Божин Проданов
Божин Димитров Проданов (Солун, 12. XII. 1871) е познат македонски патриот и активист на македонската емиграција во Бугарија.
Божин Проданов | ||
Роден | 12 декември 1871 Ватилак, Солунско | |
---|---|---|
Починал | ? ? |
Животопис
уредиБил учител по професија и активен член на Македонската Револуционерна Организација во Егејскиот дел на Македонија. Во 1907 станал член на Околискиот комитет во Солун. По емигрирањето во Бугарија, во периодот меѓу двете светски војни, Проданов е активен меѓу македонската емиграција. Пишува статии за македонската револуционерна борба и се обраќа до бугарската и меѓинародната јавност за решавање на македонското прашање. Во јули 1945 година бил избран како советник во раководството на Илинденската организација во Софија и во тој период бил еден од најголемите поддржувачи на НР Македонија во рамките на ФНРЈ. Организацијата го исполнила ветувањето и посмртните останки на Гоце Делчев биле пренесени во Македонија.
Во периодот меѓу двете светски војни во Бугарија егзистираа голем број македонски организации, но со превратот од 19 мај 1934 година, особено прогресивните организации на македонската емиграција беа изложени на удар. Посебно овој притисок се зголемува по Бугарско-југословенскиот пакт за вечно пријателство кој потпишан во март 1937 година во Белград, а македонските братства биле изложени на посебна контрола и цензура. Имено, годишнината на важните историски настани од македонската историја, македонската емиграција во Бугарија ги евоцира во своите изданија, не само да се потсети на македонската револуционерна борба, туку за правилно толкување и определување на нивното место, како и за извлекување на соодветни поуки и насоки за натамошно културно-политичко делување. По повод одбележувањето на 35 години од Илинденското востание беше издаден зборник „Илинден 1903“, во кој беа поместени сеќавања, прилози и статии на познати македонски дејци, писатели, новинари итн. Слични периодични изданија имаа и неколку други македонски братства во Бугарија, а Кукушкото братство неколкупати ја одбележувало смртта на Гоце Делчев со печатење на посебен весник „Гоцев лист“. Во 1938 година, по повод убиството во Баница, бил подготвен весник за Гоце Делчев со документи, сведоштва и спомени на луѓе кои го познавале или работеле со него. Во него биле изнесени позициите на македонската интелигенција и биле важни сведоштва за македонскиот народ. Во весникот јасно и прецизно се изнесуваат погледите и стратегијата на Гоце Делчев за националното ослободување на Македонија: „Гоце Делчев не беше марксистички деец од типот на Благоев и Кирков, туку огнен националреволуционер. Кон крајот на XIX и во почетокот на XX век во Македонија претстоеше не социјалистичка туку национална револуција. Гоце Делчев правилно го сфати тоа и бестрашно ги направи потребните чекори“. Весникот за Гоце го подготвувал Ангел Динев и неколку други познати македонски публицисти. Во него биле објавени текстовите „Гоце и народната борба“ од Божин Проданов, „Делчев апостолот“ од Стефан Аврамов, „Јаворов за Гоце Делчев“, како и белешка од редакцискиот одбор за дејноста на Гоце Делчев, како и статијата „Гоце Делчев како националнореволуционерен стратег“. Согледувајќи дека во весникот единствено се зборува само за македонска нација и македонски народ, бугарската цензура го забранила за печатење, а единствениот оригинален отпечаток од весникот би спасен од Димитар (Митко) Зафирофски. По овој повод Божин Проданов во мај 1938 година упатил писмо до министерот за внатрешни работи и народно здравје на Бугарија преку претседателот на XXI редовно (обично) Народно собрание на Бугарија[2]. Истата година Божин Проданов, Павел Шатев и Туше Деливанов се обраќаат до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање, притоа воочувајќи дека по насилен пат Македонците се поделени без да бидат прашани дали сакаат да бидат во владение на оваа или онаа држава“. Како следбеник на Гоцевата идеја Божин Димитров Проданов во јануари 1940 година со писмо се обраќа и до д-р Влатко Мачек во кое го поздравува потпишувањето на спогодбата од август 1939 година со која треба да се преуреди тогашна Југославија врз основа на национална рамноправност и демократска управа. Во писмото Проданов се надева и укажува дека со давањето и спроведувањето во дело на демократски права и слободи за сите народи може да дојде до обединување не само на сите народи во Југославија, туку нивното единство ќе го осигура и процесот на осојузување на сите Балкански народи. Повеќе од седумдесет години демократските процеси на Балканот се закочени. Тој е разединет и денес целосно не интегриран во ЕУ и НАТО. Македонското прашање е централно и се` уште целосно нерешено. Прашањето на Божин Димитров Проданов дали постои клаузула што ги засегнува легалните пројави на Македонците во името на нивната татковина и нејзиното дело поставено во 1938 година и ден денес не е одговорено од нејзините соседи и меѓународната заедница. Сето тоа го прави Балканот мек стомак на Европа.
Писмо на Божин Проданов до министерот за внатрешни работи и народно здравје на Бугарија
уреди„Господине Министре,
Војните, кои во блиското минато им донесоа толку несреќи на сите балкански народи, уште поголеми несреќи им донесоа на синовите на Македонија. Последните, поттикнувани од љубовта кон својата татковина и слободата, поттикнувани од стремежот за подобар живот и спокојство, за да можат спокојно да творат и да придонесат за општочовечката култура, со децении се бореа. Се бореа херојски, упорно. Се дадоа со десетици илјади жртви. Со потоци од крв се освети таа борба. Со десетици светци-херои се издигна таа. Наместо слобода, војните и донесоа на Македонија поголемо ропство. Стотини илјади Македонци беа протерани од нивните родни огништа и прифатени од братскиот бугарски народ. И покрај страшните доживувања, и покрај исходот толку несакан од синовите на Македонија, последните продолжуваат да ја љубат својата татковина, длабоко да ги почитуваат своите херојски борци од блиското минато, како светиња да ги слават своите херои. Тие бараат и имаат право јавно и слободно да ја изразуваат љубовта кон својата татковина, почитта кон своите херoјски борби, кон народните херои и водачи. Една десетлетна традиција во името на горното им го оставила правото на слобода на здружување, на зборот, на собранието преку кои да можат да се воспитуваат во горниот дух и да го поддржуваат идеалот во името на кој ја пролејаа својата крв нашите браќа, нашите татковци, нашите синови. Љубовта кон нашата земја, нашата желба да ги поддржуваме традициите од нашето минато и идеалите на нашите херои - предци, не претставува предизвик за никој од балканските народи. Оние што исто така ја љубат својата татковина, своето борбено минато, своите народносни идеали, своите херои, не би ни го оспориле и нам тоа право, кое ги влечеше до сега крвавите расправии на Балканот. Меѓутоа, од извесно време владата ни го одзеде тоа право. На Македонците им е одземено правото да имаат една општа организација претставена од еден Национален комитет, слободно избран на конгресот на братствата. Одземено им е правото на младинска организација, преку која единствено младината би се запознала со нашето славно минато и неговите идеали, би ги запознала и засакала неговите херои, би се напојувала со љубов кон својата татковина. Се забранува секоја печатна активност, дури се забранува традиционалниот лист во чест на Гоце Делчев, се забранува скоро секоја јавна пројава, дури празнувањето на Илинден, животот на одделните братства е под строг карантин. Факт е дека во блиското минато наши одделни лица од македонските средини, поткрепувани и поддржувани од разни сили на денот, целата политичка мудрост ја наоѓаат во бомби фрлање, во атентати и провокации, правени со цел да се заоструваат односите меѓу Бугарија и една соседна држава и да предизвикаат опасни ситуации. Факт е и тоа дека истиве живееја со донкихотовска илузија да ја свртат токму во тој правец надворешната политика на Бугарија. Истите тие низ една свирепа диктатура во легалните македонски организации задушуваа секаква слобода на мислата и зборот и организираа трагични братоубиствени касапници, кои го компромитираа македонското име и чест. Таа политика никогаш не била сакана и примена од македонските маси; со неа тие одамна ќе се пресметаа доколку не беше поддржувана од други силни фактори. Негирајќи ја таа политика и сметајќи го законско правото на Македонците да се здружуваат и да мислат раководени од љубовта кон својата татковина и нејзините борби и идеали, прашуваме: Господине Министре, 1. Дали мисли(те) на Македонците да им се даде можност слободно и здружено да ги разгледуваат прашањата што се од интерес за нивната татковина, со тоа што ќе им се обнови правото на конгрес на братствата и избор на Национален комитет, правото на постоење на македонската младинска организација и други растурени организации, кои низ една заемна трпеливост и демократичност да ја изразат својата љубов и да му служат на делото на својата татковина. 2. Има ли во Бугарско-југословенскиот пакт за вечно пријателство клаузула што ги засегнува легалните пројави на Македонците во името на нивната татковина и нејзиното десетлетно дело“.
Цитати
уреди- „Македонскиот народ денес е расцепкан од "миротворците" на Балканот - Грција, Србија и Бугарија... Новите владетели на Македонија ги гонат носителите на македонската национална мисла, и со тоа ја уништожуваат полувековната националноослободителна борба на Македонците." [3]
- „Македонското прашање произлезе од борбата на македонскиот народ за слобода и независност!" [4]
Наводи
уреди- ↑ Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање.
- ↑ „Документи“, Том Втори, Скопје, 1981, стр. 54 -56
- ↑ Објаснување од македонската јавност до светското јавно мислење (Обраќање на Павел Шатев, Петар Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ), стр 2
- ↑ Објаснување од македонската јавност до светското јавно мислење (Обраќање на Павел Шатев, Петар Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ), стр 3