Вики (/ˈwɪk/) — мрежно место каде е овозможено корисниците да додаваат, отстрануваат или уредуваат содржини преку својот прелистувач, понекогаш без потреба од регистрирање, со користење едноставен јазик за означување или семрежен уредувач на текст. Леснотијата на заемодејството и користењето го прави викито делотворна алатка за соработувачко создавање содржини. Терминот вики може да се однесува на самиот соработувачки софтвер кој ја овозможува работата на такво мрежно место, или на определени конкретни вики мрежни места, како информатичкото мрежно место (и првобитен вики) WikiWikiWeb, или енциклопедиите на интернет од типот на Википедија.

Вард Канингем, промоторот на викито
Знак за автобуската линија „Вики Вики“ на Меѓународниот аеродром во Хонолулу.

Името на првиот софтвер наречен вики — WikiWikiWeb, му го дал неговиот автор Вард Канингем. Канингем се сеќавал дека на Меѓународниот аеродром во Хонолулу еден шалтерски службеник го посоветувал да се качи на автобуската линија „вики-вики“ која сообраќала меѓу терминалите. Според Канингем „го одбрав вики-вики како алтернатива за „брзо“ и така избегнав да го наречам ова брз-веб.“ „Вики-вики“ е удвојување на „вики“, хавајски збор што значи брзо или бргу. Зборот понекогаш се користи и како бекроним за „она што го знам е“, што опишува функција на споделување, чување или размена на знаење.

Според Канингем, идејата за „вики“ потекнува од софтверот HyperCard што го напишал во доцните осумдесетти години. Во доцните деведесетти, се јави растечко прифаќање на викијата како потенцијално делотворен начин за развој на приватни и јавни бази на знаења, и овој потенцијал ги инспирираше основачите на енциклопедискиот проект Nupedia, кој подоцна прерасна во Википедија. Во првите години на XXI век, викијата беа прифатени во рамки на претпријатија како колаборативен софтвер. Често се употребуваа за комуникација на проекти, интранети и документација, во прво време на технички теми. Во декември 2002 година Socialtext го објави првото комерцијално вики решение со отворен код. Во текот на овој период, софтвер за вики со отворен код беше широко достапен, симнуван и инсталиран. Денес некои компании користат вики како нивен единствен колаборативен софтвер и како замена за статични интранети. Вики софтверот наводно повеќе се користи зад огнени ѕидови во приватни мрежи отколку на јавниот интернет.

Типично работење на вики мрежно место

уреди

Вики е мрежно место што може да се уредува без познавање на HTML. Повеќето такви имаат систем за следење на промените со зачувување на претходните верзии, кои може да бидат вратени. Еден систем врз основа на вики може да содржи различни алатки, направени да овозможат на корисниците постојано следење на промените како и да дискутираат многу од неизбежните прашања поврзани со ваквата дејност, пред сè несогласувањата околу содржините. Содржините на вики може да се несоодветни, а понекогаш некои корисници случајно или намерно објавуваат и неточни информации.

Многу јавни вики мрежни места дозволуваат целосно неограничен пристап за луѓето да може да придонесат без да мора да поминат процес на „регистрирање“, за разлика од други интерактивни мрежни места како форуми или мрежни места за разговор (чат). Многу корисници ова го сметаат за пријатно изненадување.

Вандализам

уреди

Отворената филозофија на вики мрежните места, односно дозволувањето секому да ги уредува содржините, не секогаш има за последица добронамерни интервенции. Вандализмот на вики е проблем за сите вакви мрежни места. Пристапот преку кој е лесно да се исправи направена штета наместо да се вршат обиди за нејзино спречување се нарекува „мека сигурност“. Многу од уредниците на вики мрежните места се покажале дека имаат добри намери, иако на поголемите мрежни места може да поминат подолги периоди во текот на кој вандализмот поминува незабележано. Друга негативна страна на вики мрежните места е тролувањето.