Бележникот
Бележникот (англиски: The Notebook) — романтична драма од 2004 година режирана од Ник Касаветес и заснована на истоимениот роман на Николас Спаркс. Главните улоги во филмот ги играат Рајан Гослинг и Рејчел Мекадамс како млад пар кој се заљубува во 1940те години. Нивната приказна на денешен ден постар човек (го игра Џејмс Гарнер) ѝ ја раскажува на постара жена (ја игра Џина Роуландс, која е всушност мајка на Касаветес).
Содржина
уредиФилмот започнува со сцена во која еден возрасен маж, од тетратка ѝ чита приказна на една возрасна жена, приказна за двајца млади љубовници, Ели и Ноа. Приказната започнува во летото 1940 година, во Сибрук, Јужна Каролина. Ели Хамилтон (Рејчел Мекадамс), е девојка од богато семјество, која за време на летото престојува во Сибрук. На еден карневал, Ели го запознава Ноа (Рајан Гослинг), момче кое живее во градот и работи во дрвена мелница. Преку летото, Ноа и Ели страсно се заљубуваат и секој миг го поминуваат заедно.
По некое време, Ели и Ноа ја прекинуваат врската, но веднаш сфаќаат дека донеле погрешна одлука. Следниот ден, Ели и нејзиното семејство заминуваат од Сибрук. Ноа станува очаен. Цела година тој ќе ѝ пишува на Ели по едно писмо на ден, но нејзината мајка ќе ги сокрива. Поради тоа, Ели не му враќа на писмата и Ноа се сели во Атланта. По нападот на Перл Харбор, тој се приклучува во армијата, во втората светска војна, додека Ели се запишува на колеџ.
Додека е на колеџ, Ели волонтира како медицинска сестра и им помага на ранетите војници. Тогаш го запознава повредениот Лон Хемонд (Џејмс Мардсен), млад, згоден, шармантен маж, кој потекнува од богата фамилија. Лон и Ели се свршуваат. Во меѓувреме, Ноа се враќа дома. Татко му на Ноа го пречекува и му соопштува дека ја продава својата куќа, па Ноа ќе може да ја купи старата плантажа Виндсор (старата, напуштена куќа, за која Ноа ѝ вети на Ели дека ќе ја обнови, за тие да можат да живеат таму заедно). Додека е во посета на Чарлстон, Јужна Каролина, Ноа ја здогледува Ели на улица. Тој гледа како таа влегува во ресторан и ѝ се насмевнува, но тогаш забележува дека Ели се бакнува со Лон. Ноа потиштен, ја обновува старата куќа, со надеж дека ако го исполни ветувањето кое ѝ го дал, таа ќе му се врати. Веднаш штом завршува со изградбата на куќата, Ноа пробува да ја продаде, но не може да се одвои од неа.
Во сегашноста пак, е сосем очигледно дека возрасната жена е Ели, а раскажувачот на приказната е Ноа. Возрасната жена, не ги препознава членовите на нејзината фамилија, поради болеста која ја поседува.
Понатаму филмот се враќа во 1947 година. Додека ја пробува својата венчаница пред своето семејство и пријателите, Ели го здогледува Ноа и неговата куќа во весник и се онесвестува. По долго размислување, таа одлучува да го посети. Ноа и Ели разговараат, вечераат и Ели му кажува дека ќе се венча. Тие заедно се враќаат во спомените. Кога доаѓа моментот Ели да си замине, Ноа ја замолува да дојде утре пак и дека има изненадување за неа. Следниот ден, Ноа ја носи Ели на езерото, во кану, во живописно опкружување. Почнуваат да разговараат. На патот кон дома, почнува да врне. Ели се вознемирува и бара од Ноа да ѝ каже зошто никогаш не ѝ пишал. Ноа и кажува дека ѝ пишувал секој ден, цела година. Тој ѝ вели: “Тогаш не беше готово, сè уште не е готово.“ Страсно се бакнуваат, одат во куќата и водат љубов. По поминати два дена во страст, додека Ноа не e во куќата, се појавува мајката на Ели и ѝ кажува дека Лон ја следел до Сибрук. Потоа ја носи Ели до складиштето за дрва. Мајката ѝ објаснува, дека и таа исто така имала летна романса и дека понекогаш, пак го сретнува нејзиниот поранешен љубовник. Кога се враќаат во куќата на Ноа, мајката на Ели ѝго подава купот од 365 писма, кои Ноа ги има напишано и ѝ кажува на Ели дека се надева дека ќе го направи правилниот избор. Ели му објаснува на Ноа дека Лон е во градот и дека изминатите неколку дена биле прекрасни, но многу неодговорни. Ноа станува бесен, ја убедува дека го сака Лон само поради неговите пари и ѝ кажува дека ако замине, ќе ја мрази засекогаш. Вели дека ако навистина го сака Лон треба да замине. Ја изгубил еднаш, ќе може да го направи тоа повторно. Збунета, Ели заминува.
Избезумена, Ели го сопира автомобилот и го чита прошталното писмо од Ноа. Вози до хотелот во којшто престојува Лон, за да разговараат за тоа што се случило. Ели кажува дека е правилно да остане со Лон и се претпоставува дека така и ќе биде. Меѓутоа следи друга сцена. Ноа слуша звук од автомобил кој доаѓа однадвор. Станува и гледа дека тоа е всушност Ели, која го оставила Лон и му се вратила нему.
Наредната сцена е повторно во сегашноста. На Ели ѝ станува јасно дека таа и Ноа се ликовите од приказната. Но тоа трае само неколку минути и таа повторно заборава на се’. Малку подоцна, истата вечер, Ноа погледнува во тетратката и тогаш ние дознаваме дека приказната ја напишала Ели. На корицата од тетратката напишала: “Читај ми го ова и јас ќе ти се враќам секој пат”.
Наредното утро, медицинската сестра го наоѓа Ноа во критична состојба. Доживеал срцев удар, но преживеал. Се прикрадува во собата на Ели, кога се враќа од болницата. Таа сега се сеќава на него и го прашува дали нивната љубов е доволно јака за да направи чудо и да ги однесе заедно. Ноа ѝ вели дека нивната љубов може да направи сè што тие ќе посакаат. Следното утро, ги наоѓаат мртви, заедно, мирно легнати, држејќи се за раце. Филмот завршува со сцена од јато птици кои летаат преку езеро.
Улоги
уреди- Рајан Гослинг како Ноа Калоун
- Рејчел Мекадамс како Елисон „Ели“ Хамилтон
- Џејмс Гарнер како стар Ноа Калоун
- Џина Роуландс како стара Ели Калоун
- Џоун Ален како Ен Хамилтон
- Џејмс Марсден како Лон Хемонд
- Џејми Браун како Марта Шо
- Сем Шепард како Френк Калоун
- Дејвид Тортон како Џон Хамилтон
- Кевин Коноли како Фин
- Хедер Валкист as Сара Тафингтон
- Ед Грејди како Хари
- Оба Бабатунде како водач на бенд
- Марк Џонсон како Фотограф
- Старлета Дупоа како сестра Естер
Критики
уредиКритичарите дадоа позитивни оцени за филмот. 52% од критичарите дадоа оцени за филмот, врз основа на 149 критики. Роџер Еберт од весникот Chicago Sun-Times му даде на филмот три и пол од вкупно четири ѕвезди. Според него фотографијата е впечатлива со богати ефекти, а за глумците вели дека се од Бог благословени.
Надворешни врски
уреди- Матична страница
- Бележникот на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Бележникот на Box Office Mojo
- The NotebookБележникот на Rotten Tomatoes.
- Бележникот на Metacritic