Википедија:Избрана статија/2012/44
Внатрешната македонска револуционерна организација била македонска револуционерна организација која постоела во периодот меѓу 1919–1934 година. По завршувањето на Првата светска војна започнало политичко групирање и организирање на македонската емиграција во Бугарија. Отука, кон крајот на 1919 година била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Главна цел на оваа организација била автономијата или независна Македонија, односно создавање на самостојна македонска држава.
По потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија, март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот Сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.
Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифест од страна на Александров, Протогеров и Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи. Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција. (Дознајте повеќе...)