Синдромот на стекнат имунолошки дефицит е болест која претставува последен стадиум на ХИВ вирусот кој се одликува со прогресивно слабеење на имунолошкиот систем со што пациентите се подложени на голем број инфекции и тумори. Сидата е акроним на францускиот назив за синдром на стекнат имунолошки дефицит (фран. Syndrome d'immunodéficience acquise), а AIDS потекнува од англискиот назив Acquired Immunodeficiency Syndrome.

Постои разлика помеѓу поимите - ХИВ позитивно лице и лице болно од СИДА. Тоа се две поврзани но различни работи кои често погрешно се поистоветуваат. ХИВ позитивното лице е заразено од ХИВ вирусот што не значи дека има сида. До појавата на болеста може да помине период од две до десет години. ХИВ позитивно лице може да изгледа потполно здраво, способна за физичка работа или било која друга активност.

Вирусот најчесто се пренесува преку полов однос, а има случаи каде што е пренесен преку доаѓање во контакт со заразена крв, преку заразена мајка во текот на бременоста(каде што вирусот се пренесува на детето), преку доење на дете од страна на заразена мајка, пораѓање итн. Вирусот не може да биде пренесен преку секојдневните социјални контакти, ниту преку животни. Со цел за превенција, во многу земји ширум светот се спроведуваат различни активности во едукацијата на луѓето за начинот на пренесување на вирусот и мерките кои се преземаат за да не би дошло до инфекција.Засега не постои лек или вакцина кои загарантирано можат да го излечат вирусот. Сепак, антиретровиралните лекови можат да го продолжат периодот на траење на инфекцијата пред нејзиното мутирање во фаза на сида. (Дознајте повеќе...)