Билбо Багинс (англиски: Bilbo Baggins) е главниот лик и носител на дејството во романот Хобит на Џ. Р. Р. Толкин и еден од споредните ликови во романот Господарот на прстените. Тој е најзначајниот и најпознатиот Хобит во Средната Земја и еден од носителите на Единствениот Прстен. Билбо е претставен како автор на делото Хобит, дел од историската книга Црвената Книга на Вестмарч, која всушност претставува збирка на историски раскази што ги собирале хобитите во Средната Земја.

Животот на Билбо во делата на Толкин

уреди

Хобит (До таму и назад)

уреди

Во Хобит[1], Билбо е претставен како 50 годишен хобит, кој живее во својата луксузна хобитска дупка, изградена од неговите родители Банго Багинс и Беладона Тук, на Ридот. Навидум тој изгледал како обичен мирен хобит, без никогаш да направи нешто неочекувано, не впуштајќи се во никакви авантури и уживајќи во секојдневието (како што впрочем и се опишани неговите предци, Багинси од Ридот). Сѐ се менува кога еден ден, не по своја волја, волшебникот Гандалф и 13 Џуџиња предводени од нивниот крал Торин Дабовштит, ќе го вовлечат Билбо како „провалник“ во нивната мисија за враќање на одамна загубеното богатство чувано од змејот Шмауг. Билбо е првиот хобит што се впушта во толку непредвидлива и опасна авантура далеку од Ридот и родниот Шаер.

На патот преку Ривендел, Магливите планини и црната шума Мирквуд, Билбо се соочува со различни опасни ситуации и суштества како што се средбите со тролови, огромни пајаци, орли, гоблини, волци, но и најинтересната и најважната средба со необичното, лигаво суштество по име Голум, во неговата пештера во Магливите планини. На оваа средба Билбо ќе успее да го надитри Голум и да избега од планината жив така што ќе го искористи магичниот прстен што дава невидливост, кој случајно го нашол лутајќи низ пештерата. Овој прстен (како што се дознава во делото Господарот на Прстените) има всушност огромна мрачна моќ, и неговото уништување е клучот во победата над мрачниот Господар Саурон.

Билбо ги користи невидливоста што му ја дава прстенот да ги спаси џуџињата од пајаците и да ги извади од затворот на Елфите, како и за да влезе во пештерата со златото на Шмауг. Пред крајот, тој се обидува да ја спречи војната така што ќе го земе украдениот Светокамен од џуџињата и ќе го подари како компромис на нивните непријатели. Тоа ќе го разгневи Торин, но подоцна ќе му прости кога ќе се сретнат моменти пред неговата смрт.

Со оваа авантура Билбо ја губи почитта од другите хобити на Ридот, меѓутоа стекнува смелост, мудрост, самоувереност, безбројни пријателства, скапоцени подароци направени од Елфите и Џуџињата, како и огромен број приказни, кои ги запишал во својата книга Хобит.

Господарот на прстените

уреди

Дружината на прстенот[2] започнува со заедничка роденденската прослава на 111-тиот роденден на Билбо Багинс и 33-тиот роденден (годината во која хобитите стануваат полнолетни) на неговиот внук и наследник Фродо (Брендибак) Багинс (60-тина години по дејствието во книгата Хобит). Билбо сѐ уште го чува прстенот за чии моќи тој не е свесен (Гандалф со своето истражување ќе открие дека е Единствениот Прстен на мрачниот Господар Саурон од Мордор) и го користи само за да исчезнува и да се скрие од своите здодевни роднини Алчко-Багинсови. Поради моќта на прстенот тој сè уште изгледал како да има 50 години.

Ноќта на прославата, Билбо, по неговиот говор пред целиот Шаер, го става прстенот на раката и исчезнува со намера да замине засекогаш. При напуштање на својата хобитска дупка ќе го сретне Гандалф, кој со потешкотии ќе успее да го убеди Билбо да му го остави прстенот на Фродо и да замине без него, со што станува првиот сопственик што добороволно се откажал од него. Од тој момент Билбо заминува за Ривендел и никогаш повеќе не е виден во Хобитон, препишувајќи го својот дом Баг Енд и сè што поседува на Фродо.

По краток одмор во Ривендел Билбо ќе замине во посета на џуџињата во Дејл, по што тој повторно ќе се повлече во Ривендел каде поминува 17 години пишувајќи за своите авантури во Црвената книга на Вестмарч, преведувајќи книги од елфски јазик, како и пишувајќи песни и поеми од кои најпознати биле поемата која ја напишал за Арагорн и поемата за Еандрил.

Кога Фродо и дружината ќе дојдат во Ривендел, ќе се сретне со Билбо кој веќе бил видно остарен, откако делумно се ослободил од магијата на Прстенот, иако дел од него сѐ уште го посакувал. Откако ќе дознае дека Фродо е на мисија да го уништи прстенот, Билбо, за негова заштита, му подарува меч и панцир направен од митрил по што Фродо заминува, а Билбо останува во Ривендел.

Како еден од носителите на прстенот Билбо заминува во Земјата на бесмртните каде достигнува возраст од 131 година со што станува најстариот хобит што живеел во Средната земја. Тој со брод во придружба на Фродо, Гандалф, Елронд и Галадриел заминуваат од Средната Земја. Оттогаш не се знае ништо повеќе за него, но се претпоставува дека (бидејќи сепак бил смртник) починал во Валинор.

Опис на ликот

уреди

Билбо е кроток, друштвен хобит кој ужива во храната, пиењето, пушењето луле и дружењето со пријателите, но и во гостопримството кон странците. Како дете на Тук и на Багинси, две семејства со соема спротивен карактер и особини (фамилијата Тук биле со авантуристички дух, додека Багинси биле мирни и го сакале секојдневниот живот), Билбо имал две страни на својот карактер. Иако сака мирен живот, во него прикриено гори желбата за авантура.

Духот кој го наследил од мајка му Тук на крај сепак преовладува во него што ќе го натера да го остави својот спокоен хобитски живот зад себе.

Наводи

уреди
  1. Tolkien, J. R. R. (1937). The Hobbit. George Allen & Unwin.
  2. Tolkien, J. R. R. (1987). The Fellowship of the Ring, The Lord of the Rings. Boston: Houghton Mifflin. ISBN 0-395-08254-4.