Вардар (песна)
Вардар — песна од Анте Поповски од збирката поезија „Света песна“ составена од 40 пеења и над 22 илјади песни, објавена во 2001 година.
Автор | Анте Поповски |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | песна |
Издавач | МАНУ |
Издадена | 2001 |
Песна „Вардар“
уредиВоѓе, бели воѓе
кај црна црните?
Од вас до мене
од мене натака
кого барате?
Под дното ви бездна небид
врз ви мост – копја и векови...
Воѓе, бели воѓе
кај црна црните
кого барате?
Копје па маж. Копје па маж
– брегови.
Од брег на брег, од ноќ до ноќ
– прегрнати.
Земја ако не остане
на дланки корита имаме
– течи ни.
И нас ако не не би
вода престори не
па секни, пресуши!
Времиња, никој пат не ве напуштил,
никој пат не ќе пресуши.
Ако го снема меѓу бреговиве
ќе потечеме по планињено.
Ако не стигнат планини
– од нас направете.
Времиња
никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши
нашиов вруток-Непокор.
Имам јас жили и добрина
векови за да векувам.
Сум поел волк и волк ме хранел
на дланкиве пролет ми умирала.
До што е корен и камен
до што е далга и ноќ
сум израснал...
Мајка ми е – сам од века
татко – би ил не.
Ми недостасуваше колено
од своето небидие помаж.
Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене
и молчи.
Подај ми ја раката
јас мојата ќе ја кренам
вишно стебло врз жилав корен да врзе.
Ти што седиш на брегов мој
ела среде мене и молчи.
Ќе те понесам длабако.
век да векуваш.
Ако те разјадат некојпат забиве мои
на брег ќе те фрлам
зошто си си?
Само две раце имам
и едно исушено тело
чекање:
Илјаден да сум – мал да не сум
за една капка тебе
Македонија.
Прости, само две раце имам
два далечни брега
и нашата неразделност – меѓу.
На оваа река и израснаа раце
камен од својата робина да прави
и мост од каменот.
Спои овој мост два брега
нашето небидие – и нас.
Тече оваа река по твоите натколеници
нагоре
и ако некојпат останеш без небо
ќе израсне мостот
повисоко од сите векови
и пепелта твоја да ти се поклонува.
Ќе дојде време
овој камен и овој рид
кога не ќе бидат.
Ќе дојде време ова море и ова дно
кога не ќе бидат.
Ќе дојде време
и јас крај тебе
да не бидам.
Што да жалам
долу ќе ми бидеш
и камен и море и рид и дно
сите времиња ги надви!
Ќе дојдете вие плеќести црни мажи
и деца и неба и птици
на овие брегови
Трпко и ден и ноќ и ден и ноќ
да не барате нас мажи
и деца и неба и птици
Вардар престорени и мостје црно
од грижи
дали ќе се најдеме
ние што го извишивме овој мост
за нови плеќи
и вие што ќе го извишите.
Дојдете вие плеќести црни мажи
деца и неба и времиња
-по коритото на оваа река
да потече и вашата судбина
на месото на овој мост
извишен над вашето небидие
да си прочитате:
векувајте со мене!
Води до него пат
внук деда внук внука
кај остава.
Сам одиш
друг ќе родиш
друг ќе роди
одиш
одиш
небидеш
и пак одиш …
Има еден пат
од внуци и внуци
непреод.
Зарамнети брегови безгрижие
ти ли си сон ли е
што ли е?
Првпат дете.
Тополи в лулка те легнале
слатко те успале…
Луно, златна луно
седни на брег чувај го
ако се разбуди – буди ме.
Критички осврт
уредиПоезијата на Анте Поповски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент пред универзалното, тој бил поет на својот народ, на Македонија. За него, Македонија е географски малата, а културно и историски огромната, библиската земја. Тој нè учи како да ја сакаме, како да ја чувствуваме, и како да се гордееме со неа[1].