Вакаф (Шар Планина)
Вакаф — предел со помала долина и висорамнина на Шар Планина недалеку од Попова Шапка, во северозападниот дел на Република Македонија. Се наоѓа во средишниот дел на Шар Планина веднаш под огранката која што се протегнува од Титов Врв до над самиот скијачки-центар Попова Шапка, односно во пределот помеѓу гребенот на врвовите Бакардан на југозапад и Орлова Стена и Син Врв на североисток, при што кон запад е затворена со гребенот на оваа огранка, а кон исток е отворена кон Полог. Надморската височина се движи од 2361 метар надморска височина на запад со постепено снижување до зарамнетитот висорамнински предел кој завршува со котата со височина 1892 метри. Во самата долина има повеќе силни извори на вода, помеѓу кои и познатиот Вакафски извор, а се наоѓаат и Вакафските Бачила крај колскиот пат кој води од Попова Шапка. Низ долината Вакаф минува и познатата планинарска „Вакафска патека“ која се користи за искачување на Титов Врв во летни услови. Во овој предел минуваат и планинарските патеки за Боговињското Езеро и врвовите Трпезница и Џинибег, а минува и патеката за планинскиот велосипедски маратон „Шарски води“. Името потекнува од зборот вакаф што значи задужбина основана во побожни, просветни или добротворни цели.