, човек познат по своите психолошки воени тактики се вратил назад во Цариград откако му се смачила глетката на 20 000 набиени тела надвор од главниот град Тарговиште. Голем број од тие жртви биле турски воени заробеници што Влад претходно ги заробил за време на турската инвација. Вкупната бројка на жртви во таа битка достигнала преку 40 000. Воинот султан ја предал командата на инвазијата на неговите потчинети и се вратил во Цариград, иако неговата армија била поголема и подобро опремена.
Германски приказни за Влад
уредиГерманските приказни прво кружеле во форма на манускрипт во доцниот 15 век, а првиот бил напишан веројатно во 1462 пред апсењето на Влад. Текстот подоцна бил испечатен во Германија и имал големо влијание врз мислењето на јавноста станувајќи бестселер за тоа време со бројни подоцнежни едиции. Како дополнение на манускриптите и памфлетите, германската верзија на приказните може да се најде во поемата на Михаел Беајм. Поемата била наречена "Von ainem wutrich der hies Trakle waida von der Walachei" („Приказна за лудак наречен Дракула од Влашка“), била напишана и прикажана во дворецот на Фредерик III во зимата 1463. До денешен ден се наоѓаат четири манускрипти и 13 памфлети како и поемата на Михаел Беајм. Преживеаните манускрипти датираат од последната четвртина на 15 век до 1500 година, а пронајдените памфлети датираат од 1488 до 1559-1568. Осум од памфлетите се инкунабула: испечатени пред 1501. Германските приказни за Влад се состојат од 46 кратки епизоди иако ниеден од манускриптите, памфлетите или поемата на Беајм не ги содржите 46 приказни. Сите почнуваат со приказната за стариот гувернер, Јон Хунјади, како го убил брат му и како Влад и брат му се откажале од старата нивна религија и се заколнале дека ќе ја бранат христијанската. По оваа, редоследот и насловите на приказните се разликуваат според манускриптите и памфлетите. Германските приказни најверојатно биле пишувани за политички причини, особено да се оцрни сликата на Валахискиот владетел. Првата верзија на германскиот текст најверојатно е пишувана во Брашов од саксонски сколастичар. Според истражувачите, писателот го изразил општото чувство на саксонците во Брашов. Лесно може да се разбере непријателството против Влад во однос на овие политички и културни околности. Иако постои историски бекграунд за настаните опишани во германските приказни, некои се или преувеличени или фиктивни. Унгарскиот крал Матиас Корвинус исто така имал политички причини за промовирање на сликата на Влад како зол кнез. Корвинус добивал големи финансии од Рим и од Венеција за борбата против отоманците, но поради конфликтот со светиот римски цар Фридрих III не можел да си дозволи воена поддршка за борбата. Со правење на Влад како изговор, Корвинус можел да си ги оправда причините што не земал удел во војната против отоманците. Тој го уапсил Влад и употребил фалсификувано пирсмо во кое Влад изјавувал верност кон Мехмет II, како и хорор-приказните против Влад, за да ги оправда дејствијата на Папата. Во 1462 и 1463, судот во Буда ги користел негативните приказни за Влад во средна и источна Европа, и хоророт што му се припишувал. Приказните на крајот се промениле од пропаганда во литература и станале многу популарни во германскиот свет во 15тиот и 16 век. Дел од причината за овој успех бил новиот пронајдод, печатењето, со што се овозможило текстовите да стигнат до поширока публика.
Руски приказни за Влад
уредиРуската или словенската верзија на приказните за Влад наречени „Skazanie o Drakule voevode“ („Приказната за војводата Дракула“) се верува дека е напишана некаде меѓу 1481 и 1486. Копиите се правени од 15тиот до 18 век од кои 22 постоечки манускрипта се наоѓаат во руските архиви. Најстариот од 1490 завршува вака: „Напишано прво во годината 6994 според Византискиот календар (1486), на 13 февруари; потоа транскрибирано од мене, грешникот Ефросин, во годината 6998 (1490), на 28 јануари“. Приказните за принцот Дракула не се ниту хронолошки, ни доследни, туку главно колекција од анегдоти од литературна и историска важност за Влад Цепеш. Постојат 19 анегдоти во Приказните за принцот Дракула кои се подолги и имаат поголема конструкција за разлика од германските приказни. Може да се подлеат на два дела: првите 13 епизоди се нехронолошки настани кои се најблиски со оригиналната фолклорна усмена традиција за Влад. Последните шест епизоди се смета дека се напишани од просветител кој ги собирал, бидејќи се хронолошки и се чини дека се поструктурирани. Приказните почнуваат со краток вовед и анегдотата за заковување со шајки на капите со главите на амбасадорите. Завршуваат со смртта на Влад и информација за неговата фамилија. Од 19 анегдоти, 10 имаат сличност со германските приказни. Иако постојат сличности меѓу руските и германските приказни за Влад, постои јасна разлика во ставот спрема него. Руските приказни го отсликуваат во попозитивно светло: опишан е како голем владетел, храбар и независен војник. Приказните за свирепоста се оправдуваат како дејствија на цврст владетел. Од 19 анегдоти само четири го преувеличуваат насилството. Некои елементи од анегдотите се подоцна додавани во руските приказни за Иван Грозни од Русија. Националноста и идентитетот на оригиналниот пишувач на анегдотите за Дракула се спорени. Двете најверојатни објаснувања се дека пишувачот е или романски свештеник од Трансилванија или романец или молдавец од дворецот на Стефан Велики од Молдавија. Една теорија настојува дека писателот бил руски дипломат со име Фјодор Курицин.
Легендата за вампирот
уредиНајверојатно Брам Стокер го нашол името за неговиот вампир од книгата на Вилијам Вилкинсон, An Account of the Principalities of Wallachia and Moldavia: with various Political Observations Relating to Them. Познато е дека Стокер правел белешки за оваа книга. Се вели и дека името на Влад можебу му било спомнато на Стокер од неговиот пријател, унгарскиот професор Армин Вамбери од Будимпешта. Без разлика како името дошло до Стокер, суровата историја на Влад како и да е би стигнала до него за неговите намери. Сепак, скорешните истражувања предлагаат дека Стокер всушност знаел многу малку за Принцот од Влашка. Легендата за вампирот била и сè уште е длабоко вкоренета во тој регион. Постоеле вампирски суштества во различни во разни приказни низ светот. Вампирот всушност главно потекнува од јужнословенскиот фолклор - иако најблискиот еквивалент во романскиот фолклор е поврзан со strigoi. Вистинската епидемија на вампиризмот ја опфатила источна Европа на почетокот од 17 век и продолжила и во 18тиот. Бројот на пријавените случаи драматично рипнал во Унгарија и на Балканот. Од Балканот „чумата“ се проширила западно кон Германија, Италија, Франција, Англија и Шпанија. Патниците што се враќале од Балканот носеле со себе приказни за живи мртовци, потпалувајќи го интересот за вампирите што останал до ден денес. Филозофите од Западот почнале да го студираат фенименот. Токму во тој период Лудовико Фатинели ја напишал познатата расправа за вампиризмот во Унгарија. Исто така, токму во овој период авторите и драматурзите први почнале да ја истражуваат легендата за вампирите. Новелата на Стокер била само кулминацијата од долгите серии на пишани дела инспирирани од кажувањата на Балканот и во Унгарија. Со оглед на историјата на легендата во Европа, можеби е природно што Стокер го сместил неговиот голем вампир во срцето на регионот што ја родил приказната. Чим Стокер ја одредил локацијата, Влад Дракула се издвоил како еден од најозлогласените владетели во одбраниот регион. Тој бил доволно непознат за малкумина да му го препознаат името, а и тие што би го препознале го знаеле за неговите брутални дела; Дракула бил природниот кандидат за вампиризам.
Ставот кај романците
уредиРоманскиот фолклор и литература од друга страна го отсликуваат Влад Цепеш како херој. Неговата репутација во родната земја е на човек кој застанал пред странските и домашните непријатели давајќи му речиси спротивен симболизам од вампирот на Стокер. Во Романија тој се смета како еден од најголемите водачи во историјата на земјата и се наоѓа во списокот на „100 најголеми романци“ во телевизиската серија „Mari Români“ емитувана во 2006. Современиот портрет за Влад III, откриен од романски историчари во доцниот 19 век, е приложен во галеријата на хоророт во замоко Амбрас во Инсбрук. Оригиналот е некаде загубен, но поголема копија насликана анонимно во втората половина на 16 век сега се наоѓа во истата галерија. Неговата слика во модерната романска култура се судира со странските перцепции. Последниот дел од популарната поема од 19 век на Михаи Еминеску, „Scrisoarea a III-a“, помогна околу претворањето на сликата за Влад во модерна легенда, каде тој е човек во контраст со претпоставуваниот општествен распад под Фанариотите и политичката сцена од 19 век (сугерирајќи дури и дека насилните методи на Влад би можеле да бидат лекот). Имено првиот автор да го претстави Влад како романски херој бил од Трансилванија кој веројатно никогаш не отпатувал во Влашка, тоа е Јоан Будаи-Делеану. Околу 1800-та тој напишал романски херокомична епска поема, „Țiganiada“, во која принцот Влад Цепеш е свиреп воин кој се бори против отоманците. Многу пред романската литература, ова дело, за разлика од тоа на Еминеску, останало необјавено и игнорирано речиси еден век, и не причинило никакво влијание. Сите слики за неговиот живот го покажуваат како безмилосен, но само оние што потекнуваат од саксонските клеветници го покажуваат како садист или лудак. Овие памфлети продолжиле да бидат објавувани долго по неговата смрт, иако обично само за забава наместо како пропаганда. Долго бил во заборав се доскоро кога со неговите упорни обиди против Отоманското Царство се здобил со поддржувачи, не само во денешната модерна Романија, туку и во кралствата на Унгарија, Полска и Република Венеција и на Балканот. Еден унгарски дворјански хронолог запишал дека кралот Матиас „дејствувал спротивно од општото мислење на јавноста“ во Унгарија кога Дракула бил затворен, што играло голема улога во менување на непопуларната одлука на самиот Матиас. Во тоа време, како „истакнат затвореник“, пред целосно да биде помилуван и пред да му се дозволи да ја освои Влашка, Влад бил славен како христијански херој од посетителите ширум Европа.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Влад Цепеш“ на Ризницата ? |
- Политиките на Дракула Архивирано на 12 март 2008 г.
- Влад Цепеш — Дракула, помеѓу хеорој и вампир
- Влад Цепеш, историски Дракула
- Влад III Дракула
- Биографија на Влад III
- Приказната за Дракула Архивирано на 9 април 2008 г. - руски ракопис од 1490 со превод на англиски (документ)
- Вистинскиот живот на Дракула
- Dark Prince: Вистинската приказна за Дракула (2000) (ТВ)
- Пари за Влад III
Влад Цепеш Роден(а): 1428–1431 Починал(а): 1477
| ||
Владејачки титули | ||
---|---|---|
Претходник Владислав II |
Војвода на Влашко 1448 |
Наследник Владислав II |
Војвода на Влашко 1456–1462 |
Наследник Раду III | |
Претходник Басараб III |
Војвода на Влашко 1476 |
Наследник Басараб III |
- ↑ Florescu, Radu R. and McNally, Raymond T. (1989). Dracula: Prince of many faces. Little, Brown and Company. ISBN 0-316-28656-7.